[Став] Црна Гора и зелената агенда: И понатаму на браникот на површни промени

Андреа Перишиќ

Има многу правни показатели за тоа колку Црна Гора е далеку од исполнувањето на целите на Зелената агенда. Но, праксата најдобро покажува како оваа иницијатива е изневерена.

Иако ја потпиша Декларацијата за Зелена агенда пред четири години на самитот во Софија со која се обврза да стане климатски неутрална држава до 2050 година, исто како и остатокот од Европа, Црна Гора сè уште нема усвоено долгорочна стратегија која е поврзана со исполнувањето оваа цел. „Останува нејасно дали и како ќе се постигне оваа цел“, се вели во извештајот од ноември 2023 година, подготвен од Секретаријатот на Енергетската заедница, кој претставува регулаторното тело на Европската Унија (ЕУ) во енергетскиот сектор кое ја следи примената на европските стандарди и регулативи во државите кои се членки на Енергетската заедница. Црна Гора е тоа уште од 2007 година, но оттогаш досега малку работи се сменети или подобрени во областа на заштитата на животната средина.

Зелената агенда е правно обврзувачка и затоа е важен фактор за успехот на претпристапниот процес на Црна Гора со ЕУ. Таа се состои од пет главни столбови – клима, енергетика, мобилност; кружна економија; намалување на загадувањето на воздухот, водата и земјиштето; одржливо земјоделство и производство на храна и биодиверзитет. Спроведувањето на обврските во оваа област е дефинирано со Акцискиот план за имплементација на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан за периодот 2021 – 2030 година.

Според тој план, Црна Гора треба да спроведе 58 акции за да ги исполни своите обврски. Меѓутоа, според анализата на црногорската стратешка и законодавна рамка во 2023 година направена од страна на невладината организација (НВО) „Еко тим“, досега е реализирана само една мерка, односно два отсто од вкупниот број мерки. Во моментов се спроведуваат 47 отсто од мерките, а не се реализирани 51 отсто од вкупниот број мерки.

Црна Гора и денес се соочува со разни предизвици – несоодветно управување со отпадот, загадување на водите и неодговорно управување со природните ресурси.

На пример, многу депонии сè уште не се рехабилитирани, што доведува до загадување на земјиштето и водата. Таков е случајот во Никшиќ, каде депонијата Мислов До честопати гори и каде е забележано опасно загадување на воздухот. Исто така, прашањето за изградба на хидроцентрали и некои рударски проекти во деликатни екосистеми без сеопфатни еколошки студии е прашање кое исто така често се поставува.

Така, еколошките активисти повторно најавуваат протести доколку не се напушти изградбата на хидроцентрала на реката Комарница, што, парадоксално, е предвидено со Стратегијата за развој на енергетиката на Црна Гора до 2025 година, како и со Стратегијата за развој на енергетиката на Црна Гора до 2030 година. Комарница, инаку, во голема мера е заштитена на различни нивоа: прво како парк и споменик на природата, потоа како кандидат за Емералд и Натура 2000 подрачје, важно подрачје за растенија (IPA), клучно подрачје за биодиверзитет (KBA), но и од УНЕСКО како подрачје кое треба да се припои кон Националниот парк (НП) Дурмитор. Овој пример илустрира колку е неконзистентна примената на построги еколошки регулативи во Црна Гора, што е предвидено со Поглавјето 27 кое се однесува на животната средина и климатските промени, и кое Црна Гора треба да го затвори за да влезе во ЕУ. Исто така, многубројните проекти за изградба на мини хидроцентрали беа многу штетни, а беа доделени преку нетранспарентни и коруптивни постапки врз основа на пријателски и роднински односи. Од 2021 година, сепак, државата раскинала 10 договори за изградба на мали хидроцентрали.

Поради пристапните преговори и обврските кон ЕУ, Црна Гора треба да рециклира најмалку 50 отсто од комуналниот отпад до 2030 година. Но, во 2022 година таа рециклира помалку од половина процент. Ова може да се види од Извештајот на Управата за статистика (МОНСТАТ) за генерираниот и преработен отпад, кој беше објавен на крајот на 2023 година.

Црна Гора исто така мака мачи да обезбеди стабилно и одржливо снабдување со електрична енергија, бидејќи таа и денес во голема мера се потпира на термоелектраната (ТЕ) Пљевља, која значително придонесува за емисија на штетни гасови. И покрај барањата на Енергетската заедница за декарбонизација, Црна Гора бавно се префрла на обновливи извори на енергија, иако има голем потенцијал за хидро, соларни и ветерни електрани.

