Пред половина час учествував во една незгодна ситуација. Околу 12 часот заминав до Спомен-куќата на Тоше каде требаше да гледам една хуманитарна модна ревија која се оддржува таму. Ја разгледав, се прошетав и го чекав почетокот на настанот со моето друштво. Ми пријде една вработена и ме замоли да го тргнам беџот од Шарена Револуција (беџ кој секогаш стои на мојот капут) под образложение дека е партиско обележје, а ова било национална установа.
Иако се обидов да објаснам дека нема ништо партиско, културно си го преместив под шалот бидејќи не сакав да создавам проблеми. По 15на минути на страна ме тргна директорката на спомен куќата Елена Мирчевска која повторно побара да го тргнам беџот иако веќе не беше на видливо место. Тука веќе покажав отпор и одбив да го тргнам и само побарав логично образложение.
Ова беше краткиот (парафразиран) разговор меѓу нас
Ова е национална установа, не се прифатливи партиски обележја.“
„Нема ништо партиско во беџот, се работи за настан што се случуваше во Македонија. Очигледно не разликувате партија и политика.“
„Многу добро знаеме што значи беџот, ова е меморијален центар треба да се покаже почит. Сега на настанов и медиуми ќе снимаат, не треба да се гледа. Пикни го под јакна.“
„Еднаш веќе го преместив и сега е под шалот. Беџот никогаш го немам извадено и нема да го извадам. Знам кај сум, внука од братучед сум на Тоше и нема што да дискутираме за мојата почит кон него. Ко што гледате ниту агитирам, ниту бистрам политики. Дојдов да го проследам настанот.“
„Овде јас сум директорка и јас поставувам правила. Или ќе го преместиш или ќе напуштиш.“
Напуштив. Бев избркана заради беџ од луѓе што се партиски поставени на својата позиција во спомен-куќа на човекот што не ги делеше луѓето по ниедна основа. Навистина сум гневна што такви луѓе треба да го претставуваат неговото дело. Тоше, извини, но моја нога повеќе таму нема да стапне.
Изреволтирана по настанот само го посетив неговото вечно почивалиште и оддадов почит како што е ред, бидејќи не ми дозволија да оддадам почит во неговиот меморијален центар.
„МЈ: Овие од Тоше семејствово против нас се. Што праиме? Да му ја избркаме таа од работа ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејо?“ (извадок од една од „бомбите“ н.з.)
Среќа сега се нивни луѓе на позиции, па не можат да го затворат музејот. Инаку директорката е битолчанка, без никакви допирни точки со градот кај што е израснат Тоше.
Тоше, прости им, не знаат што прават.
Теано Кардула