Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро реагираат за отпуштање на шест медиумски работници од Алфа ТВ, кои се членови на Синдикатот.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски и на ЗНМ, Младен Чадиковски истакнаа дека овие отпуштања следуваат по протестот во телевизијата и според нив претставуваат одмазда за синдикални активности, односно барања за исполнување на работничките права.
„Сакам да ве информирам, да укажам и да побарам поддршка во оваа прилика за шестемина наши колеги, членови на ССНМ, кои оваа недела добија откази во Телевизија Алфа и наместо редовни плати, додатоци и К-15 за новогодишните празници, добија неизвесност за нивната егзистенција, но и за нивните семејства, откако директорот на Алфа телевизија, Јани Бојаџи во знак на реваншизам им врачи откази, спротивни на Законот за работни односи“, изјави претседателот на Синдикатот, Беловски.
Тој нагласи дека директорот на телевизијата „свесно го крши Законот за работни односи“, отпуштајќи и еден од претставниците на ССНМ во Телевизија Алфа, кого Законот го штити од отказ, а ваквата одлука ја образложува дека е од деловни причини.
„Отказ на вработен поради учество во синдикални активности самото по себе е неправедно и токму поради тоа законот предвидува посилна заштита на синдикалните претставници, која Бојаџи не ја почитувал“, рече Беловски.
Тој посочи дека одлуката на Бојаџи се толкува како реваншизам и одмаздољубие, нагласувајќи дека врачувањето отказ на шесте вработени е со цел да предизвика страв и неизвесност кај останатите вработени и да се откажат од загарантираните права.
Претседателот на ССНМ информираше дека случајот ќе биде пријавен и до надлежниот трудов инспекторат и оти очекуваат позитивно решение во корист на вработените. Дополнително за синдикалните членови, Синдикатот обезбеди и правна помош.
Чадиковски, пак, смета дека овие отпуштања во најмала рака се случуваат во сомнителни околности и дека тоа се одразува на повеќе нивоа од медиумскиот сектор.
„Сакам да истакнам дека ЗНМ заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, стои на располагање на медиумските работници преку правни механизми за да помогне во надминување на оваа состојбата. Предупредуваме дека ваквиот начин на групни отпуштања влијае негативно на целиот медиумски пазар, го обезвреднува трудот на новинарите и медиумските работници, создава несигурност во целиот сектор и затоа бараме од менаџментот на Телевизија Алфа да ја преиспита својата одлука“, рече Чадиковски.
Според Чадиковски отпуштањето работници претставува тежок чин кој во медиумскиот секор има сериозно влијание поради кревкиот пазар и ниските плати, а дополнително влијае и на намалување на атрактивноста на професијата.
Беловски додаде дека одлуката на директорот на телевизијата уследила по низата преземени синдикални активности од страна на сто вработени во Алфа телевизија, од кои 70-тина членови на ССНМ, во насока на барањата раководството редовно да исплаќа плати и придонеси, што во оваа година во четири наврати доцнеле и до три месеци.
„Исто така мора да информираме дека медијацијата поточно обидот да се вразуми Бојаџи и да отстапи од намерата да се пресметува со вработените не даде резултати, при што најави дека постапката ќе ја продолжи на суд“, вели претседателот на ССНМ.