Полскиот спелеолошки нуркач Кшиштоф Старнавски го сруши рекордот за најдлабоко нуркање во подводната пештера Врело кај Матка. Претходниот рекорд го држеше италјанскиот нуркач Луиџи Казати, кој во 2010 се спушти до 212 метри, но сега Старнавски со тим за поддршка на „Врело“ и „Акватек“ се нурна уште подлабоко – до 230 метри.
„Денес нуркањето беше апсолутно добро поради достигнатата длабочина. Стигнав до долната главна пештера и навлегов во неа уште подлабоко“, објави Старнавски преку својот Фејсбук профил, каде презентираше и фотографии.
Од клубот „Акватек“ за Радио МОФ велат дека во длабочините на Врело визуелно имало видливост и за над 250 метри, па останува простор и за понатамошно истражување на „Врело“, особено што се верува дека пештерата достигнува длабочина и до 330 метри.
„Подготовките за нуркањето на Старнавски траеа околу 4 денови. Тимот за логистичка поддршка го сочинуваа пештерски нуркачи со долгогодишно искуство, а низ целиот процес му обезбедувавме храна и вод, потоа му помагавме околу хабитатот потребен за декомпресија, боци, се спуштавме до одредена длабочина… Неговиот главен подвиг за поставување на новиот рекорд траеше околу 5 часа“, вели од Даниел Атанасовски, сертифициран спелеонуркач од „Акватек“.
Инаку, Старнавски нуркаше со специјален систем за подводно пливање, односно т.н. ребридер. Овој систем им овозможува на нуркачите подолго да се задржат под вода отколку со обичните боци со кислород.
Старнавски во 2011 година го собори рекордот на Дејвид Шо во нуркање со ребридер и постигна длабочина од 283 метри Црвеното море, во предел во близина на Дахаб во Египет.
Во однос на Врело, претходно италјанецот Казети се симна до 212 метри во десниот крак на оваа пештера, а се претпоставува дека оттаму кракот се дели на две нови патеки, кои продолжуваат понатаму во длабочина.