Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.
По долгогодишна (засега неуспешна) борба со загадувањето на воздухот, се чини дека граѓанската свест во Македонија за јавното здравје конечно се зголемува, иако и натаму останува ваквото зголемување да се преточи во помасовни протести од неколку стотина луѓе на улица. Меѓутоа, загадувањето, иако несомнено најголема, дефинитивно не е единствената крупна закана по нашето јавно здравје. Една таква закана која несомнено заслужува поголемо внимание во јавноста се сериозните здравствени последици од посетувањето ресторани за брза храна.
На неодамнешното свечено отворање на еден фаст-фуд ресторан, премиерот Зоран Заев го претстави присуството на овие ресторани во Македонија како „потврда дека земјата оди во вистински правец“. Причината зошто отворањето фаст-фуд ресторани носи позитивна симболика веројатно лежи во контрастот со затворањето на рестораните од синџирот „Мекдоналдс“ во 2013, кој си замина од Македонија за време на претходната влада и го остави еден од најатрактивните деловни простори во центарот на Скопје да седи празен со години. Но, проблемот е во тоа што сите сознанијата од научната заедница упатуваат на сериозни здравствени ефекти од прехранувањето во фаст-фуд рестораните. Овие ефекти бездруго треба да ни бидат поважни од вкусната храна и симболичните ПР-придобивки од присуството на ваквите светски синџири.
Фаталниот спој на брзата храна и газираните пијалоци
Дека брзата храна која се продава во фаст-фуд рестораните е штетна човештвото знае веќе со децении. Она што е помалку познато е дека газираните пијалоци, кои се вторите најпродавани производи во фаст-фуд рестораните, се уште поштетни од брзата храна. Американскиот документарен филм „Fed Up”, кој предизвика огромно внимание во САД, непобитно докажува дека убедливо најштетниот нутриент на современиот пазар е шеќерот, бидејќи тој најбавно се обработува и најмногу се задржува во нашите организми. Најчестиот извор на шеќер, пак, во исхраната на Американците не се ниту тортите ниту колачите, туку токму газираните пијалоци. Она што е клучно да се согледа е дека постојат три причини зошто рестораните за брза храна се поуспешни во продавањето газирани пијалоци одошто, да речеме, трафиките и супермаркетите.
Прво, целокупната успешност на фаст-фуд рестораните се темели пред сè на нивниот проверен мегаломански бизнис-модел. Овие ресторани го имаат доведено до совршенство концептот на пакет-оброци (пр. пилешки крилца со помфрит и шише кока-кола), убедувајќи нè дека за основната услуга која ја плаќаме (пилешките крилца) добиваме вкусни додатоци (помфритот и кока-колата) со минимална доплата. Квантитативно гледано, овој модел е добитна формула и за производителот и за потрошувачот. Производителот ќарува неколку долари плус за производи за чие производство сносил минимален дополнителен трошок, а потрошувачот за само неколку долари плус добива производи кои веројатно не би се решил да ги купи кога би се продавале по редовна цена. Единствениот проблем е што потрошувачот во својата математика ја вклучува само минималната финансиска доплата, а не и значителната здравствена доплата која произлегува од секоја испиена кока-кола.
Втората причина е исто така маркетиншка. Во светски рамки, фаст-фуд компаниите имаат развиено комплексни маркетинг-механизми со кои всушност не ги продаваат своите производи, туку небулозно го рекламираат таканареченото „искуство“ врзано со овие производи. Нашки кажано, „продаваат магла“, но пострашно е што потрошувачите таа магла ја купуваат: мојата генерација веројатно ги памети подарочињата од „Мекдоналдс“ повеќе од сите изедени бургери и испиени кока-коли, кои можеби и не би ги конзумирале доколку подарочињата првично не би го привлекле нашето внимание.
И на крајот, третата причина за диспропорционално високата продажба на газирани пијалоци во фаст-фуд рестораните е врзана со самата содржина на брзата храна. Зарем има јадење кое повеќе тера на пиење од порција лути пилешки крилца?
