Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) потсети дека до крајот на годината на работниците треба да им се исплати регрес за годишен одмор, односно популарно наречен К-15, што е регулирано со Општиот колективен договор за јавниот сектор и со Општиот колективен договор за приватниот сектор.
Како репрезентативен синдикат во јавниот сектор, од ССМ посочија дека минатата година го потпишале Општиот колективен договор за јавен сектор со кој по подолг временски период покрај другите права го обезбедиле и правото на регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор.
„Во таа смисла потсетуваме дека ова право треба да им се обезбеди на работниците до крајот на годината, за што всушност Владата на својата последна седница донела одлука дека целиот јавен сектор треба да исплати регрес за годишен одмор за вработените, а работодавачите потребно е да ја почитуваат во целост. Истовремено, ги потсетуваме и работодавачите во приватниот сектор дека до крајот на годината треба да исплатат регрес за годишен одмор за своите вработени, право уредено со Општиот колективен договор за приватен сектор потпишан од Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат во приватниот сектор“, посочија од ССМ.
Истовремено, оттаму потсетија дека имплементацијата на Општите колективни договори за приватен и јавен сектор потпишани од ССМ е задолжителна.