Не може секоја колатерална штета да се оправда со „легитимна воена цел“, особено ако остава слики на терор кои долго ќе се паметат и ќе останат врежани во историјата на човештвото. Некои граници, едноставно, не смеат да бидат преминати.
Крвавите конфликти на Блискиот исток, за жал, не се новост, туку долгорочна и комплексна историја. Сепак, има неколку клучни настани кои ја исцртуваат линијата на конфликтот до денес: создавањето на независната израелска држава во 1948, по егзодусот на Евреите во Втората светска војна, на палестинска територија (администрирана во тоа време од Британците) каде веќе живееше арапско население.
Специјалниот комитет на Обединетите нации за Палестина излезе со план за две држави и заеднички администрирана територија во делот на Ерусалим и Витлеем кој нe беше прифатен. Оттогаш, Либан е прибежиште за многу бегалци од палестинските територии. Токму затоа, во 1975 година, земјата беше втурната во граѓанска војна: постои согласност меѓу историчарите дека војната избувна како резултат на периодот на растечка поделба меѓу оние Либанци кои го поддржуваа правото на палестинскиот отпор да организира операции против Израел од либанско тло, и оние кои се противеа.
Подемот на Хезболах
Израел го нападна Либан во 1982 година за да го протера палестинското ослободително движење, што доведе до продолжена окупација. Како одговор на израелската инвазија, беше формирана Хезболах, шиитска милитантна група поддржана од Иран, која во 1985 година, преку отворен манифест, за своја цел ја постави конфронтацијата со Израел и со западните земји.
Хезболах оттогаш е значаен играч во конфликтот, вклучувајќи се во бројни судири со израелските сили. По низа ескалации, последната се случи во октомври 2023 година и се уште трае, кулминирајќи со досега невидени напади преку електронски уреди.
Од друга страна, Хамас, е исто така паравоена организација од помал обем која се бори за палестинско ослободување. Таа е формирана за време на првата Интифада во 1987 година, но е доминатно сунитска. Сунитско-шиитската шизма не е новост и истата се отцртува на повеќе линии и во современите меѓународни односи.
Смртоносни пејџери
Пејџинг уредите што ги користеа силите на Хезболах во Либан и во Сирија, експлодираа речиси истовремено на 17 септември, оставајќи според локалните извештаи, најмалку девет мртви и 2.800 повредени. Следниот ден, воки-токи уреди експлодираа низ цел Либан, при што загинаа 20, а беа повредени најмалку 400 лица. Милитантната група го обвини својот противник, Израел. Израелските власти засега одбиваат да коментираат.
Во секој случај, Израел е одамна во војна со паравоената организација, но е многу внимателен по прашањето на примената на меѓународното хуманитарно право, односно не е потписник на дополнителните протоколи на женевските конвенции кои генерираат зголемен степен на заштита. Инхерентното право на државите на самоодбрана е нивната ѕвезда-водилка.
Сепак, дури и оправданоста или дозволеноста на употребата на сила во меѓународното право, не дава за право – силата која се употребува да биде неограничена, без оглед дали актерите на конфликтот пристапиле кон определена конвенција или не.
Од Мартенсовата клаузула до денес, без оглед колку се менуваат формите на војувањето, основните принципи остануваат исти, иако се интерпретираат во различен контекст, балансирајќи ги пропорционалноста, неопходноста, дистинкцијата и воената потреба со принципот на хуманост.
Именувана е по Фјодор Фјодорович Мартенс, кој ја воведе клаузулата за првпат во Преамбулата на Хашката конвенција од 1899 година (како компромис во дискусиите за третманот на борците на кои не им е доделен статус на воен затвореник). Мартенс клаузулата, денес сфатена како општа применливост, доби статус на вообичаено правило и беше усвоена, или целосно или делумно, од други инструменти на МХП.
Ефектот на клаузулата е да се нагласи дека во случаи кои не се опфатени со договорите за МХП, лицата погодени од вооружени конфликти никогаш нема да се најдат целосно лишени од заштита. Наместо тоа, однесувањето на воинствените држави останува регулирано на минимум со принципите на правото на нациите, човечноста и хуманоста.
Дури и ако се земе предвид идејата дека тој тип на пејџери се користеле единствено од Хезболах и јасно и прецизно таргетирале единствено поединци кои би претставувале легитимна воена цел (колку и да звучи непријатно, тоа е соодветната правна терминологија) заради активно учество во непријателствата (што никој никогаш не би можел да го докаже), начинот на ликвидација или неутрализација на непријателот е спротивен на принципите на меѓународното право, затоа што предизвикува дополнително непотребно страдање и има недискриминирачки ефект врз околината.
Не секоја колатерална штета може да се оправда со легитимна воена цел, особено ако остава слики на терор кои долго ќе се паметат и ќе останат врежани во историјата на човештвото. Некои граници, едноставно, не смеат да бидат преминати!
*Доц. д-р Весна Попоска е универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка. Докторската дисертација под наслов „Меѓународно-правни аспекти за заштита на критичната инфраструктура од современи безбедносни закани“ ја одбранила на Воената академија во Скопје во 2019 година. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е авторка на повеќе научни и стручни трудови во нејзината област. Таа е алумни на Школата за политика на Советот на Европа. Работи на Меѓународниот универзитет Визион од неговото основање во 2015 година, каде во март 2021 е избрана за деканка на правниот факултет.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.