Иницијативата „Не давимо Београд“ го повика градоначалникот на Белград да свика итна седница на градското Собрание за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во главниот српски град.
Според податоците на веб-страницата Airvisual.com, концентрацијата на ПМ честичките се високи изминативе денови, налик на Скопје.
Иницијативата во своето писмо испратено до градоначалникот Зоран Радојчиќ предлага масовно зазеленување и пошумување, да се подобри јавниот превоз, да се напуштат фосилните горива и да се употребуваат обновливи извори на енергија.
„Претходната недела мерните станици во целиот град покажуваа екстремно високи концентрации на ПМ2,5 честичките, чие секојдневно присуство било и над 250 микрограми на метар кубен и ПМ10 честичките, чие присуство надминувало и 120 микрограми на метар кубен. За тоа колку овие податоци се алармантни говори и фактот што ЕУ и Светската здравствена организација поставија гранични вредности на ПМ2,5 на 40 микрограми на метар кубен, а за ПМ10 на 50 микрограми на метар кубен“, се наведува во писмото.
Од иницијативата му испратија и гас маска на градоначалникот, потсетувајќи го:
„Наскоро нема да може да излегуваме на улиците без гас маски, ако нешто не се преземе.“
Според СЗО, во Србија во текот на една година умираат повеќе од 7000 граѓани поради изложеност на загаден воздух.