„Станав параноична и имав преголеми грижи кои не ги споделував“ – совет од психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Пандемијата како и на сите, лошо влијаеше и на мене. Ситуациите во семејството и смртните случаи во потесниот круг си го направија своето. Во одреден период станав премногу параноична и имав реални проблеми и преголеми грижи кои со никого не ги споделував. Истовремено изгубив одредени луѓе во животот и една посебна личност и сè уште ми е нејасно дали влијаеше мојата состојба на тоа или беше причина манипулацијата на личноста. Како да преминам преку неправдата со која се соочив. Не можам да се помирам со тоа што никогаш не го добивам тоа што го заслужувам, а секогаш сум добар човек, покажувам огромна емпатија и се грижам искрено. Во принцип сум многу толерантна, но оваа лутина која сега излезе на виделина, влијае на други аспекти од мојот живот.

Одговара: Тиана Ивановска, лиценциран психолог и психотерапевт

Здраво, ти благодарам што се охрабри да зборуваш за толку значаен процес. Почетоците се најтешки но воедно и најважни.
Читајќи ја твојата ситуација и се она што ни го донесе како текстуален опис за она што ти се случува, пред мене донесе едно зборче по име “загуба”. Веројатно токму тоа е полето кое е искреирано околу тебе, поле на болест и смрт на блиски личности како и поле на прекин на релација која за тебе е многу значајна. Оттука постои можност твојата потреба за грижа и максимално вложување во односите со другите да е потреба за некаква гаранција дека нема да бидеш оставена. Правејќи го тоа, креираш позадина која вели: Како е можно јас да давам се од себе и повторно да бидам оставена? За жал, без разлика на она што ќе го вложиме во другите луѓе, можноста за загуба и бивање напуштен секогаш постои и ќе постои. Единствено нешто врз кое имаме контрола во целиот процес е нашето однесување и количеството на она што го вложуваме најпрво во себе ,а потоа во другите. 

Каква е пораката која им ја испраќаш на луѓето со кои влегуваш во некаква релација? Веројатно пораката е следна: без разлика на она што го правиш за мене, јас бидејќи сум чувствителна и грижлива личност, ќе ти дадам се што имам и ќе се вложам целосно во тебе.
На тој начин другата личност не чувствува одговорност да вложи дел од себе бидејќи знае дека без оглед на она што ќе се случи, ќе го добие твоето ,,се”.

Во психотерапија често зборуваме за Концептот на Граници и како тие не заштитуваат во околината во која живееме ,а особено во интерперсоналните релации. Всушност, поставувањето на здрави граници во релациите не значи дека ќе станеме лоши и себични личности. Тоа всушност значи креирање на свесност за сопствените капацитети. Прашања за рефлексија од оваа област би биле:

– Колку можам да вложам во односот со некоја личност без притоа да си наштетам на сопствената добросостојба?
– Што прави личноста за мене и кој е фидбекот кој го чувствувам од другата страна во нашата релација?
– Колку добро ја познавам личноста за која бирам да се грижам?

Доколку се случил прекин во односот:

– Каков е нашиот однос во моментот? Што сме ние? (пријатели, партнери, познаници)
– Колкава е мојата потреба да останам во контакт со таа личност?
– Дали можеби постои страв дека доколку целосно го прекинам контактот целосно ќе ја загубам особата?
– Колку навистина овој контакт е здрав за мене и ги задоволува моите потреби?

Загубите се тежок процес низ кој минуваме во текот на целиот живот. Од нив учиме многу за себе но и за значењето на другите личности во нашиот живот. Тие понекогаш се неизбежни доколку се работи за смрт но доколку зборуваме за сепарација од партнер/ка повеќе зборуваме за телесно постоење на личноста во светот ,а нејзино отсуство од нашиот живот. Доколку таа сепарација е нецелосна и некаде затајува, постои можност да го блокира процесот на наше заздравување и можност за креирање нови поздрави и пофункционални релации.

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.