Дебелината убива
Главниот проблем со брзата храна, газираните пијалоци и останатите водечки причинители на прекумерна телесна тежина е што на нив нема етикета од типот на „пушењето убива“. Што воопшто не значи дека не убиваат. Впрочем, сите европски земји, па така и Македонија, иако сè уште е земја во развој, одамна имаат навлезено во таканаречената напредна фаза од концептот на епидемиолошка транзиција. Ваквата транзиција значи дека главен причинител на смртност во Македонија веќе не се т.н. акутни болести, од кои и онака повеќето веќе не се смртоносни (пр. пневмонијата). Напротив, како држава со просечен животен век од 76 години, во Македонија се умира пред сè од хронични болести, односно болести кои главно напаѓаат стари организми, како на пример ракот, дијабетесот и срцевите заболувања. Веројатноста од ваквите болести најмногу зависи од состојбата во која организмот се наоѓа кога ќе навлезе во поодмината возраст. Притоа, водечки ризико-фактор врз здравствената состојба е токму – дебелината.
Впрочем, дебелината е толку сериозен проблем во побогатите држави (каде мнозинството луѓе можат да си дозволат да јадат до презаситување без воопшто да размислуваат колку тоа ги чини финансиски), што животниот век веќе не се мери според бројот на проживеани години, туку според бројот на квалитетно проживеани години (quality-adjusted life expectancy). Пластично кажано, оние (најчесто повозрасни) луѓе чија телесна тежина е веќе толку висока што сериозно им ја попречува подвижноста и им го намалува квалитетот на живот, веќе се сметаат за „мртви“.
Еден од најинтересните факти поврзан со дебелината е што таа негативно влијае не само на дебелите луѓе, туку и на остатокот од општеството. Едно неодамнешно истражување за ефектите на дебелината во Велика Британија покажа дека 6 отсто од целокупниот буџет во јавното здравство за 2017 година бил потрошен на болести кои биле директно предизвикани од прекумерна телесна тежина. Ова значи дека дебелите луѓе не само што си го уништуваат сопствениот живот, туку и влијаат врз здравјето на сите останати, бидејќи одлеваат значителни средства од заедничкиот државен буџет. Притоа, најинтересниот аспект од истражувањето е дека пушењето, за разлика од дебелината, не само што не одлева пари од здравствениот буџет, туку заштедува. Пушачите ретко достигнуваат длабока старост, со што веројатноста дека некогаш ќе имаат потреба од подолг престој во болница и дека некогаш би претставувале крупен трошок за здравствениот систем, е значително помала.
Секако, ова не значи дека не треба да се бориме против пушењето, но дефинитивно значи дека против дебелината треба да се бориме уште пожестоко. Кај нас засега е обратно: закон против пушење во угостителските објекти има со години (иако во ограничена форма како резултат на необјаснивата модификација на законот минатата година). Затоа, пак, закон за дополнително оданочување на производи кои содржат штетни нутриенти (како газираните пијалоци) воопшто не постои, иако тоа е норма во голем број западни држави.
Во светски рамки, Македонија е всушност помалку дебела од повеќето европски земји. Но, ова не значи дека се храниме здраво. На списокот на штетни нутриенти, шеќерот се наоѓа рамо до рамо со брашното, кое пак е едно од обележјата на македонската кујна поради популарноста на белите пецива. За жал, културните традиции честопати се имуни на советите за здрава исхрана. Меѓутоа, газираните пијалоци за среќа сè уште не се толку длабоко навлезени во нашата култура колку во западните култури, каде безмалку се имаат претворено во животен стил. Токму затоа е уште потешко да се проголта фактот што Македонија практично „ничим изазвана“ си ја отвора вратата кон оваа неволја преку отворањето нови фаст-фуд ресторани.
Здравјето пред гурманството и работните места
Неодамна, еден ресторан за брза храна во Скопје беше привремено затворен поради наводни технички проблеми. Еден ден претходно, социјалните мрежи беа преплавени од објави за откриени црви во оброк купен од овој ресторан. Проблемот со црвите веројатно е веќе решен, но здравствените ефекти од прехранувањето во фаст-фуд рестораните не се решливи. Кога премиерот Заев неодамна го најави отворањето на овој ресторан на својот профил на Инстаграм, рече дека „доаѓа нешто вкусно и крцкаво“. Време е државата да престане да поддржува инвестиции кои го загрозуваат јавното здравје, макар и по цена да пропушти неколку стотина вработувања.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.