Српските студенти велосипедисти пристигнаа во Стразбур

По тринаесет дена возење велосипед, српските студенти кои тргнаа кон Стразбур барајќи правда, стигнаа до крајната дестинација, пренесува Данас.

Српските студенти пристигнаа на Плас Клебер во Стразбур нешто по 20 часот, откако ја завршија својата велосипедска тура. Околу 80 студенти на 3 април годинава тргнаа со велосипед од Нови Сад кон Стразбур каде очекуваат да бидат примени во европските институции за да ја бараат правдата за 16-те загинати при уривање на настрешница на 1 ноември минатата година.

Нивната мисија е, како што рекоа на почетокот – светот да ја дознае вистината за Србија, институциите да реагираат и да вршат притисок врз власта, да го кренат гласот во име на сите замолчени.

На главниот плоштад е поставен црвен тепих, се веат српски знамиња, а насобраните носат различни транспаренти, главно со натпис „Пумпај“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by N1 Srbija (@n1srbija_)

Соња Малетиќ, српска државјанка која веќе четири години студира медицина на Универзитетот во Стразбур, вели дека е тука да ги поддржи своите врсници.

„Им се восхитувам на тие луѓе, на моите врсници, за се што направија и единствено што можам да кажам е ‘секоја чест’. Не одам често во Србија, па не бев на протестите, но мојот мал придонес е што сум овде денес“, вели Соња, која заедно со нејзините пријатели ќе биде домаќин на студентите и ќе им обезбеди сместување додека се таму.

На плоштадот Клебер во центарот на Стразбур се собраа повеќе од стотина членови на локалната српска дијаспора, како и дијаспори од Швајцарија, Базел и Париз, кои исто така дојдоа да им посакаат добредојде на студентите и да им дадат поддршка.

Утре во 11 часот студентите ќе пристигнат во зградата на Советот на Европа, а по собирот ќе одржат 16-минутен молк за жртвите под настрешницата.

Студентите очекуваат да бидат примени на интервју, но официјална потврда од институциите се уште не стигнала.