Сите овие и бројни други примери ја илустрираат негрижата на државата за заштита на животната средина (често присуство на дива сеча, непланска градба, употреба на пестициди, несоодветна регулација на туризмот…) и укажуваат на недостаток на долгорочни планови кои вклучуваат намалување на емисиите и зголемување на енергетската ефикасност, иако Црна Гора, како земја кандидат за членство во ЕУ, е обврзана да ја следи Зелената агенда, која се фокусира на еколошки одржлив развој, намалување на емисиите на штетни гасови и транзиција кон обновливи извори на енергија.

„Досегашната имплементација на Зелената агенда во Црна Гора покажува одредени придвижувања, како што е подобрувањето на законодавната рамка и започнувањето на проекти поврзани со обновливите извори на енергија. Сепак, постигнатите резултати сè уште не ги исполнуваат очекувањата во целост, а имплементацијата на самата агенда сè уште е во почетна фаза. Иако амбициите се јасно дефинирани, постои значителен јаз меѓу планираните цели и фактичката состојба на терен. Примената на политиките за животна средина напредува побавно од планираното, а многу проекти остануваат во фаза на подготовка, што доведува до тоа очекуваните резултати сè уште да не се постигнати онолку колку што се посакувало “, вели за Рес публика граѓанската активистка Едина Османовиќ (мислењата изразени во оваа изјава претставуваат само нејзин личен став и не одразуваат официјален став).

Според неа, клучните предизвици со кои се соочува Црна Гора во спроведувањето на зелената политика и стандардите за заштита на животната средина се однесуваат, пред сè, на недостатокот на политичка волја, недоволната примена на регулативата, како и слабиот надзор. „Еколошките теми не се доволно атрактивни, што доведува до тоа мал број политички субјекти да се занимаваат со овие прашања. Дури и партиите со зелена ориентација честопати отстапуваат од таквиот курс под политички притисок, што го отежнува спроведувањето на еколошките мерки. Недостигот од финансиски средства е исто така голем проблем и за реализација на големи инфраструктурни проекти во областа на зелената енергија и заштитата на животната средина. Дополнително, постојните закони и регулативи често не се применуваат строго, што дополнително го забавува напредокот“, вели Османовиќ и посочува дека корупцијата и политичките притисоци го отежнуваат ефективното спроведување на мерките за заштита на животната средина, додека недостатокот на континуитет во политичките одлуки често резултира со тоа еколошките цели да им бидат подредени на краткорочните политички или економски интереси. Сите овие фактори, како што предупредува овој граѓански активист, заедно претставуваат значителни пречки во спроведувањето на зелената политика во Црна Гора.

Во извештајот на Европската комисија (ЕК) за Црна Гора за 2023 година, се вели дека „во областа на климатски промени, нивото на усогласеност на националното законодавство на Црна Гора со ЕУ е сè уште ограничено“. „Иако Црна Гора има стратегија за борба против климатските промени, неопходно е да се интензивира работата за да се обезбеди усогласеност со климатските и енергетските цели на ЕУ за 2030 година. Националниот енергетски и климатски план за декарбонизација до 2050 година сè уште не е донесен“, се наведува во овој извештај и се потенцира дека Црна Гора треба значително да ги забрза своите амбиции кон зелената транзиција. ,,Потребно е да се интензивира работата на имплементација на регулативата за да се постигнат завршните услови од Поглавјето 27, особено во областите на води, заштита на природата, квалитет на воздухот, индустриско загадување и климатски промени, и да се започне со имплементацијата на Законот за управување со отпад, Националниот план за управување со отпад и стратегиите за управување со квалитетот на воздухот за периодот од 2021 до 2029 година, како и да се комплетира, усвои и започне со спроведување на националниот план за енергетика и клима на транспарентен начин, во согласност со целта на ЕУ за нула емисии до 2050 година и Зелената агенда за Западен Балкан“, се наведува во овој документ.

Рес публика се обрати до Министерството за екологија на Црна Гора со различни прашања во врска со исполнувањето на целите од Зелената агенда, но не добивме одговори.

