Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 12. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Владимир Пиштало. Наградата ќе му биде доделена на Пиштало лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Даут Пашин амам во Скопје, на 17 септември.
Организаторите велат дека Владимир Пиштало е писател што ги означи еволуцијата и достигнувањата на современата српска проза при крајот на 20 и почетокот на 21 век.
Фестивалот ќе започне на 15 септември а гости ќе бидат хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и нашите автори Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски.
„Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало, е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон: тој како шетач низ просторот и времето многу внимателно ги забележува деталите на животот, а од друга страна го искушува обликот на пишување. Оттаму наградата ‘Прозарт’ сосема заслужено и праведно припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори“, се вели во образложението за доделување на „Прозарт“.
Претседател на жири комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.