[Станица Студентска] Студентски протести во Македонија – фикција или фантазија?!

Во какви услови живеат и се едуцираат студентите, какви се условите во студентските домови и колку се води грижа за потребите на студентите? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутираше на денешната трибина на „Станица студентска“, целодневен настан за студентите во организација на Младинскиот образовен форум.

image

Додека во светот студентите масовно се мобилизираат за одбрана на нивните права, во Македонија се чувствува апатија и незаинтересираност. Дали е можно студентите да излезат на протест за подобрување на нивниот статус?

Студентот на Филозофскиот факултет во Загреб, Марко Милошевиќ на дебатата истакна дека тој заедно со петнаесетина свои колеги направиле целосна блокада на факултетот, во борбата за бесплатно образование.

„Наместо предавања на факултетот се прикажуваа едукациони филмови, се организираа дебати и разговори во врска со новонастанатата ситуација. Протестот настана спонтано, со собирање на помала група колеги и другари со заеднички интереси на почетокот на 2009 година. Добивме слободен простор и мала сума на финансии и гледавме да го испромовираме настанот најдобро што можеме. Исходот од сево ова на крај беше изнаоѓање компромис во кој се одлучи дека првата година од додипломски и постдиплмоските студии ќе бидат бесплатни“, рече Милошевиќ кој додаде дека за жал по две години овој договор бил укинат.

„Студиите мора да бидат бесплатни, а ова е проблем за што треба да биде засегнато целото општество, а не само студентите“, порача Милошевиќ.

Освен гостите од странство, на трибината говореа и активистите од Македонија, Стефан Алексиќ од МОФ, Дејан Лутковски од Слободен Индекс и Ивана Дракшиќ од Плоштад Слобода.

Ивана Драгшиќ која беше дел од протестите против изградбата на црква во центарот на Скопје, порача дека во Македонија постои дилема дали треба правдата да се бара преку институциите или на улица.

„Веќе е докажано дека во Македонија институциите не преземаат ништо во врска со правата и слободата на студентите. Затоа јас сметам дека правдата треба да се бара на улица, понекогаш и со доза дрскост ако е потребно“, додаде таа.

Дејан Лутковски од Слободен Индекс го сподели неговото искуство со протестите во Филозофскиот факултет во Скопје во април 2011 година, со кои се бараше бесплатно образование.

„Нашиот протест почна со окупирање на ходникот во факултетот и иако требаше да добиеме и своја трибина – во последен момент добивме шут од раководството. Барањето за бесплатно студирање не е преголем залак и не е нешто што треба да биде сфатено како земање пари од џебот на министерот за образование – моите родители го плаќале моето студирање преку даноци и логично е затоа сега за нас да следува да можеме бесплатно да се едуцираме“, смета Лутковски.

Стефан Алексиќ од МОФ пак, вели дека главниот виновник за проблемите на студентите се самите тие.

„Мораме првин да го побараме проблемот во самите нас и нашата пасивност. Да, виновни се и образовните институции кои не даваат доволно простор за дебата и разговор во врска со овие теми но, не вреди тоа за ништо кога сите ние знаеме дека не преземаме ништо во врска со тоа. Студентскиот парламент недоволно ги застапува интересите на студентите и наместо да ги праша што тие всушност сакаат, се што прават е организирање забави за нивните членови“, рече Алексиќ.

Дамјан Коложег