Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и во идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.
Првиот вистински тест за секој министер за финансии за тоа какви политики ќе води, е неговиот прв буџет. Затоа е време за првата, кроки анализа на политиките на новата министерка Нина Ангеловска, која стоеше како потписник на ребалансот за годинава, но за првпат е креатор на целиот документ. Буџетот за 2020 година, кој ги дава насоките како ќе се трошат парите на граѓаните кои државата ги собира преку даноци и давачки, влезе во Собранието.
И очекувано, во година на избори, буџетот е изборен. Огромни средства ќе се прелеат кај граѓаните. Повисоки плати за администрацијата со акцент на образованието, здравството и одбраната. Повисоки пензии од 700 до 900 денари. Има субвенции ако фирмите ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари, при што државата ќе ги плати придонесите за здравствено и за пензиско осигурување за покачената сума. Секако, за сево ова, парите се од Буџетот за 2020 година.
Оставена сама да го објасни данокот
Но, дали се ова автохтони политики на Нина Ангеловска? Ова ќе остане отворено прашање, бидејќи поголемиот дел од нив беа најавени од премиерот Зоран Заев кога го разрешуваше претходникот на Ангеловска, Драган Тевдовски. Ако на ова се додаде и тоа што Заев сакаше, но поради Антикорупциската комисија не стана и министер за финансии, може да се каже дека поголемиот дел од политиките Ангеловска ги наследи и сега требаше само да најде финансии и баланс за да ги спроведе овие мерки од нејзиниот ресор.
Но, ако не не изненади со Буџетот за 2020, министерката Ангеловска изненади со две други работи. Првата е замрзнување на прогресивниот данок во наредните три години. Концептот кој беше предизборна перјаница на СДСМ во 2016 година за намалување на нееднаквоста, преживеа само 10 месеци. Прогресивецот се подготвуваше во втората половина од 2017 и 2018 година. Лично премиерот Зоран Заев страсно го бранеше воведувањето, а добар дел од новинарите и јавноста предупредуваа на опасностите од воведување две стапки, од 10 и 18 отсто. Сепак, прогресивниот данок се воведе од јануари 2019, по што во ноември, преку ноќ беше ставен вон употреба.
При соопштувањето на оваа одлука за замрзнување на прогресивниот данок и враќање на рамниот персоналец од 10 отсто, Ангеловска беше оставена сама, спротивно на праксата кога се објавуваше ребалансот за 2019 и Буџетот за 2020 година кога беше во друштво на премиерот Заев. Ако се знае дека одлуката е донесена по направена анализа, која ја изготвија двајца еминентни познавачи на економијатаа и даноците, Марјан Петрески и Павле Гацов, а беше нарачана токму од министерката, оваа одлука може да се каже дека е нејзина. Исто така, Ангеловска на 36 месеци, до 1 јануари 2023 го замрзна даночењето на капиталните добивки, односно дивидендите, како и даночењето на каматите на банкарските депозити над 15.000 денари. Ова е целосно напуштање на социјалдемократската матрица во економијата, која до стапувањето на сцена на новата министерка, Владата се обидуваше да ја наметне. Често ова не и успеваше поради присуството на еден од најбогатите луѓе во државава, вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Ги запре предлозите на Министерот Бектеши
Мора да се напомене дека од самиот старт, Ангеловска е страотно оспорувана како личност која ќе може да биде министерка за финансии. Имаше оспорувања и поради полот и поради годините, таа е во раните 30-ти години од својот живот, но најмногу и се префрла(ше) што доаѓа од реалниот сектор, од бизнисот и дека нема познавања од макроекономијата и финансиите како нејзините претходници, кои речиси сите беа економисти калени на звучни универзитети или во меѓународни финансиски институции како ММФ и Светската Банка. Таа е претставник на новата генерација, кои имаат кариера и пред политиката. Ангеловска е економист, доаѓа од услужниот сектор и е поборник на дигитализацијата на општеството и на економијата.
