Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) потсетуваат дека сопствениците на медиуми во земјава имаат обврска на своите вработени до крајот на оваа година да им исплатат регрес за годишен одмор (К-15).
Од Синдикатот ги мотивираат своите членови и вработените во медиумите да го иницираат исплаќањето на регрес, потсетувајќи дека оваа обврска на работодавците произлегува од колективниот договор за приватниот сектор и годинава изнесува минимум 13.672 денари, а за вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор меѓу Владата и ССМ од оваа година изнесува минимум 10.000 денари.
„Регресот за годишен одмор им следува на сите вработени кои работеле најмалку шест месеци во календарската година што изминува кај еден работодавач, а доколку не се исплати, работодавците може да добијат сериозна казна. Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа“, посочуваат од ССНМ.
Оттаму потсетуваат дека законот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.
Од ССНМ апелираат новинарите и медиумските работници да се информираат со случувањата во врска со регресот за годишен одмор во нивната фирма и во случај да наидат на проблеми да го контактираат ССНМ или Државниот инспекторат за труд кој врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.