[Став] Бучни места

[Кочанските убиства, не само од страна на несовесниот и алчен сопственик-митаџија, туку и од страна на распаднатиот и скапаниот државен и административен коруптивен систем, го попречија и одложија објавувањето на овој настан кој беше планиран за ден пред трагедијата. Замислен и проектиран како втор дел од постот 16: „Бучната музичка алтернатива“, тој мораше да почека, бидејќи во општеството се појавија поитни и поважни работи за кои The.Out.s имаше потреба од прилог кон состојбите.]

Настанот „Бучни места“ има за цел да го продолжи прегледот на случувањата во „Бучниот алтернативен музички“ бран [„БАМ бран“] укажувајќи и на другите чинители, освен бендовите, кои се составен дел од него.

Тие други чинители се опфатени со синтагмата „бучни места“, односно, се однесува на местата на кои БАМ бранот се појавува, изведува, восприема и постварува. И тие можат да се подведат под пет категории: 1. отворени сцени низ Градот; 2. (невообичаени и немузички) локации; 3. радија; 4. промотори и 5. фестивали. Некои од овие места се постари (постојат од поодамна), некои се понови, напр. некои радио фреквенции, а некои од нив создадоа еден нов дружебен феномен, кој само ја потврдува новата состојба и издание на македонската алтернативна музика. Во оваа прилика The.Out.s ќе се осврне на првите две преку прашањето: Како дојде до ова?

Од силната партизација на МКЦ (раздолжување со партиските членови и/или поддржувачи и нивно назначување за директори), МКЦ го пропушти овој бран и не создаде некој клуб или вежбални (а има каде во зградата, како што, напр., во една од нив на времето вежбаше „Леб и сол“) кој ќе ги вдоми овие нови појави и бендови; не создаде (или, уште полошо, го прекина повторно разработеното) место „за искачање“ на цела една нова генерација млади. Споредено со порано, генерацијата од самиот почеток 1980ти во „Дансингот“ (најголемата концертна сала) секој понеделник имаше отворена бина за џемање и/или самостојно настапување на која се пробуваа идните рокери, панкери и по некој џезер.

Тркалезните маси на бифето (тогаш на спратот, до Дансингот) беа места на кои алтернативата, освен што секојдневно се собираше и/или дремеше врз нив, се расправаше и за „Кралот на прстените“ и/или се разменуваа книгите на Хесе, Хаксли или Замјатин и најновите плочи донесени од странство, каде се правеа плановите за летните авто-стопирања низ Европа, а прочитувањето на „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Бак беше задолжителна „влезница“ за во друштвото, додека во кино салата се прикажуваа „Апокалипса сега“ или „Сиот тој џез“ на Боб Фос и се чекаа гостувањата на клучните југословенски бендови од „новиот бран“…

Во така испразнетиот простор на скопската алтернативна сцена, кон крајот на 2023, втрча „Лабораториум“ и го пополни тоа место, а МКЦ остана само место за фестивали, главно организирани од надворешни менаџери и продуценти, односно, МКЦ ја изгуби вибрантноста и свежината на секојдневните настани, после едвај вратената после многу години напори, труд и работа на посветениот млад тим. Набрзо по отворањето на „Лабораториум“ или можеби едновремено, и други го укапираа овој вакуум.

Еве некои од тие места: книжарници: „Буква“ и „Литература.мк“ (во Diamond Mall), Винил место „Бонобо“; Кафетерии, пабови и барови: „Ла Кања“, „JaZzy“, „Порта џез“, Битола, „Радост“, „Бифе Тафталиџе“, „Котур“ кафе и филм, Македонски паб „Sе“, „Рок корнер“, Концепт кафе „Шума“, „Mr. Brown“, „Браво“; Клубови: „Минус еден“, „Станица 26“; Центри: Младински културен центар, Културно-социјален простор „Јадро“, „Салон 19:19“ при КИЦ, Социјален центар „Дуња“, Културен центар „Лабораториум“, Субкултурниот центар „Shortbus“.

Повеќе кафулиња, пабови, клубови и останати подруми се отворија за живи свирки, ја раширија сцената и местата за свирки на сите бендови и поединци од БАМ бранот. Можеби со тоа го зголемија профитот, но тоа е помалку важно за севкупната слика, затоа што доволно храбро ги заменија (попрофитните) кавер бендови со овие бучни бендови.

Особен феномен е оној на организирање на свирки во малите книжарници, кафулиња и пабови: никогаш доволно просторни за вакви настани, па зиме се свири и надвор!

А откако се виде успешниот обид на „Лабораториум“, после 40-на години, да се возобнови еден од клучните институти на секоја музичка сцена – отворената сцена и џемањето, тоа го прифатија и неколку други места, но овој пат тоа беа: книжарници, пабови и кафулиња. Досега организираните 37 џема во „Лаб“ во период од една година станаа и места на дружење и запознавање и не само меѓу музичарите, туку на една цела и голема група на млади, цела една нова генерација.

Откако ја осликаа со муралот на Мајка Тереза, „Школка“ во стариот дел од Градскиот парк, како да го изгуби значењето и вредноста на алтернативна сцена, па така БАМ бранот се пресели на современо и соодветно за времето и за бранот дизајнирана нова сцена: „Лепеза“. На неа, но и на новата мобилна сцена во Паркот на франкофонијата, до Мобилната галерија на Центарот за современи уметности, започнува повторното „освојување“ на Паркот.

И затоа, а земено во целина, сите овие бучни „места“, всушност, по својата суштина, се престорија во бучни „простори“, простори на заедничарењето.

Во новонастанатата ситуација, за очекување е дека некои од овие места нема повеќе да бидат „бучните места“ или „бучните простори“ на БАМ бранот. Неизвесно е кои од нив ќе ги поминат засилените (за наше заедничко добро) инспекциски контроли за соодветна, законска и правилна безбедност. Некои клубови сигурно ќе бидат затворени, но и некои од сцените во Паркот, кои веќе почнаа да се распаѓаат (особено електричната инсталација).

Заради ова, The.Out.s го поттикнува БАМ бранот да влезе во потрага по нови места низ Градот за нивната бучна музика, за новата македонска алтернативна музика. Во потрага по овие нови бучни места, можеби треба да се размисли и за искористување на малата сцена зад Спомен куќата на Мајка Тереза, паркингот на „машински“, дворот на Архитектонскиот факултет или „бетонската“ сцена на Факултетот за драмски уметности, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ … заедно со повторно бунтовните студенти.

The.Out.s

***

The.Out.s“ е активистички поп-ап обид за критичко промислување на стварноста преку експериментирање со звуци во јавниот отворен (уличен) простор.

18: „Бучни места
27 март 2025
(17:06-17:28)
Мобилна сцена, Парк на франкофонијата, Скопје 

Целиот звучен настан:

*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