Вештините и знаењата на подготовка и употреба на традиционалната сливова ракија – сливовица се внесени како нематеријално културно наследство на човештвото во листата на УНЕСКО.
Од српското министерство за култура, кои ја номинираа сливовицата за овој статус, велат дека УНЕСКО ја признала праксата која обединува култура на одгледување сливи, традиционални занаети, културата на исхраната и обичаите како и печењето на сливовицата и нејзино користење на приватни и јавни настани.
Од окружувањето денеска на листата на УНЕСКО беше внесено и практикувањето на пчеларство во Словенија како начин на живот. Според кандидатурата во земјата има скоро 11.000 пчелари кои се организирани во 200 локални пчеларски друштва.
„Целата заедница е посветена на љубов и почит кон пчелите, додека вековните традиции инспирираат модерни изрази и практики. Знаењето и вештините се префрлаат од генерација на генерација, пчеларите ги сметаат пчелите за нивни учители, пријатели и симбол на она што е добро, мудро и штедливо“, стои во словенечката кандидатура.
Претходно како нематеријално културно наследство беа прогласени и фестивалот и орото Свети Трифун во Хрватска и традиционалниот фестивал Танос Хорос во Грција.
Секоја година оваа листа на УНЕСКО се проширува за околу 100 нови културни практики низ целиот свет, листа која се обидува да го заштити и да ја подигне свеста за културното наследство која не може да биде дефинирана преку една локација или еден предмет. Според конвенцијата за нематеријалното културно наследство под оваа категорија се штитат орални традиции, социјални практики, ритуали и фестивали, изведувачки уметности, знаења и практики поврзани со природата и Универзумот, како и традиционалните занаети.
Од С. Македонија досега како нематеријално културно наследство на човештвото според УНЕСКО се впишани обичајот „Четрсе“ односно прославата на верскиот празник „Свети 40 маченици“ во Штип (во 2013 година), орото „Копачката“ изведувано од жителите на село Драмче во регионот на Пијанец (во 2014 година), машкото двогласно пеење „Гласоечко“ од Долни Полог (во 2015 година), „Баба Марта“ и мартинките како ритуал за празнувањето на 1 март (во 2017 година заедно со Бугарија, Молдавија и Романија) и пролетното празнување „Хидрелез“ (исто така во 2017 година заедно со Турција).