Средствата што се издвојуваат од буџетот за образование меѓу најниските во Европа

Буџетот за образование во Република Северна Македонија е прилично недостапен и нереализиран. Средствата што се издвојуваат од државниот буџет во образование се меѓу најниските во Европа – изнесуваат околу 3,7% од БДП и само четири европски земји имаат пониско ниво. Сето ова влијае врз квалитетот на образованието, но и врз вкупниот општествен развој.

Ова денеска беше заклучено на прес-конференцијата на Независниот академски синдикат (НАкС) во „Кино Култура“, каде беа презентирани резултатите од првата фаза од истражувањето „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и наука во РСМ“.

Бранимир Јовановиќ ги презентираше своите сознанија што произлегуваат од компаративната анализа на структурата на буџетот во изминатите девет години. Тој нагласи дека над 30 европски земји вложуваат повеќе во образование и високо образование.

„Ако кај нас во последните четири години (2015 – 2018) се 3,7%, во Србија се 4%, а Словенија уште повеќе – 4,9%. Причините за ваквото вложување и падот, е тоа што во истиот период има намалувачки тренд на државните буџети. Буџетот е еден од најмалите во Европа, а за девет години од 35% е намален на 32% од БДП. Второ, се влошува реализацијата на буџетите за образование. Ако во 2010 била околу 95%, во последните две години реализацијата е намалена до 90%“, нагласи Јовановиќ.

Ова во превод значи, 10% од Буџетот што се издвојува за образование  – не се користи. Ако на старт на годината на располагање се 400 милиони евра, на крајот дури 40 милиони евра остануваат непотрошени.

„Не сакам да кажам што се’ може да се направи со 40 милиони, но сами можете да извлечете заклучок“, дополни Јовановиќ.

Освен вкупните, потенцираше тој, се намалуваат и средствата за високо образование. Во бројки ова значи: 1,1% од БДП во 2010 година се сведени на 0,8% во 2018.

Според Јовановиќ, анализите укажуваат на негативно влијание. Ако направиме корелација помеѓу вложувањето на државите во образование и ПИСА-резултатите, се гледа јасен позитивен тренд.

„Што повеќе државата вложува во образование, толку подобри се резултатите на ПИСА“, забележа тој.

Професорката Мирјана Најческа, презентирајќи ги своите истражувања за достапноста на Буџетот на МОН, укажа на повеќе проблеми.

„Треба во секој момент, корисници на буџетот, но и општо граѓаните, да можат да знаат што и зошто побарале високообразовните институции, а што прифатило МОН. Потоа, што и како побарало МОН од генералниот Буџет и конечниот резултат од барањата. Тоа го нема, не може да се најде на ниту една интернет страна, ниту доколку се побара преку Институтот: достап на јавни податоци“, потенцираше Најческа.

Она што располагаме се само конечни цифри што, вели таа, оневозможува анализа за барањата, ниту е можна контрола на неговото трошење.

Мирјана Најческа, Маја Стевановиќ и Бранимир Јовановиќ (од лево кон десно) на прес-конференција во „Кино Култура“

Од друга страна, нагласи Најческа, буџетите се напишани на начин кој создава конфузија, па луѓето тешко ќе разбераат за што точно е издвојуваат одредени пари.

„Пример, во генералниот Буџет има посебна ставка што предвидува финансирање, да речеме на УКИМ, а посебна ставка за финансирање на ‘наука’. Останува нејасно која е таа ‘наука’? Во рамки или надвор од Универзитетот? Кои се тие ‘научни истражувања’ што се споменуваат и финансираат од Буџетот!?“, праша таа.

Исто така, поврзано со транспарентност и достапност, нагласи дека земјава се наоѓа на најниско ниво во учествотото во креирањето на буџетот на МОН.

Во поглед целава состојба и невложувањето, таа зборуваше за т.н. „домино ефект“. Многу се зборува за проблемите во основното и средното образование, слабите резултати и несоодветните реформи, па, вели Најческа, тоа е резултат и последица на несоодветно, неквалитетно високо образование, кое не соодејствува со финансиите и поставените реформските задачи.

„Влијанието е директно и многу видливо“, забележа таа.

Прашањата за транспарентноста, влученоста на чинителите во буџетот, според Маја Стевановиќ од НАкС има директна врска со издвоените средства. Спомена, Буџетот за кој се зборува е составен од два дела – основниот на МОН, или парите на даночните обврзници, и парите од т.н. самофинансирачки активности на универзитетот.

„На петте големи универзитети, на генерално ниво, структурата е околу 50 – 50, со тоа што варира. Е, сега, ситуацијата на нашиот Универзитет (УКИМ) е следна. Имате ситуација кога, секоја година, 50% од средствата што Универзитетот може да ги вложи во образование и наука – не се дозволуваат, се кратат од МОН и Министерство за финансии, а истовремено немате основни средства за работа. Како тоа влијае на образованието? Нашите студенти, на голем број единици немаат елементарни услови за студирање. Зборуваме дека нема доволно инвестиции во наука, дека треба да ја развиеме, а ние и средствата што ги имаме – не можеме да ги вложуваме во развој на наука. Да не зборуваме за капитални инвестиции, за опремување и реновирање на факултетите“, забележа Ставановиќ.

Така што, оваа врска за која зборуваме тука, вели таа, како инклузија, соработка на институциите, на МОН и Финансии – мора да се воспостави, бидејќи ја нема.

„Не може Буџетот да се наметнува ‘од горе’ и да се очекува дека ќе има добри резултати и добра искористеност“, констатираше Стевановиќ од НАкС, најавувајќи наскоро нови податоци и анализи од образованието.

Инаку, проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и наука во РСМ“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Бојан Шашевски