Со предавања на актуелни теми како: вештачка интелигенција, започнување на свој бизнис, права при контакт со полиција, како е да се биде млад автор и помирување и градење на мирот во регионот, но и работилници за печатење торби и поправање на велосипеди, денеска се одржа осмото издание на целодневниот настан „Станица Студентска“.
Настанот на Градежен факултет вклучуваше и саем на организации, каде беа презентирани програмите на младите и нивните претставници во областа на образованието, активизмот, одржливиот развој, екологијата, културата…. На саемот присутните можеа да се информираат, ама и да се дружат заедно.
„Настанот има цел да ги промовира активностите на и за студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и да го унапредува на младинското здружување и организирање“, рекоа од Младинскиот образовен форум (МОФ).
View this post on Instagram
Во „Перон 1“ се одржа предавањето „Првите чекори за отпочнување на глобален стартап од Македонија“, со претседателот на „Стартап Македонија“, Игор Маџов.
Тој сподели дека оваа година во земјава се активни над 200 стартапи, за разлика од 2018 година имало само 70, како и дека просечната возраст на основачите е 31 година.
Маџов претстави успешни македонски стартап приказни, меѓу кои беа посочени „FinqUp“, „AirCare“, „Codewell“, „Howitzer“, „Upshitft“.
За Радио МОФ, посочи дека првиот чекор што треба да го направи младо лице е да му ја „продаде“ својата идеја на некој што сака да го вклучи во својот тим.
„Нашата препорака е дека градење на стартап сам е доста макотрпно и ако може да се подели ризикот со повеќе луѓе, тоа е првиот чекор. Останатите чекори се различни за секоја компанија. Доколку е софтверско решение, тоа е креирање на прототип, доколку е хардварско решение, тоа е да се види првата верзија од решението кое пазарот го бара“, вели тој.
Во „Перон 2“ свое предавање имаше Ѓорѓи Маџаров, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Тој пред младите и студентите зборуваше за потенцијалите и ризиците на вештачката интелигенција (ВИ) и Chat GPT.
Маџаров вели дека ВИ не е ништо ново, веќе 40-50 години се користи, но главно од техничките луѓе.
„Во овој момент, општата популација добива нова алатка која се базира на вештачка интелигенција и ќе треба самите да ја користат таа алатка, се’ со цел да креираат нови производи, нова вредност. И, тоа е огромната промена која денеска општеството ја доживува“, посочи Маџаров.
Според професорот, ние луѓето цело време се обидуваме нешто да оптимизираме, да си ја „олесниме“ работата. Исто како што пред стотици години се случило олеснување во земјоделието или сточарството, т.е. автоматизација на тој процес.
„Сега со ВИ повторно обезбедуваме оптиматизација во рамките на определени сектори. Постојат јазични модели кои се многу моќни, кои можат многу брзо, за краток временски период, да заменат одредени работни позиции и комплетно да ги автоматизираат. Оние што ќе ги креираат тие алатки да имаат голем бенефит, меѓутоа може да биде проблематично тоа што ќе бидат заменети луѓе и нивниот реален ангажман, бидејќи ќе треба да се трансформираат и работат нешто друго“, вели Маџаров.
Спелеологот Александар Стојаноски го презеде „Перонот 2“ во третиот дел од предавањата. Тој присутните накратко ги воведе во светот на пештерите и спелеологијата во Македонија.
Стојаноски, кој е дел од истражувачкото друштво „Урсус Спелеос“ во своето излагање рече дека заштитата на пештерите е значајна од повеќе аспекти.
„Пред сѐ тоа е водата за пиење поради тоа што градовите во Македонија користат вода за пиење од карстни извори, а тие се доста ранливи. Ако продолжиме со несоодветно и несовесно однесување и загрозување на овие извори ќе се доведеме до ризик да немаме чиста вода за пиење. Доста е важно е и да се чува живиот свет што е внатре, лилјаците кои се загрозени и се на црвената листа, а влијаат и на биодиверзитетот и останатите животни“, посочи спелеологот.
„Урсус Спелеос“ во последниве години спроведува обуки за деца во предшколска возраст и ученици во основно образование и ученици со атипичен развој. Едукативните работилници покрај предавања, вклучуваат и посети на пештери и интерактивни игри.
„Приемот е интересен, несекојдневен, имаат голем интерес поради тоа што е тема надвор од тоа што до сега работеле. Можеби до сега работеле климатски промени, заштита на воздухот и сѐ останато, ама не работеле што се пештерите, какви се пештерите и голем интерес имаат и особено интерес имаат за едукативна посета“, рече апсолвентот и додаде дека од година в година интересот се зголемува, а за понатаму планираат и работилници за средношколци, студенти и други млади.
@radiomof 📙💡Со предавања на актуелни теми како: вештачка интелигенција, започнување на свој бизнис, права при контакт со полиција, како е да се биде млад автор и помирување и градење на мирот во регионот, но и работилници за печатење торби и поправање на велосипеди, денеска се одржа осмото издание на целодневниот настан „Станица Студентска“. #fy #fyp #radiomof #млади #студент #студенти #скопје🇲🇰 #стартап #вештачкаинтелигенција #мир #писател ♬ Positive Vibes – Soundbeaver
Во третата „тура“ предавања, во „Перон 1“ се одржа и предавањето „Права и должности на млади при контакт со полиција“ со адвокатот Јанаки Митровски.
Адвокатот им порача на присутните да бараат од службеното лице, полиција, кое сака да ги легитимира – наведување на причината за таквата дејност.
Дополнително, Митровски истакна дека според членот 39, ако лицето одбива или не е во можност да даде податоци за себе или да го докаже идентитетот, може да биде задржано за време потребно за утврдување на идентитетот, но не подолго од три часа.
Свои предавања пред студентите одржаа и професорката Ана Чупеска и младиот автор и психолог, Јован Илиески.
Чупеска преку предавањето насловено „Градење на мир и помирување: Од Украина до Балканот“ отвори дискусија со присутните студенти и млади не само за тековната војна во Украина, туку и за националистичките наративи и популистички практики во регионов.
Илиевски пак, зборуваше за неговите почетоци во процесот на бидување на автор како и за тоа што значи да се биде писател во Македонија.
Настанот беше организиран од Младинскиот образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), а со поддршка од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ).
Тимот на Радио МОФ