Официјално денеска беше означен почетокот на ReLOaD2, втората фаза од проектот чија основна цел е зацврстување на партнерството меѓу општините и граѓанските организации преку транспарентно доделување финансиски средства за проектни активности во корист на локалното насление. Додадена вредност на проектот е компонентата за поддршка на граѓански организации кои работат на младински политики, информираат од УНДП.
Официјалниот почеток на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 (ReLOaD2) во земјава беше означен со потпишување Меморандуми за разбирање со осумте општини кои ќе бидат вклучени во оваа фаза на проектот. ReLOaD2 го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а е финансиски поддржан од Европската Унија.
ReLOaD2 ќе се реализира во периодот 2021 – 2024 година во осум партнерски општини, и тоа Куманово, Гостивар, Битола, Охрид, Велес, Гевгелија, Кочани и Крива Паланка.
Од УНДП објаснуваат дека планираните активности вклучуваат обуки за општинската администрација, финансиска поддршка на проекти од јавен интерес аплицирани од граѓанските организации, како и тренинзи за зајакнување на нивните капацитети и знаења за подготовка на проектна документација. Согласно проектната рамка, ќе се поддржат над 40 проекти во вкупна вредност од 900.000 евра, од кои директен бенефит ќе имаат речиси 8.000 граѓани.
Карл Џиачинти, претставник на Делегацијата на ЕУ, изјави дека проектот треба дополнително да го подобри градењето партнерство помеѓу локалната самоуправа и граѓанското општество, врз основа на транспарентен и ефективен пристап при решавањето на локалните проблеми.
„Довербата на граѓаните во државните институции и отвореноста на јавната администрација на централно и на локално ниво оди рака под рака со поголема граѓанска вклученост и учество. Ова се важни двигатели на реформите и клучна поддршка во процесот на пристапување на земјата во ЕУ“, изјави Џиачинти.
Според министерот за локална самоуправа Горан Милевски, со воспоставување унифициран механизам за транспарентна распределба на буџетските средства за финансирање проекти на невладини организации, се градат партнерски односи врз основа на дефинирани правила и процедури.
„Ова е начинот за подемократско и поотчетно управување на локално ниво, на што сè повеќе инсистираат граѓаните. Во втората фаза се вклучуваат осум општини, од кои шест се нови. Очекувам во оваа фаза да се обезбеди реплицирање на добрите пракси, со што ќе се создадат услови што поголем број општини да го прифатат овој начин на соработка со граѓанскиот сектор“, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Од УНДП потенцираат дека додадена вредност во втората фаза на проектот е компонентата за поддршка на граѓански организации кои работат на младински политики. Како резултат на тоа, во споредба со првата фаза на проектот, велат тие, ReLOaD2 ќе има уште пошироко позитивно влијание врз развојот на општините во кои ќе се имплементира.
„УНДП силно го поддржува учеството на младите во носењето одлуки во локалните заедници. Ќе ги охрабриме да се вклучат во овој процес, особено на теми кои ги засегаат директно. Давањето можност да направат видливи подобрувања во заедницата има суштинско значење за зајакнување на нивното чувство за припадност, подобрување на нивните економски перспективи и поттикнување да го планираат својот живот во родното место. Загрижувачкиот тренд на иселување на младите од државата може да биде зауздан само ако им се врати надежта во иднината на нивните заедници и ако им се даде поголем збор во обликувањето на таа иднина“, рече Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП.
Од таму ReLOaD2 се спроведува во вкупно 50 општини во шесте земји на Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Согласно планираната балканска стратегија, се очекува локалните граѓански организации да реализираат најмалку 300 проектни активности со директен бенефит за 40.000 жители.
Фото: УНДП