„Досегашната имплементација на Зелената агенда во Црна Гора постигна одреден напредок, но предизвиците сè уште се големи и постигнувањето на очекуваните резултати може да биде многу побрзо. Посебно би ја истакнала важноста од донесувањето на Законот за управување со отпад кој беше донесен во мандатот на 43-тата Влада. Спроведувањето на овој Закон навистина може долгорочно да ја промени еколошката слика на Црна Гора. Законот чекаше цели пет години, а поради тоа доцнење, меѓу другото, нашите оценки за напредокот во преговараното поглавје 27 беа исклучително ниски“, вели за Рес публика поранешната министерка за екологија, просторно планирање и урбанизам и актуелен пратеник во Собранието на Црна Гора, Ана Новаковиќ-Ѓуровиќ.

Иако, како што вели, Црна Гора бележи напредок во проектите од обновливи извори на енергија и инвестициите во соларната енергија и ветерните електрани се зголемени, сепак и оваа транзиција оди бавно. „Нашето потпирање на термоелектраната Пљевља и јагленот како доминантен извор на енергија претставува огромен предизвик. Тука спаѓаат прашањата за праведна транзиција за кои ние како држава сè уште немаме јасен одговор и план“, истакнува Новаковиќ-Ѓуровиќ.

Напуштањето на технологиите за фосилни горива, на кои значително се потпира црногорската економија, и преминувањето од, првенствено јаглен, на обновлива енергија ќе донесе сериозни социо-економски предизвици кои државата сè уште не знае како да ги реши, за да се спречат несакани последици како што се невработеност, економски пореметувања, миграција на работна сила…

Во неодамнешното писмо до Енергетската заедница во кое бара нејзина помош за да може Црна Гора да ги постигне своите национални енергетски и климатски цели до 2030 година на одржлив начин, министерот за енергетика Саша Мујовиќ потсети дека државата е обврзана да го намали нивото на емисиите на стакленички гасови за 55 проценти во споредба со 1990 година. „Измереното ниво на емисии на крајот на 2022 година беше 3.307 kt CO2 e, а дефинираната цел до 2030 година подразбира потреба од намалување од приближно 887 kt CO2 e (околу 27 проценти). Целта е тешко остварлива и би подразбирала радикални потези, како што е значително намалување на бројот на работни часови на термоелектраната Пљевља, замена на конвенционалните автомобили со електрични автомобили во износ од околу 50 проценти или дејствување во неенергетски сектор – земјоделство“, соопшти претходно Министерството за енергетика. Бидејќи ниту еден од овие „радикални потези“ досега не е повлечен, јасно е колку овие цели сè уште се далеку за Црна Гора.

Новаковиќ-Ѓуровиќ забележува дека исполнувањето на стандардите во областа на Зелената агенда бара големи финансиски средства. „Средствата од државниот буџет со оваа динамика на распределба се недоволни за постигнување резултати. Поддршката од ЕУ, особено преку европските фондови, во моментов претставува најголем придонес за исполнување на стандардите на ЕУ во оваа област. Затоа е исклучително важно да се искористат сите расположливи средства и да се аплицира со квалитетни проекти кои ќе бидат поддржани. Ограничени се и професионалните капацитети, особено во делот на климатските промени“, вели таа.

Националната стратегија за транспонирање, имплементација и примена на правото на ЕУ во областа на животната средина и климатските промени усвоена од Црна Гора во 2016 година, вклучуваше и проценка на трошоците кои се потребни за реализација на овие обврски. Таа покажа дека вкупните трошоци за усогласување со стандардите на ЕУ до 2035 година ќе изнесуваат 1,42 милијарди евра.

Има многу примери, според Османовиќ, каде државата отстапувала од Зелената агенда заради краткорочни економски цели. „Еден од највидливите проблеми е неконтролираната дивоградба на црногорското крајбрежје, која го опустошува пределот и создава бројни негативни екстерналии, вклучувајќи диви депонии во близина на морето, реките и населбите. Ниту една финансиска добивка не треба да биде поважна од здравјето, зачувувањето на природните ресурси и благосостојбата на граѓаните“, забележува оваа граѓанска активистка.

Декарбонизацијата на земјата и постигнувањето на целите поставени во Зелената агенда за Западен Балкан може да се постигне само со воспоставување на функционален механизам на меѓусекторска координација, соработка на сите нивоа на власт и регионална соработка. Имајќи ја предвид сложената административна структура и големиот број институции на различни нивоа на власт, неопходно е државата итно да го подобри меѓусекторското управување – преку реформи во јавната администрација, управување со јавните финансии, програма за економски реформи и мобилизација на сопствени ресурси.

