„Работа на медиумите е да ја заинтересираат јавноста за јавниот интерес“. Ова е една од многуте искажани „мудрости“ која има значење и на исток и на запад. Борбата за здраво демократско општество во која е клучна улогата на медиумите како чувари на демократијата никогаш не престанува, бидејќи независноста на медиумите е се уште релативна и во таканаречените слободни општества.
Замислете како воени специјалци влегуваат во jавниот радиодифузен сервис и одземаат материјали и компјутери од новинар кој истражува корупција во военото разузнавање, затоа што раководството на јавниот сервис претходно одбило доброволно да им ги предаде. Камерите се вклучени и сето ова се пренесува во живо.
Или можеби е полесно да си преставите ситуација во која медиуми објавуваат транскрипти од прислушувани разговори помеѓу актуелен премиер и неговата шефица на кабинетот, кој во рамките од една недела по објавувањето на аферата за политичка корупција поднесува оставка. Судот решава дека еден медиум треба да плати минимална казна, но не за објавениот материјал, туку затоа што објавил дел од интимен разговор кој не бил од јавен интерес и навлегувал во приватноста.
Овие два настана се случија во Чешка не така одамна и предизвикаа дебата за јавниот интерес. И во двата случаја, новинарите, политичарите, јавноста реагираа така што на крајот одземеното се врати и следуваше извинување, односно судот пресуди и имаше правна разрешница.
Чешка е интересна земја за споредба, бидејќи ѝ припаѓа на групата релативно понови членки на Европската унија и, што би се рекло, би требало да е меѓу Македонија и постарите демократии.
Како е регулиран јавниот интерес во Чешка?
Јавниот интерес како збир кој ги надминува индивидуалните интереси на луѓе нема јасна дефиниција ниту во Чешката република. Но јавниот интерес сепак е вграден во законската регулатива со која се користат институциите на системот, а чија цел е негова заштита или примена. Закони кои се занимаваат со оваа област се: Законот за Чешката телевизија (ЧТ), Законот за радиотелевизиска претплата, Законот за аудиовизуелни служби, како и Законот за вршење на радио и телевизиско емитување.
Кога станува збор за медиумите и заштитата на јавниот интерес, Законот за Чешката телевизија ја наметна потребата од донесување на Кодекс на ЧТ, кој пак, ги утврди принципите на работа на вработените во телевизијата. Кодексот служи како упатство за правилно носење одлуки при справување со конкретни прашања и проблеми на телевизиски пренос, но исто така претставува посветеност на квалитетот на публиката и јавноста. Кодексот е одобрен од Парламентот на Чешка во 2003 година. Неговото прекршување се квалификува како прекршување на работната дисциплина. Клучна поента на Кодексот е дека се базира врз концептот на јавни услуги за пристап до информации за култура и едукација за сите граѓани. Во оваа смисла, Чешката телевизија се наведува како отворен јавен простор за исполнување на искуства и ставови и на чешкиот народ и на различните групи кои живеат во земјата. Телевизијата едноставно е поставена како форум за јавна дебата на најширока можна палета на мислења и ставови.
Кодекси имаат и приватните медиуми за кои исто така се применуваат постојните закони, но сепак нивната улога во смисла на програмската содржина е поинаква.
До кај „стига“ јавниот интерес?
Медиумскиот пејсаж во Чешка е речиси идентичен на македонскиот во смисла на јавното и приватното финансирање на медиумите. И во чешките закони и во медиумски кодекси се наведуваат независноста на уредувачката политика и јавниот интерес, кој сепак се разликува кај јавниот и приватниот сектор.
Во практиката дилемите околу тоа што се` е јавен интерес или до каде оди јавниот интерес, каде почнува приватноста, колку треба и колку може да се пласира во медиумите не се докрај расчистени, но следните два случаја прикажуваат како во практика се брани јавниот интерес.
Бартак и Мафра
Мартин Бартак беше министер за одбрана на Чешката Република во 2009 и 2010 година. Тој беше обвинет дека додека бил министер преку неговиот заменик побарал мито од околу 3 милиони евра од претставниците на компанијата ,,Татра” за „решавање на проблемите при тестирање на неколку стотици теренски возила“. Бартак беше ослободен од обвинението поради тоа што немало докази. Но, тој побара извинување за написот во дневниот весник ,,Млада Фронта Днес”, кој го поврза со корупцијата при купување на автомобили „Татра“ за чешката армија. Општинскиот суд во Прага во декември 2015 година одлучи дека издавачката куќа „Мафра“ не треба да му се извини и не треба да му плати околу 17 илјади евра на поранешниот министер за одбрана. Според надлежната судијка, во случајот „Бартак“ надвладува јавниот интерес над заштитата на личноста.
Љубовно-политичката афера „Прислушување“
Во чешките медиуми беа објавени транскрипти од прислушувањето за случајот на Јана Нагиова, шефицата на кабинетот на тогашниот премиер Петр Нечас. Нагиова, која подоцна стана и сопруга на Нечас, беше главна „актерка“ во љубовно-политичката афера објавена во јуни 2013 година и го чинеше функција тогашниот Премиерот си поднесе оставка само 7 дена по објавувањето на аферата.
