Уставниот суд застана на страната на вистината и правдата и не ја прифати иницијативата на Стопанската комора, односно го потврди ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија и ги остави на сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Нивната реакција доаѓа откако Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи во кој беше оспорено работењето во недела.
Од Сојузот на синдикати велат дека Уставниот суд со одлуката придонесол за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните.
„На овој начин Уставниот суд ја враќа вербата на работниците и синдикатот како нивни претставник и застапник, во владеењето на законите и правда за сите во државата и покрај барањето и притисоците на одделени работодавачи кои водени од желбата за сопствен профит се обидоа да го намалат и елиминираат ова гарантирано право на работниците. Уставниот суд како гарант на уставноста и законитоста во државата потврди дека Сојузот на синдикатите на Македонија е вистински заштитник на работничките права и дека работодавачите немаат моќ пред институциите доколку постапуваат без аргументи и без на закон засновани барања и решенија“, велат од ССМ.
Според нив, работниците ќе ја искористат неработната недела за одмор и обнова на нивната работна сила во интерес на подобрување на нивната продуктивност од што бенефит ќе има целата држава.
„Во демократските држави каде претендира да биде вклучена и нашата држава, неработната недела е креативно време посветено на семејството , грижа за децата , но и време потребно за подигнување на културно, спортско и образовно ниво на работниците и граѓаните кои се најважниот ресурс на секоја држава. Уште една битка е добиена, но ССМ продолжува понатаму, наша правна водилка во обезбедувањето на работничките права се националните закони, меѓународните трудови стандарди и европски документи без кои не се можни евроинтеграциските процеси во државата“, децидни се од ССМ.
Со измените на Законот за работни односи кои почнаа да се применуваат од почетокот на оваа година, недела стана неработен ден за најголем дел од работниците. Во јуни пак, овој закон повторно претрпе измени, со кои се овозможи работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места.