Српскиот филм „Кругови“ на режисерот Срѓан Голубовиќ, во петок, на 19 април во 20 часот во киното Милениум ќе го отвори 16-то издание на Скопскиот филмски фестивал.
„Кругови“ се развива како триптих, истражувајќи го моралното двојство и комплексна приказна чии насоки произлегуваат од еден кобен миг. Дејството се фокусира на ликот на Марко, српски војник на отсуство за време на војната, се враќа во својот роден босански град. Кога тројца негови соборци му приоѓаат на Харис, муслимански продавач, Марко интервенира, но тоа го чини живот. Дванаесет години подоцна војната е завршена, но раните остануваат отворени.
Низ повеќеслојна, но едноставна структура Срѓан Голубовиќ ги отвора темите на одмаздата, откупот и помирувањето.
Светската премиера на „Кругови“ беше на фестивалот „Sundance“ оваа година, каде ја доби специјалната награда на жирито. „Кругови“ се закити и со наградата на Берлинале (Екуменско жири) и наградата од публиката на Софискиот интернационален филски фестивал.
Голубовиќ е еден од најафирмираните автори од поновата генерација во српската кинематографија. Неговиот претходен филм „Стапица“ влезе во потесниот круг на кандидати за наградата „Оскар“ во категоријата филмови од неанглиско говорно подрачје.
Извор: Либертас