На патот кон напредокот, човекот, користејќи ги научните достигнувања и применетата технологија, значајно го девастираше живото(т), а со тоа и неговата основа, природата. Димензиите на ова разурнување се толку големи што над човештвото се поставува прашањето за неговиот опстанок и живот на Земјата, воопшто.
Морално етичките прашања поврзани со самиот живот, со сите негови нивоа и развојни степени, денес, се далеку поприсутни отколку вчера. Медицинската етика повеќе не успева да ги покрие сите области поврзани со подрачјето на здравјето, болеста, смртта, т.е. животот. Се појави нова интердисциплинарна наука – биоетика!
Според првите обиди за нејзино дефинирање, пред се` американските, таа го опфаќа подрачјето на класичната медицинска етика и другите науки кои се поврзани со прашањето на животот и смртта, здравјето и болестите, т.е. со биологијата, економијата, политиката…, систематски го проучува и вреднува човековото однесува на подрачјето на науките за животот, здравјето, болеста и смртта, во светлото на морално-етичките вредности и начела. Со тоа се прави обид за опфаќање на сите проблеми кои се појавуваат во релацијата со живото(т). Но едновремено, освен прашањата поврзани со човечкот живот, биоетиката го истражува и односот кон животот општо, сите негови нивоа, го опфаќа и прашањето за поволните и неповолните услови за живот и здравје, како и прашањето на животната средина, т.е. целото подрачје на биосферата.
Биоетиката како наука
Треба да се потенцира дека како научна дисциплина, а денес веќе и како научно подрачје, биоетиката имаше макотрпен пат во однос на нејзината интерпретацијата. Раѓајќи се од медицинската етика во 60-тите години на минатиот век, пред се` како „американски производ“ (за што најзаслужен е американскиот онколог Ренселар ван Потер и неговата книга „Биоетиката – мост кон иднината“), сепак таа повеќе беше разбрана и насочена како реакција на интелектуалните хуманистички кругови во однос на се` поголемите проблеми наметнати со експанзијата на науките внатре медицината, а поврзани со човековите права. Најдиректна причина за тоа беа откритијата за монструозните медицински експерименти спроведувани на постари лица и лица со попреченост, на ментално ретардираните…, врз самите луѓе. А спомените од вакви слични експерименти во нацистичките логори, се` уште и тогаш и сега се свежа рана, особено во земјата на слободата и демократијата – САД. На ова, уште повеќе се надоврзуваат и прашањата поврзани со абортусот, трансплантацијата на органи и евтаназијата, а кои, барем кога се работи за САД, можат да се сублимираат во трослојното прашање „Кој“ – „Кој треба да умре?“, „Кој треба да живее?“, и најважното „Кој треба да одлучи за тоа?“, низ примерот со откритието на новинарката Шана Александер и т.н. „Божји комитет“ во Сиетл.
Времето во кое живееме и нужноста од биоетичко промислување и акција
Биоетичките прашања претставуваат консензус во размислувањата на философите, новинарите, теолозите, политолозите, социолозите и другите јавни дејственици. Ова поради фактот што на патот кон напредокот, човекот, користејќи ги научните достигнувања и применетата технологија, значајно го девастираше живото(т), а со тоа и неговата основа, природата. Димензиите на ова разурнување се толку големи што над човештвото се поставува прашањето за неговиот опстанок и живот на Земјата, воопшто. Ваквото произведено отуѓување на човекот од природата и од самиот себе, е солиден простор за развивање и унапредување на свеста за нераскинливиот однос на човекот кон природата, т.е. за меѓусебната врска на сите живи облици внатре биосферата. Промислувањето на овие проблеми од перспектива на модерните науки, било општествено-хуманистички или позитивистичко-природни, ја дава новата научна дисциплина – биоетиката чиј што темел е одговорноста за човековата биолошка и социјална егзистенција, и чии што аргументи ги зајакнува и легитимира зголемената пред се еколошка криза, откритијата на полето на генетиката и нивната примена во биосветот.
Во овој контекст, повеќе од нужно ни е биоетичкото промислување и дејствување. Во сферата на социјалната егзистенција, на биоетиката се гледа како на една од неколкуте точки за пронаоѓање на консензус на вредности помеѓу различни култури и религии. Таа е новата ориентација на човечковата и општествена одговорност кон сите облици на животот, која сака да ја освести неприродноста и да отвори нова димензија на поврзаност со природата. Токму затоа овој облик на дејствување, биоетичкиот, се смета за поле на нужност за афирмирање на животот како заедничка вредност на сите култури и дијалози како пат за трајна изградба и одржување на нивниот соживот. Со тоа, прашањата кои се однесуваа на човековите права, абортусот, евтаназијата, правата на животните, заштитата на животната средина, како и хармоничниот соживот на сите луѓе на планетата, излегуваат на прв план во ова интердисциплинарно научно размислување.
