Статуа на Грета Тунберг од 24.000 фунти поставена во дворот на Универзитетот во Винчестер, Англија, предизвика револт меѓу студентите, пренесува BBC.
Од Универзитетот веруваат дека станува збор за првата светска скулптура на шведската активистка за заштита на животната средина. Но, од тамошниот Сојуз на студенти, реагираат дека средствата можеле подобро да се потрошат.
Претседателката на Сојузот на студенти при Универзитетот во Винчестер, Меган Бол, ја опиша Тунберг како „фантастичен пример за секого, како некој што зборува гласно и гордо за важни глобални теми“, но рече дека тие не може да ја поддржат скулптурата.
„Ние сме во Ковид година, многу студенти навистина немаа пристап до кампусот, многумина се обидуваат да студираат преку интернет и имаат огромна потреба од поддршка“, вели таа.
Сојузот го повика Универзитетот да одвои дополнителни 23,760 фунти, колку што беа потребни за скулптурата, за финансирање на услугите за поддршка на студентите низ кампусот.
Одговорот на Универзитетот, пак, е дека парите за проектот не биле пренаменети од средствата за студентска поддршка или на персоналот.
Скулптурата била нарачана во 2019 година и беше претставена претходно пред центарот „Вест Даун“ на Универзитетот. Целта е да ја симболизира посветеноста за борбата против климатските промени и еколошката вонредна состојба.
„Знаеме дека многумина сметаат дека таа е контроверзна личност. Како универзитет, ние ги поздравуваме дебатата и критичките разговори“, гласи нивниот одговор.
„Се надеваме дека нејзината статуа ќе помогне да ја инспирираме нашата заедница, потсетувајќи дека без оглед што животот ќе ни постави, сепак можеме да го смениме светот на подобро“, додаваат тие.