Османовиќ исто така смета дека, заедно со континуираната едукација на граѓаните за важноста на Зелената агенда, неопходно е да се зголеми притисокот врз политичките елити. „Регионалната соработка со соседите може да го забрза спроведувањето на потребните промени. Исто така, воведувањето построги казнени политики за случаи на уништување на природата и изнаоѓање модели за мотивирање на граѓаните и претприемачите да усвојат одржливи модели на работа преку субвенции, даночни олеснувања и награди, како што се стипендии или програми за мобилност, се работи кои може значително да придонесат за промени. Посебен акцент треба да се стави на мотивирање на младите да бидат иновативни и да создаваат дополнителна вредност преку еколошки ориентирани проекти“, вели таа.

Црна Гора нема подготвено Национална енергетска политика до 2040 година во согласност со Законот за енергетика. Таа нема развиено Национален план за енергетика и клима во согласност со Регулативата за управување на ЕУ (ЕУ 2018/1999), која е дел од пакетот Чиста енергија за Европа.

Ниту, пак, подготви Долгорочна стратегија за развој со ниска потрошувачка на јаглерод во согласност со одредбите на Законот за климата на ЕУ, Регулативата за управување и другите елементи на рамката за климатската политика на ЕУ. Црна Гора не се приклучи ниту на иницијативата на Европскиот пакт за климата.

„Црна Гора веќе долго време нема изградено некој поголем капацитет за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Таа не започнала со изработка на Студијата за подобрување на енергетската ефикасност на зградите. Не воведе цена на јаглеродот во секторите за потрошувачка на енергија, како и систем за „компензирање“ за шумарскиот сектор. Црна Гора не ја ажурираше Стратегијата за развој на сообраќајот до 2035 година, согласно Законот за енергетика. Црна Гора ги нема транспонирано релевантните директиви на ЕУ за алтернативни горива и не подготви студии за оправданост на развој на алтернативни горива. Нема изработено национална методологија за воспоставување на станици за полнење електрични возила, ниту има донесено соодветна законска регулатива која ќе го регулира прашањето за станици за полнење на електрични возила. Црна Гора го нема подготвено Законот за железници и Законот за внатрешните водни патишта. Не е склучен и спроведен регионален договор за спречување на загадувањето со пластика, вклучително и посебното решавање на приоритетното прашање на морскиот отпад…“, се наведува меѓу другото во анализата на невладината „Еко тим“ од 2023 година.

Сето ова е показател за тоа колку Црна Гора сè уште е далеку од исполнувањето на целите на Зелената агенда. Сепак, тоа најдобро се гледа во пракса. Неодамна стапи на сила забраната за употреба на пластични кеси и пластика за еднократна употреба (од 15 до 50 микрони – кеси кои се добиваа на каса и во кои се пакуваа посебно овошје, хемикалии, месо…) во согласно Законот за управување со отпад, и за непочитување на оваа законска одредба се предвидени казни од илјада до 40 илјади евра.

Но, законот кој требаше да ја забрани и спречи употребата на пластичните кеси не само што не го стори тоа, туку им овозможи на сопствениците на синџирите супермаркети да заработат по неколку центи по продадена кеса, бидејќи сега пакуваат намирници во вреќи од над 50 микрони, кои ги наплаќаат 15 центи.

Наместо само да се префрлат на торби, граѓаните во најголем дел продолжија да ги купуваат овие кеси кои, според старата, лоша практика, повторно ќе се најдат на улиците, по дрвјата и долж речните и морски брегови.

Овој случај е пример како, во отсуство на политичка волја и визија, Зелената агенда беше изневерена. Наместо да се стреми кон вистински подобрувања во животната средина, Црна Гора и понатаму е на браникот на површни промени.

*Андреа Перишиќ е фриленс новинарка од Црна Гора. Пишува за независниот неделник „Монитор“ и порталот на Првите црногорски независни електронски вести (PCNEN), претежно за социјални прашања – екологија, образование, рамноправност и здравствена заштита. Учествувала на повеќе семинари и посетувала неколку обуки за новинарство. Дипломирала комуникологија на Факултетот за комуникациски науки на Универзитетот „Алдо Моро“ во Бари, Италија. Дел од своето образование го поминала на Универзитетот „Меиџи“ во Токио, Јапонија. Живее и работи во Подгорица.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.