Пред речиси три години, беше извршена ненадејна рација на Единицата за борба против организиран криминал во седиштето на Владата и во неколку други службени и приватни простории, при што, заедно со уште седум лица беше уапсена тогашната шефица на кабинетот на премиерот на Чешка, Јана Нагиова. По акцијата, која е најголема досега по падот на комунизмот во 1989 година, против неа беа покренати неколку обвинувања. Дел од нив веќе се процесирани и донесена е една пресуда – една година условна казна за злоупотреба на Службата за воено разузнавање. Имено, Нагиова неовластено дала наредба за следење на тогашната сопруга на нејзиниот шеф. Против Нагиова е покренато и обвинение за корупциска поврзаност со лобисти и бизнисмени, односно нудење на функции во државни фирми на поранешни пратеници како противуслуга за откажување од мандатот.
Значи, медиумите објавија транскрипти од разговори, смс пораки помеѓу премиерот и шефицата на кабинетот, негова љубовница. Дел од разговорите се интимни и тоа беше најспорното, бидејќи има различни мислења за тоа колку е тоа јавен интерес. Според директорот на Управата за заштита на личните податоци Игор Њемец, објавување на интимни делови од разговорите не е јавен интерес поради што издавачот на весникот кој ги објави, ,,Млада Фронта Днес”, треба да биде казнет со 180.000 евра. Според уредникот на „Млада Фронта Днес“ Јиржи Кубик, објавувањето на разговорите било потребно за да се претстави целиот контекст. Полицијата, како што изјави Кубик, оценила дека тоа е релевантен доказ оти во Владата се случувале работи кои не требало да се случуваат, а мешањето на приватното и службеното е дело на самиот премиер Нечас. Јавната обвинителка во Прага, Ленка Брадачова, пак, сметаше дека е потребно да се оценуваат конкретни случаи, а за тоа дали станува збор за јавен интерес проценува оној кој го објавува материјалот.
Весникот, односно компанијата „Мафра“ на која тој ѝ припаѓа беше казнета со околу 9 илјади евра за објавување на некои информации од прислушкуваните разговори помеѓу премиерот и љубовницата, шефица на неговиот кабинет.
Медиумите, нивната мисија и законот
Според правници, адвокати и експерти, јавниот интерес во Чешка го одредува објавувањето или необјавувањето на прислушувани материјали. Според Законот за кривична постапка во Чешка, не е дозволено јавно објавување снимки од прислушување без согласност од засегнатите лица. Но, исклучок е можен, доколку објавувањето на снимките е од интерес на јавноста. Во последно време, се повеќе се дискутира за општественото влијание на медиумите особено од аспект на нивната содржина, што честопати е предмет на критика. Во анализите се укажува на можноста од манипулирање со информациите, а со тоа и со напорите да се влијае врз мислењето на крајните корисници.
Основно, пред се`, е дека треба да се сфати оти како што постои разлика помеѓу јавниот и приватниот сектор, исто така, сферата на медиумите може да се дели на јавна и комерцијална. Реално е комерцијалните медиуми да се однесуваат како деловни субјекти, чија примарна и основна мисија е да генерираат профит. Но, исто така е легитимно ако некој критички потсети дека одреден медиум е во сопственост на влијателна личност или „де факто“ е под контрола и влијание на групи на рекламни огласувачи и оти информациите се интерпретираат во полза на тие лица. Тие практики се неморални и се во спротивност со очекуваната улога на медиумите како чувари на демократијата, се наведува воанализата на Мартин Адамец објавена во ,,Правни Простор”.
Но, се смета дека секој читател, слушател или гледач треба да биде целосно свесен, чие влијание доминира во медиумот кој го следи и кои се неговите клучни инвеститори, а врз основа на тие информации треба да заземе став кон информациите со постојано критичко разбирање дека веста е можеби дезинформација. Значи, се води сметка и да се едуцира публиката.
Од тие причини, во делот на информирањето на јавноста или заштитата на јавниот интерес во Чешка, најзначајна е улогата на Чешката телевизија, Чешкото радио и Чешката новинска агенција. Медимите финансирани со јавни пари ја имаат клучната улога во производството и дистрибуцијата на содржината, која треба да ги исполни демократските, социјалните и културните потреби на општеството во однос на медиумскиот плурализам. Главните задачи на јавниот сервис во голема мера се дефинирани како обезбедување на објективни и балансирани информации со цел слободно формирање на индивидуални мислења во актуелниот развој на правната свест на населението во Чешка. Тоа, пак, треба да резултира со развој на културниот идентитет на населението, вклучувајќи ги и припадниците на националните и етничките малцинства, и создавање и ширење рамнотежа меѓу сите тие групи во однос на нивната слобода на религија, уверување, возраст, пол или потекло.
Во вестите и емисиите на јавниот сервис нема да видите репортажи за готвење или за бездомните животни, или не дај боже „риалити шоу“, додека кај комерцијалните медиуми таквите содржини доминираат дури и во дневно-информативните емисии. Премиерот или Претседателот во Чешка не се појавуваат секој ден на телевизија или радио во Чешка. Нивните активности на дипломатски план може да се сместени во втората половина на радио или телевизизискиот дневник во зависност од случајот и тежината на настанот, и да не им дадат поголемо значење од, на пример, пукната водоводна цевка која оставила без вода десетици илјади луѓе. Имено, преку независната уредувачка политика, јавниот интерес јасно се гледа преку оценката на медиумот што е поважно – вода, поплава, пожар или некоја билатерална средба.
Сепак, за да се задоволи јавниот интерес за безбедно и здраво демократско општество во кое медиумите навистина ќе бидат чувари на демократијата, освен јасно законодавство, парламентарна контрола и силни новинарски здруженија и синдикати, потребна е волја. A волјата на политичарите во Чешка не е секогаш на иста линија со онаа на јавниот интерес и од таму доаѓа притисокот.
Зоран Ќука
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.