Студентите во блокада синоќа го дочекаа најстариот христијански празник Велигден пред Радио телевизија Србија (РТС), која веќе шести ден е блокирана. Заедно со голем број граѓани, студентите ноќта пред Велигден ја минаа пред јавниот сервис во Таковска и Кошутњак. Тие на полноќ ја пееја химната на Србија, пренесува Н1.
На студентите претходно им се придружија и колегите од Нови Пазар кои за време на велигденските празници дојдоа да им помогнат на колегите од белградскиот универзитет.
View this post on Instagram
Граѓаните континуирано им носат храна, сокови, вода и други потреби на студентите. Согласно велигденските обичаи, голем број студенти и граѓани донесоа варени јајца на овој собир, а на Велики петок пред РТС беше организирана манифестација за вапсање јајца.
Радио телевизија Србија веќе шести ден е блокирана од студенти и граѓани, поради што сѐ уште не емитува редовна програма. Утринските вести и овој пат се емитуваа во форма на серија прилози, без спикер во студиото, бидејќи студентите не дозволуваат влез на вработените во зградите.
Сите влезови на РТС во Таковска и Абердарева, како и на студиото во Кошутњак се блокирани од понеделник, 14 април во 22 часот, а студентите синоќа повторија дека блокадата на РТС нема да се прекине додека не се исполни основниот законски услов – објавувањето на конкурсот за избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, кое не постои од 4 ноември минатата година.
РТС утринава во вестите ја повтори оценката дека блокадата е незаконска и дека не е виновна за состојбата во која се наоѓа.
Синдикатот на работниците на РТС вчера побара од раководството на јавниот медиумски сервис и од надлежните сектори итно да контактираат со нив и да дадат јасни насоки за работа за време на блокадата, а доколку не го сторат тоа, ќе сметаат дека раководството се повлече и не е во можност да раководи со јавниот медиумски сервис.
Синдикатот на работниците бара и оставка од сите уредници и новинари кои не ги почитувале законите за медиуми и Кодексот на новинарите и дозволиле Дневник 2 и другите информативни програми да изнесуваат невистини и навреди кон нивните колеги, студенти и други граѓани. Втората причина за оставките беше одговорноста кон сите граѓани на Србија, бидејќи беа изложени на лажни и цензурирани информации, кои не доликуваат на ниту еден јавен сервис.
Студентите кои ги блокираат високообразовните институции во Белград ја оценија како скандалозна синоќешната споредба на студентите и граѓаните кои учествуваа во блокадата на јавниот сервис со Новинарската комора на нацистичка Германија во вториот Дневник на РТС, сметајќи дека тоа е грубо кршење на основните принципи на новинарската етика и злоупотреба на јавниот сервис. Студентите оценија и дека се работи за намерен обид за брутално дискредитирање на оправданите студентски барања и за обесмислување на протестите кои се одвиваат согласно уставните права.
РТС во меѓувреме поднесе кривична пријава до Првото основно јавно обвинителство во Белград против неидентификувани лица кои ја извршиле блокадата и побара одговор од меѓународните институции во врска со нарушувањето на работењето. Учениците им посакаа среќа во обвинителството бидејќи, како што наведоа, шест месеци чекаат да им се исполни барањето.