Интересен податок за неа е и новиот Закон за данок на моторни возила. Овој Закон ќе треба да го редифинира начинот како се плаќаат давачките при увоз на моторните возила. И овој Закон е во спротивност со едно ветување кое го дадоа министрите, а и премиерот за субвенционирање на увоз на постари, но поеколошки возила од тие што се возат во моментов низ државава. Владата и Министерството за економија првично сакаа да даваат 3.000 евра ако некој одјави возило со еуро 0, 1, 2 или 3 стандард и ако купи старо или ново возило со еуро 5 или 6 мотор, по што почнаа да размислуваат ваквата субвенција да ја заменат со намален данок на додадена вредност. Се најавуваше дека ДДВ би бил до 5 отсто. Но, ова беше неприфатливо за Ангеловска. Дали по сугестија на вицепремиерот Кочо Анѓушев, кај кого се побунија увозниците на нови возила, дали по нејзино лично наоѓање, мерките за субвенционирање на стари возила не добија зелено светло. Се доби само нов Закон за данок на моторни возила, кој треба да го поскапи купувањето нееколошки возила, а да го поевтини купувањето електрични. Ова е победа на Ангеловска бидејќи директно ги запре предлозите на министерот за економија Крешник Бектеши за субвенции на моторните возила.
Оттука веќе се наѕираат политиките на Ангеловска. Таа немаше храброст реално да ги димензионира капиталните инвестиции и да ги намали на сума која ќе може да се реализира, односно да прекине да се проектираат капитални инвестиции од 400 милиони евра, а реално да се реализираат 200- 250 милиони. Немаше храброст и да димензионира Буџет за 2020 година кој нема да биде изборен, туку реален и кој ќе има уште понизок буџетски дефицит од планираните 2,3 отсто од бруто–домашниот производ и да го намали јавниот долг под сегашните 47,7 отсто , наместо да планира наредната година да го зголеми до 52 отсто од БДП.
Но, сево ова е очекувано во изборна година. Може малку да боли што СДСМ продолжува по стапките на ВМРО-ДПМНЕ за популистички буџети за да се купи гласачкото тело, но, Ангеловска со два потега остави многу силен впечаток.
Иновативен предлог за предлагање амандмани
Првиот е што не се пишмани и опстоја на идејата да се лансира платформата отворени финансии. Оваа алатка овозможува да се следат исплатите од буџетот кон корисниците, но и кон физички и правни лица кои добиваат народни пари. Така, се откри колку поранешната прва специјална обвинителка Катица Јанева добивала бонуси за доверливост (157.000 евра). Едноставно, за да молчи околу тоа што го слушала во бомбите. Оваа информација предизвика бес во јавноста, како што предизвикуваат и информациите за огромни исплати на буџетски пари кон лица кои биле блиски со актуелната или поранешната власт. Политички, ова му нанесува штета на СДСМ, но од аспект на следење на трошењето на буџетските пари и од аспект на подобрување на транспарентноста, ова е вистински чекор. Ангеловска не се повлече од него.
Таа во амандманската расправа за Буџетот за 2020, која се водеше во Собранието, излезе со уште еден предлог кој е добар за демократизација на општеството. Како одговор на обвинувањата дека Владата не прифаќа амандмани кои доаѓаат од опозицијата, таа предложи целиот процес да се дигитализира и да биде анонимен, односно да не се знае која партија или пратеници ги предлагаат промените на буџетските ставки. Едноставно, на собраниската Комисија за финансирање и буџет, министрите да се изјаснуваат на слепо за нив, односно само врз основа на предложеното, а не и врз тоа кој е автор на амандманот.
Во оваа анализа можат да се вметнат и други параметри околу досегашните чекори што ги презема Нина Ангеловска како министерка за финансии, но ова се основните елементи врз кои би можело да се извлече заклучок како се постави во политичкиот живот во државава. Заклучок дали е добра или лоша министерка секако ќе можеме да донесеме по завршувањето на нејзиниот мандат и врз основа на резултатите кои ќе ги испорача. Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и со идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.
*Горан Теменугов има 21 година новинарска кариера. Работел во телевизии, радио, дневни весници и неделници. Во моментов е ангажиран во Алсат-М ТВ како новинар, уредник на вести и уредник на економската редакција. Скоро 17 години се специјализира како новинар за економија. Освен дневното новинарство, во кариерата има авторство и водење на повеќе емисии, дел од областа на економијата, дел и од политиката. Во моментов примарни полиња на известување му се: фискална и монетарна политика, како и телекомуникацискиот сектор.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.