Српскиот сатиричен портал Njuz.net на 22 март гостува во Центар-Јадро

Tимот на српскиот портал за сатира Njuz.net ќе гостува во Скопје на 22 март. Во Центар – Јадро во 20:30 часот, тие ќе бидат дел од првото издание на „Анекта Евентс“.

„Ова е ретка можност во живо да се чујат авторите кои веќе 15 години преку сатира го отсликуваат балканското секојдневие“, соопштуваат од „Анекта“.

Во Скопје доаѓаат Јелисавета Милетиќ, Марко Дражиќ, Виктор Марковиќ и Ненад Милосављевиќ, автори и сценаристи на Njuz.net, како и дел од тимот на „24 минути“ со Зоран Кесиќ.

„Нивната работа одамна го надмина локалниот контекст – Njuz.net стана препознатливо име низ целиот регион, благодарение на умешноста да ги претворат политичките и општествените апсурди во остроумна сатира“, се вели во соопштението.

По шоуто, дружењето ќе продолжи во „Трн во око“. Билетите се достапни во @ilika.books или на 077/497-309 и 072/979-010.