ССНМ: Ги осудуваме заканите кон колегата Видиновски и бараме негова заштита

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осуди директните закани кон новинарот од Канал 5 Александар Видиновски и побара од надлежните да постапуваат по очигледна закана по безбедноста на новинарот.

Под објавата на својот Фејсбук профил на неговата репортажа од Пустец, Албанија, како што велат од ССНМ, Видиновски добил сериозни и застрашувачки закани од лицето Виктор Стојанов кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејствија насочени против македонската држава. Тој, како што велат од ССНМ, го обвини Видиновски дека лаже и му се закани со притворање.

„ССНМ смета дека ‘слободата’ секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес“, стои во реакцијата на ССНМ.

Истовремено, тие бараат од Министерството за надворешни работи (МНР) да реагира до бугарското МНР, бидејќи, како што посочуваат, според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.