Младиот активист Филип Вукша од само 15 години, па досега има поднесено 9500 жалби против градските служби и инспекциите поради дефекти во осветлувањето, дупки на патот , автобуските стојалишта, а со цел да ги натера надлежните да ја завршат својата работа.
„По факултет си доаѓам дома, јадам нешто, па потоа излегувам надвор и одам од една до друга постојка. Одам пешки и лепам налепници за ноќните линии на Градското сообраќајно претпријатие кои ги испечатив за 8000 динари (околу 4500 денари) од мојата заштеда бидејќи во Дирекцијата за јавен превоз ми рекоа дека немале пари“ , вели Филип Вукша, 22 -годишниот студент на Шумарскиот факултет во Белград.
Кога не успевал да ги натера службите да си ја работат работата, тој ја земал во свои раце. И сето тоа, вели Филип, само затоа што го сака својот град. За тоа беше и два пати кандидат за титулата „херој“.
„Првата пријава ја поднесов во 2007 година до сообраќајната инспекција, а поради катастрофалната велосипедска стаза од Дорќола до Ада Циганлија која личеше на се, освен на велосипедска стаза. Ми беше нелогично како инспекцијата не гледа колку дупки има на неа, дека се паркираат автомобили, дека не работи уличното осветлување и дека никој ништо не презема. Тоа ми пречеше и за три години поднесов 150 пријави за пет километри стаза да се доведат во ред“, вели Филип и додава ако секој поднесол по само една пријава, тогаш работите би тргнале на подобро.
„Еден месец ги попишував недостатоците на 145 автобуски линии на Градското сообраќајно претпријатие(ГСП), а околу 2600 стојалишта. Кога од свои пари отпечатив налепници за ноќните линии и ги залепив на околу 10 отсто од постојките, со Дирекцијата се договорив тие да ги залепат останатите. Се увиде дека многу од нив погрешно ги залепиле бидејќи имале погрешен список на линиите“, вели Вукша и додава дека еден шеф од Дирекцијата му кажал оти можеле да поднесат кривиќна пријава против него бидејќи лепел налепници на нивен имот.
Иако многу од неговите пријави завршиле во канта за отпадоци, тој не се предава. Добивал и закани, а во еден случај и ќотек од возач на градски автобус.
„Родителите ми велеа дека е убаво сето тоа што го правам, но дека не би требало толку да се жртвувам. Но додека нештата не се променат, додека не се разбудат градските институции и граѓаните, нема да престанам да работам бидејќи имам резултати“, вели Вукша.
Колку неговиот труд бил „борба со ветерници“илустрира примерот со инспекторката од сообраќајната инспекција.
„Кога и по една година ништо не беше сторено, ја побарав инспекторката која ми рече дека не и паѓа на памет поради пријава на „едно детиште“ да оди до велосипедската патека и да ги брои дефектните столбови на градското осветлување“, вели Филип на чиј број дури и инспекторите ги упатуваат луѓето кои пријавуваат проблем.
Извор: Курир/ pravda.rs