Статус кво во студентското организирање

Статус кво во студентското организирањеНетранспарентност, исклученост на студентите од процесот на донесување одлуки и контроверзни избори за студентски лидер, се едни од главните карактеристики на студентското организирање во земјава.  Ова се дел од заклучоците на дебатата „Евтини студентски приказни” во организација на Младинскиот образовен форум, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.

Студентските организации и движења, обвинија дека голем дел од работата на официјалните претставници на студентите – Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – СПУКМ, се одвива зад затворени врати.

Дејан Лутовски од студентското движење „Слободен Индекс“, вели дека иако СПУКМ е официјален и наводно легитимен претставник на студентите, сепак не постои цензус за изборот на раководството и тој буквално може да биде избран со тројца студенти.

„Никој нема прецизен увид во нивната работа, никој не знае како се кандидираат тие парламентарци кои се во локалните парламенти. Нашата алтернативна визија за надминување на сите тие проблеми во студентското организирање е преку студентско самоорганизирање, каде би се поттикнала поголема заинтересираност од студентите и учество во одлучувањето со одржување на пленуми во кои секој студент ќе може да го каже своето мислење но и сите ќе гласаат за одлуките кои се носат“, вели Лутовски.

Даниела Атанасова, новинар во студентското списание „Излез“, смета дека студентското организирање на најголемиот универзитет е во статус кво ситуација и мора да биде реформирано.

„Го имаме СПУКМ како официјален претставник на студентите кој работи или не работи, и имаме неколку други организации кои постојано прават некои напори за да се подигне свеста на студентите. Сепак, тоа останува на некоја органичена група на студенти. Потребно е да се реформира Студентскиот парламент, за тој да стане вистински застапник на студентите, но и другите организации да добијат зголемен пристап до фондови и до студентите, за да ги едуцираат за прашањата на кои тие работат“, вели Атанасова.

Според активистите во другите организации, изборите за студентски лидер се најконтроверзниот дел од функционирањето на СПУКМ.

„За жал дискусијата за студентското организирање се сведува на дискусија за СПУКМ, бидејќи тие се единствените признати претставници на универзитетско ниво и на факултетско ниво, а критиките најчесто се насочени кон изборот на студентски претставници. Изборите се единствениот момент кога јавноста може да посведочи што се случува во СПУКМ. Останатиот дел од нивното функционирање се случува зад затворени врати и многу се оскудни информациите кои ги имаме“, смета Марија Мирческа од Младинскиот образовен форум.

Од Студентскиот парламент при УКИМ не се согласуваат со ваквите критики. Велат дека нивната работа е јавна, исто како работата на секоја организација.

„Новата постава која оваа година дојде во СПУКМ, на чело со Кирил Спировски, ќе се пренасочи кон транспарентноста и јавното информирање за секоја своја активност која ја превзема. Тоа ќе се прави во однос на примањето на нови членови и во однос на формирањето на комисии, како што беше правната комисија која веќе работи на изготвување на повеќе правилници“, вели Марија Василевска, член на СПУКМ.

Според Василевска, сите финансиски извештаи за работата на СПУКМ се доставени до Ректоратот и се јавни. На новинарското прашање, зошто ги нема на официјалната страница на студентскиот парламент, таа одговори дека наскоро ќе бидат објавени.

Студентската правобранителка, Симона Јандревска, како плод на позитивната заедничка соработка помеѓу студентските организации ја истакна изработката на Етичкиот кодекс на студентите.

„Овој кодекс содржи основни одредби за тоа која е целта на студирањето, доброто, вистината и убавото на универзитетот  и сите добри манири и особини кои еден студент треба да ги научи на универзитет“, додаде Јандревска.

К.О.