За разлика од Западна Европа каде поимот нација најчесто се третира исклучиво политички и се поврзува само со државата, во Источна Европа, поимот нација се однесува на народната заедница чиишто припадници ги врзува заеднички етницитет.
Анте Поповски во една пригода за името ќе запише: „Македонското име е едно од најгордите, најголемите, најхрабрите, но и најстрадалнички имиња низ историјата.“ Тоа е име на народ кој себе си се идентификуфал со почвата на која се раѓал и умирал. Проучувањето на корените на името Македонци се мошне стари и длабоки.
Името претставува штит од исчезнување на родот вековен, втиснато во печатот на историјата кое се пренесувало од една на друга генерација, кое во одредени моменти исчезнувало и повторно како феникс од пепелта се воздигнувало.
Појавата на нацијата и национализмите
Во науката пристапот до името на една етничка заедница има различни значења. За разлика од нацијата која се смета за модерен продукт на модернизацијата од XVIII век, племињата и народите се етнички заедници кои ги обединуваат сличниот јазик, обичаите и историските процеси. За појавата на нациите и национализмите, Ентони Д. Смит британскиот историски социолог, преиспитува дел од постулатите на модернистичкото стојалиште.
На тој начин, тој развива нов приод кон овие општествени феномени познат како етносимболизам, за кого традициите, културата, заедничките сеќавања и историскиот континуитет имаат централна улога при формирањето на етниите, а оттука и на нациите. Според него нацииите и национализмите се творба на традициите што постоеле претходно и што сраснале меѓусебно во текот на вековите, па така модерните политички национализми не можат да бидат разбрани без да се земат во предвид оние рани етнички врски и сеќавања.
Па така во контекст на тоа ќе каже: „Јас не сакам да тврдам дека секоја модерна нација мора да биде заснована врз некоја претходна етничка врска, ниту, пак, врз постоење на некоја оформена етничка заедница. Но, сепак, многу такви нации биле и сè уште се базирани на таквите врски, вклучувајќи ги и првите нации формирани на Запад – Франција, Англија, Кастиља, Холандија, Шведска – а токму тие им служеле на другите народи како модели и биле пионери на идејата за „нацијата.“
За разлика од Западна Европа каде поимот нација најчесто се третира исклучиво политички и се поврзува само со државата, во Источна Европа, поимот нација се однесува на народната заедница чиишто припадници ги врзува заеднички етницитет.
Македонската нација е резултат на многувековните историски процеси, културни и етнички мешања кои создале македонско национално сознание. Кога станува збор за етничките заедници, името претставува симбол на препознавање на посебностите, односно симбол на самосознание, а македонците горди на своето име и потекло, отсекогаш имале изразено чувство за етничка припадност. Од средината на XIX век името се користело како етноисториско, а од 1944 година со формирањето на македонската држава како национално.
Па, затоа Македонија не треба да се откаже од правото на своето културноисториско наследство.
Посегање по името „Македонија“ и „Македонец“
Повеќе од еден век сме сведоци на посегање по името „Македонија“ и „Македонец“ од страна на соседните држави кои го посакуваат за себе, a денес „благодарение“ на двата документа, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, го распламти огнот за македонското национално постоење. Она нешто во што се единствени двата документа е во тоа да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност.
Двата документи го сведуваат на ништожност постоењето на македонскиот идентитет.
Со Преспанскиот договор се деградира суверенитетот на државата и правото на нацијата слободно да го одредува својот национален идентитет, односно се прави историско, индентитетско и именско редефинирање на македонскиот народ. Додека пак, ако се согласиме со бугарското барање дека Македонците се „народ без корен“ тогаш ќе исчезнеме засекогаш, бидејќи како што кажал и Кочо Рацин: „Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре.“ Денес во XXI век сме сведоци на негирањето на името Македонија и придавката македонски.
Со промената на името повеќе не можат да се употребуваат термините „Македонија“, „Македонец“, „македонско“ кои во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, па така денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци.
Затоа како што кажува и Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во својата колумна: „До 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот. Во еден ден, 17 јуни 2018 година, со еден потпис сето тоа беше избришано.“
Меѓутоа, историјата многупати досега покажала дека ниеден договор не е вечен. Наша обврска е да продолжиме да пишуваме за Македонија и македонското, бидејќи во секојдневната употреба тоа никој не може да ни го забрани, за да му се претставиме на светот водејќи сметка за македонскиот идентитет.
Бидејќи, како што кажал и Крсте Петков Мисирков: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се друго на светов.“
*Стефан Петрушев ги завршил своите додипломски студии по историја на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. По завршувањето на додипломските студии на истиот факултет се стекнал со педагошко-психолошка и методска подготовка. Тој ги завршил магистерските студии на Институтот за национална историја, каде што се стекнал со титулата магистер по историски науки.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.