Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација. Ова се ниски бројки.
Промоцијата на идејата за занимавање со спорт и физичка активност, како еден од основните фактори за унапредување и зачувување на човечкото здравје започнува пред многу години.
Иако интересот за истражувањата кои се поврзани со спортот, физичката активност и здравјето датира од педесеттите години на минатиот век, пробивот во научните докази за здравствените бенефиции од користењето на спортот и физичката активност во голема мерка се случи во текот на 1980-тите и 1990-тите години.
Позитивните, директни ефекти од спортувањето и физичката активност се особено видливи во спречувањето на неколку хронични заболувања, вклучувајќи: кардиоваскуларните болести, дијабетесот, карциномот, хипертензијата, дебелината, но особено тоа важи за депресијата и менталното здравје.
Анализите во врска со здравствените бенефиции од спортување претежно се фокусираат на интраперсонални фактори, како што се физиолошките, когнитивните и афективните придобивки. Сепак, тоа не ги исклучува и социјалните и меѓучовечките бенефити од спортот и физичката активност, кои исто така можат да произведат позитивни здравствени ефекти како кај поединци, така и кај заедницата.
Спортот и физичката активност како дел од здравиот начин на живот
Голем број надворешни фактори имаат влијание на тоа како спортот и физичката активност влијаат на здравјето, особено на менталното. Тие сами по себе не можат директно да доведат до придобивки за секој од нас, но ако се во комбинација со други фактори (екологија, животна средина, култура, едукација), во таков случај имаат голема улога во промоција на здравиот начин на живот. Факт е дека промените кои треба да се случуваат од аспект на подобрување и унапредување на животната средина можат да имаат значително позитивно влијание врз луѓето и нивното ментално здравје. Елементите кои исто така можат да бидат детерминанти во контекст на одржување на нашето здравје се исхраната, интензитетот и видот на физичката активност, како и нивото на стрес и навиките за спиење.
Истражувањето „Здравствените придобивки од физичка активност: Докази“ констатира дека спортот и физичката активност исто така имаат значителен придонес за благосостојбата на луѓето генерално. Истиот документ посочува дека вежбањето, физичката активност и спортот веќе долго време се користат во лекувањето и рехабилитацијата од различни болести кај луѓето, како на пример кардиоваскулрните болести, дијабетисот и oстеопорозата.
Спортот и физичката активност во функција на здравјето во ЕУ
Една од првите релевантни анализи во Европската Унија за нивото на користењето на спортот и физичката активност во функција на здравјето на луѓето е Платформата за диета, физичка активност и здравје објавена во 2009 година. Во овој документ се наведува дека, општо земено, граѓаните во северниот дел од Европската Унија се најмногу физички активни. Вежбањето или спортувањето најмалку еднаш неделно се најзастапени во Шведска (70%), во Данска (68%), Финска (66%), Холандија (58%), и во Луксембург (54%). Најниско ниво на вежбање и практикување спорт е забележано во земјите членки од јужниот дел на Европската Унија. Извештајот вели дека повеќето од испитаниците кои никогаш не вежбаат или не спортуваат доаѓаат од Бугарија (78%), Малта (75%), Португалија (64%), Романија (60%) и од Италија (60%). Што се однесува до нивото на практикување спорт и физичка активност во текот на неделата, 54 отсто од граѓаните испитаници од земји членки на Европската Унија немаат редовна физичка активност, додека 44 отсто имаат умерена физичка активност.
Исто така, во извештајот анализите покажале дека жителите од нордиските земји се физички активни на редовна основа, и тоа најмалку еднаш неделно во Шведска (70%), во Данска (68%), и во Финска (66%). Во Шведска, 15 отсто од луѓето вежбаат или спортуваат најмалку петпати неделно, во Ирска 16 отсто, додека во Унгарија, Словенија, Шпанија и во Литванија 15 отсто. Главните наведени мотиви за спортување или физичка активност се подобрувањето на здравјето (54%) и фитнесот (47%), додека како главна пречка се наведува недостатокот на време (40%).
Подобро здравје како мотив за вежбање
Би сакал да го споредам извештајот од 2009 година со последниот извештај на Европската комисија „Евробарометар за спорт и физичка активност“ од 2017 година во кој се наведува дека, кај луѓето во Шведска (83%) здравствените причини имаат влијание врз нивната одлука да се занимаваат со спорт или физичка активност. Истата причина за занимавање со спорт и физичка активност е и во Данска (74%), како и во Кипар и Словенија (70%). За разлика од нив, кај помал процент луѓе во Бугарија (31%) и Романија (35%) постојат мотиви за занимавање со спорт и физичка активност заради подобрување на сопственото здравје. Вториот мотив за занимавање со спорт и физичка активност е подобрување на сопствената физичка подготвеност во Шведска (72%), Финска (67%), Холандија (64%) и Ирска (61%). Сепак, иако фитнесот може да изгледа како очигледна мотивација, изненадувачки низок процент луѓе го наведуваат како мотивација во Романија (20%) и Бугарија (22%). Во истражувањето релаксацијата се појавува како особено убедлива мотивација за занимавање со спорт и физичка активност во Словенија (64%) и Холандија (63%).
