Потпишување на колективниот договор со утврдување на линерано зголемување на платите во јавниот сектор за 2806 денари и враќање на изгубеното право на регрес во 2023 година во износ од 30 до 100 отсто од просечната плата се барањата на Сојуз на синдикати (ССМ), кои доколку не се исполнат ќе доведат до штрајк.
На денешната прес-конференција, претседателот на ССМ, Дарко Димовски, истакна дека е донесена одлука за повикување и поведување на генерален штрајк онаму каде што постои синдикално организирање во јавниот сектор.
„Доколку барањата не се исполнат до 21 јуни, ССМ на 22 јуни онаму каде што е синдикално организиран ќе ги повика сите работници како членови и сите незадоволни работници да ги прекинат нивните работни процеси на своите работни места и да изразат големо незадоволство“, изјави Димовски.
Тој дополни дека износот кој го бара ССМ не е голем, туку е солидарен и со цел да ги амортизира ценовните шокови од двоцифрената инфлација.
Во најавениот штрајк начелно ќе учествуваат синдикално организираните работници од јавниот сектор односно војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија, општините, управата и администрацијата.