Младите претприемачи од средното техничко училиште во српскиот град Нови Пазар за само два месеца успеале преку своите две фирми да заработат преку 800.000 динари (7150 евра), јавуваат српските медиуми.
Учениците ги основале двете претпријатија: „Не им ја земајте насмевката на децата“ и „Ова за она“ како дел од практичната настава. Првата фирма се занимава со производство на метални столчиња, додека втората произведува направа за игра во песок која учениците самите ја осмислиле. Со продажбата на овие предмети, учениците ја збогатиле школската каса за 800.000 евра, а се очекува оваа цифра да се искачи и до десет илјади по три месеци од работата на ученичките компании.
„Идејата ми беше да ги организирам децата во две одвоени компании, како меѓу нив би се развивал натпреварувачкиот дух и навистина се покажа дека конкуренцијата е голема мотивација. За програмата се пријавија триесетина ученици, но кога требаше да се работи, третина од нив се откажаа“, вели Мирза Шемсовиќ, наставникот – ментор на учениците – претприемачи.
Тој вели дека децата имале одлични идеи и само требало некој да ги насочи. Столчињата ги продавале во други училишта, а побарувачката била толку голема што морале за кусо време да произведат 500 парчиња. Играчките, пак, ги нуделе на сите детски игралишта. „Штом малите деца ќе ја испробаа направата, не се одвојуваа од неа се додека мајката не им ја купи“, вели Шемсовиќ, објаснувајќи го успехот на училишните компании. Со оглед на тоа што школските фирми во Србија не се препознати како вистински претпријатија, парите наместо како џепарлак за младите претприемачи, завршиле во буџетот на училиштето.