Иницијативи за воведување на биоетиката кај нас
Иако во светски рамки оваа идеја која се преточи во научна дисциплина веќе 60-тина години егзистира и дисперзира став на загрижен и внимателен однос кон живото(т), во европски рамки во последните 30-тина години таа наоѓа своја солидна подлога низ биоетичкиот императив на европскиот татко на биоетиката – Фриц Јар и истражувањата посветени за него. Во регионот, идејата, сознанијата и напорот за воведување на биоетиката, дали во наставната содржина на етиката или засебно, сепак во последните 20-тина години имаат голем одек.
Во Македонија, на пример, пред 15-тина години, низ обидот на проф. д-р Кирил Темков за воведувањето на Етиката во наставните курикулуми, а во последнава декада и низ обидот на група ентузијасти за популаризирање на идејата за биоетиката, имаме зародиш, во пошироки рамки, за институционализирање на биоетиката во образовниот процес, но и за нејзина поширока популаризација, особено со отворањето на Центарот за интегративна биоетика при Филозофскиот факултет во Скопје во декември минатата година. Идејата како резултат на напорите да се отвори јавен простор за форумеизација на „горечки“ прашања кои го тангираат соживотот, поаѓајќи од еколошките прашања (на пример загадувањето за време на зимскиот период), медицинските дилеми (прашањата за сурогат мајчинството, трансплантацијата, за односот лекар-пациент), па се` до прашањата поврзани со правата на животните, човековото подобрување (human enhancement)… Но се чини дека резултатот од оваа идеја најмногу се огледа во обидот биоетичките сознанија и поттикот за биоетичко промислување и дејствување да станат дел од нашето секојдневно живеење и активност за поквалитетен живот.
Имено, колку за илустрација, почнувајќи од лани, октомври кај нас е месец за прослава на Светскиот ден на биоетиката, кој традиционално се одржува на 19 октомври во целиот свет. Од минатата година посистематски и Центарот за интегративна биоетика, при Филозофскиот факултет во Скопје, како членка на УНЕСКО меѓународната мрежа за биоетика, се приклучи кон чествувањето, организирајќи ја т.н. „Недела на биоетиката“ со низа јавни предавања и конференции на кои учествуваа околу 30-тина домашни и пред се` странски докажани имиња од областа на биоетиката, философијата, правото и медицината обидувајќи се да ги отворат и дебатираат за круцијалните биоетички проблеми, дилеми и прашања на современието.
Повик за биоетичко освестување во нашето дејствување канализиран преку биоетичката едукација
Оттука, сосема е јасно дека по промовирањето на оваа голема идеја, следи период на макотрпна работа за имплементирање на биоетиката во нашиот образовен систем, т.е. во развивањето на курикулуми и форми на биоетичка едукација. Од мноштвото примери кои пред сè ги дава УНЕСКО, разни комисии на ЕУ, модели на едукација од САД…, можна е солидна изработка на добар модел и кај нас. Единствено што во моментов ни е главна пречка во обидот да се промени нашата свест е недоволниот степен на соработка и волја за унапредување на живото(т) кај нас, институционално, но и во самите шеми и модуси на секојдневно однесување.
Тоа ни е од особена важност, затоа што големината на биоетиката и биоетичките сознанија и решенија, вака поставени и вака реализирани во моментот, се` почесто се појавуваат како основа и за практицирање на она што денес се` повеќе се укажува како можна идна реалност – Универзалната етика. Но воедно, биоетиката е и една од појдовниците во создавањето на предусловите за изградба на таков тип на свест/свет/светоглед кај секој граѓанин на планетава кои подоцна стануваат не само коректив на државите и владите, туку се` почесто се и „биоетичкиот судија“ за она што го правиме. А ние сме за биоетиката, зарем не!? Животот пред се!
*Доцент д-р Дејан Донев има докторирано на Катедрата за философија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кадешто претходно го одбранил и магистерскиот труд. Тој предава на повеќе додипломски и последипломски студии во областа на етиката во медиумите и односите со јавноста, менаџерска и бизнис етика, политичка етика, етика и јавната админситрација, како и организациска теорија и развој, теории за глобализација и методологија на научни истражувања.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.