Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека поднеле тужба против Владата на Република Северна Македонија поради тоа што со непостапување биле дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор.
Според ССМ, Владата не постапила во целост според Законот за измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој е утврдена минималната плата од 18.000 денари во нето износ, што преставува зголемување од 18,4% во однос на вредноста на претходната минимална плата. Како што велат од Сојузот, согласно Член 9 од Законот за минимална плата потребно било да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата.
„Платите на другите вработени кои имаат плата под минималната, за дел вработени се усогласени со порастот на минималната плата, а без оправдани причини и спротивно на закон, Владата не го направи тоа за сите вработени во јавниот сектор, односно паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуваат воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени наспроти други категории на вработени во јавниот сектор за кои Владата е непосреден работодавач. Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во Член 9 од Уставот на Република Северна Македонија во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници“, велат од ССМ.
Од Сојузот додаваат дека правото на достоинствена заработувачка е право загарантирано со меѓународните инструменти за човекови права, додека правото на соодветна заработувачка е уставно гарантирано право во Северна Македонија.
„Неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, односно одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата е причина и за генерален штрајк во цел јавен сектор кој веќе трет месец трае онаму каде што не се усогласени платите на вработените и за прв пат во историјата на Македонската држава се случува генерален штрајк во цел сектор кој трае толку долго, а една Влада одбива да разговара со претставниците на работниците. Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација. Дотолку повеќе што во приватниот сектор особено каде што ССМ има синдикати, приватните работодавачи постапувајќи по законот ги усогласија колективните договори и ги зголемија платите на своите вработени, а истото го сторија и општините, градот Скопје и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, а останаа уште оние работници за кои е надлежна Владата како вработените во дел во министерствата и јавните претпријатија за кои е основач Владата“, посочуваат од ССМ.
Синдикалците тврдат дека на овој начин Владата го прекршила Уставот и законите, а го повредила и правото на еднаков третман и со пропуштање на дејствија и нивно непреземање го повреди правото на еднаквост со што прави дискриминација кон своите вработени.
Од ССМ велат дека покрај тужбата, тие ќе ги искористат и сите други механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пред меѓународните институции.