Здружението на новинарите на Србија (УНС) е загрижено поради завчерашното апсење на македонскиот новинар Зоран Божиновски во Нови Сад, кој е уапсен по потерница од Интерпол, а поради обвинение за злосторничко здружување, шпионажа и уцена од Кривичниот законик на Македонија.
Ова стои во соопштението на Здружението, во кое исто така се потсетува дека „во Македонија неодамна, без добри правни причини, беше осуден новинарот на Нова Македонија Томислав Кежаровски на четири и пол години затвор, за октирвање на идентитетот на еден сведок во случај на неразјаснето убиство“.
Ваквата пресуда на судот во Скопје ја осуди Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Организацијата на медиумите од Југоистична Европа, како и самото Здружение на новинари на Србија, се потсетува во соопштението.
Поради ова, УНС бара од Министерството за правда на Србија, при испорачувањето на Зоран Божиновски на држава која со спорни пресуди ги осудува новинарите и бара нивно апсење, да биде посебно внимателно и да ги испита сите околности од значење за заштитата на професионалните права на интерес на новинарите.
Божиновски беше уапсен во Нови Сад, откако македонското МВР распиша меѓународна потерница по него, како еден од осомничените во акцијата „Шпион“, во која досега се уапсени дваесетина лица.