Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) предупредува дека во деновите на општ траор во земјава поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој 59 наши млади сограѓани ги загубија животите, се интензивирани заканите кон новинарите и медиумите на социјалните мрежи.
„Тие веднаш и непосредно ја загрозуваат нивната безбедност и може да поттикнат насилство со несогледливи последици“, велат од ССНМ.
Како што потенцираат од синдикатот, пораки со заканувачка содржина се испратени до неколку медиуми и поединци, и во нив нема ништо наивно.
Кон новинарот на Канал 5 ТВ Александар Видиновски неидентификуван корисник на социјалните мрежи порачува „да внимава што зборува зошто можел да плови по длабоки води и да се задави“, а во коментар кој се однесува на Алфа ТВ стои „Како бе место децата во шталата не се запали ќумезот во Визбегово“.
„Новинарите и медиумските работници во земјава, како и сите граѓани на Македонија, деновиве, се под силен стрес особено што во обидот да информираат точно, навремено, најсоодветно и со почитување на етичките кодекси на новинарството, тие се наоѓаат и во ситуација со ваква форма на закани да им биде отежната обврската“, реагираат од ССНМ.
Во исто време ССНМ предупредува, а случаите и ќе ги пријави до МВР и до ОЈО, дека испраќачите на овие пораки и коментари прават кривично дело, и констатира дека новинарите и снимателите не може и не смее да работат под притисок бидејќи амбиентот на линч ќе влијае на квалитетот на информирање, а во продолжение и на демократските процеси во земјава.