Владата на Република Северна Македонија на денешната 72-ра седница ја усвои информацијата на Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски во однос на изготвување на електронски картички наречени „М-Смарт Кард“ за патнички моторни возила на туристите од Република Србија кои би транзитирале на Коридорот 10 во периодот од 15 јуни до 15 август годинава.
За таа цел, Министерството за финансии е задолжено да префрли средства во износ од 172.000.000 денари или 2.7 милиони евра за набавка на 200 илјади електронски картички на сметка на Владата, додека Јавното претпријатие за државни патишта треба да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на картичките.
„Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Република Северна Македонија преку Граничниот премин Табановце“, стои во соопштението на Владата.
Од Владата го задолжија Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, да ги врати на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев претходно ја најави ваквата мерка за српските туристи, како знак на благодарност за тоа што Србија на С. Македонија ѝ донираше вакцини против коронавирусот.