Во извештајот е нагласена содржината на дебатата на последниот спортски форум на ЕУ, каде се споредени резултатите од последните истражувања и притоа е констатирано дека нивото на учество не е променето во голема мера од претходното истражување (период 2009 – 2017 година). Всушност, процентот на оние кои велат дека никогаш не вежбале или не спортувале бележи зголемување од 42 отсто на 46 отсто ширум Европа и ова е продолжение на трендот од 2009 година. Само во шест држави има покачување на процентот на граѓани кои вежбаат или спортуваат: Белгија, Луксембург, Финска, Кипар, Бугарија и Малта.
Спортот и физичката активност во функција на здравјето на нашите граѓани
Што се однесува до занимавањето со спорт и физичка активност во Македонија нема јасен показател, односно релевантни истражувања кои ќе дадат реална слика за тоа колку и дали нашите граѓани се занимаваат со спорт и физичка активност за подобрување на сопственото здравје.
Во областа на спортот, од аспект на младите, има недостаток на информации и статистички показатели. Причина за тоа е што не постојат истражувања и анализи од оваа област. Единствен документ кој се однесува на унапредувањето на состојбите во оваа област е Програмата за развој на спортот во Македонија за периодот 2013-2017.
Од причина што секогаш спортувањето и физичката активност се врзуваат за младите, постои податок во делот од Програмата каде се наведува дека само 1 отсто од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% отсто спортуваат аматерски, односно членуваат во спортски клубови, посетуваат редовни спортски тренинзи или учествуваат на спортски натпревари, додека 42 отсто спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.
Истражувањето во програмата наведува на тоа дека момчињата далеку повеќе (63%) од девојките (36%) се бават со спорт и физички активности. Тоа се однесува и на помладите, оние од 15 до 19 години (82%) наспроти оние од 20 до 24 или од 25 до 29 годишна возраст. Исто така, се посочува дека поактивни се оние во главниот град наспроти помалите места, како и оние кои не работат наспроти вработените.
Потреба од подигање на индивидуалната и колективната свест
Европската Унија сериозно работи на подигање на јавната свест за спортување и физичка активност и настојува да има рамнотежа помеѓу западниот и источниот дел од ЕУ. Исто така, ако се направи компарација помеѓу Македонската пракса (мал е бројот на релевантни истражувања) и Европската пракса, се доаѓа до заклучок дека нашите граѓани не се доволно физички активни, што наведува на податокот дека треба да се поработи на подигање на јавната свест за подобрување на здравјето на граѓаните, преку организирање на јавни кампањи.
Физички најактивните луѓе се изложени на најмал здравствен ризик. Сепак, најдрастични подобрувања во здравствениот статус се забележуваат кога луѓето кои имаат најмалку подготвеност стануваат физички активни. Од горенавадените причини, мора да се работи на промовирање на програми за спорт и физичка активност, и истите треба да бидат насочени кон луѓе од сите возрасти, бидејќи ризикот од хронични болести започнува од детството и се зголемува со возраста.
Помош од државата
Во еден период од претходнава декада, преку Агенцијата за млади и спорт беа изградени спортски објекти низ целата територија на нашата држава, но се поставува прашањето дали тие спортски објекти сега се во употреба или пак надлежните локални институции имаат проблеми при нивно менаџирање. Овој тренд на изградба на спортски објекти, пред се за широка употреба за секој наш граѓанин треба да продолжи и денес, особено сега во период на пандемијата, но и по неа.
Државата би требало преку своите надлежни институции за спорт и млади, како и за образование и здравство, и преку релевантните научни и стручни институции во делот на спортот и здравјето да направи сеопфатно национално истражување на репрезентативен примерок на испитаници за тоа колку нашите граѓани спортуваат и се физички активни за подобрување на сопственото здравје и сопствената психифизичка состојба.
Понатаму, од голема важност е да се финализира преносот на надлежности во делот на спортските објекти од државната кон локалната власт (во моментов има пренесено еден дел од ингеренциите за управување со спортските објекти). Со завршување на овој процес локалните власти ќе мора да вложат поголем труд за изградба на спортски објекти за широка употреба (не комерцијална) и да водат грижа за подобрување на постоечката инфраструктура за спортување и рекреација.
И на крајот, од круцијална важност е улогата на државната и локалната власт кои преку своите надлежни институции би се заложиле за подобрување на животната средина како дополнителен мотив за секој од нас да се определи за спорт и физичка активност како алатка за подобрување и одржување на сопственото здравје. Воедно институциите (државни или локални) да се стремат кон организирање на едукативни работилници за подигање на јавната свест.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.