Одлуката на Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори со Украина беше пречекано со големи фанфари. Тоа не беше само симболичен настан туку исто така воспостави и неопходност од компензација на унгарскиот премиер Виктор Орбан, потврдувајќи на тој начин дека за владите на земјите-членки кои ги прекршуваат правилата не постои одговорност.
Минатата недела, како голема политичка победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со неговата земја. Според претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, тоа е „Ден кој ќе остане врежан во историјата на нашата Унија“. Всушност, вистински победник беше унгарскиот анти-ЕУ премиер, Виктор Орбан.
Откако со недели се закануваше дека ќе ја блокира одлуката, Орбан очигледно попушти со едноставно напуштање на просторијата за да можат другите лидери да постигнат, официјално, едногласен договор. Не само што тој сè уште ќе има многу можности да го попречи пристапот на Украина во иднина, туку успеа да изнуди и средства од ЕУ што Европската комисија ги имаше задржано поради загриженоста за корупција.
Иронично е што ваквиот исход дополнително ги зајакна аргументите против европското проширување. На крајот на краиштата, како што унгарската влада покажа, а тоа го виде целиот свет, откако ќе влезете внатре во европскиот клуб, се чини дека никој не може да ве натера да ги почитувате правилата на тој ист клуб.
Колку поблиску ќе биде Украина до приклучувањето кон Унијата, толку погласен ќе биде рефренот кој нè потсетува дека (спротивно на сите договори и моралистичка реторика од европските елити) не постојат реални граници за корупција и автократизација во рамките на Унијата.
На сите во Европската Унија им е јасно дека Орбан играше улога на „непопустливо момче“ со цел да ги отклучи фондовите на ЕУ. Тој во континуитет изнесуваше нови причини за неотворање на пристапните преговори и кажуваше сè, од загриженост за етничкото унгарско малцинство во Украина до загриженост за корупцијата (што е нешто што потекнува од предводникот на клептократската автократија).
Кога на крајот се соочи со потребата да се направи она што таа го нарече „стратешка одлука“, фон дер Лајен прифати козметички промени на унгарскиот правосуден систем. А сепак ден пред да ѝ се отвори вратата на унгарската влада, таа донесе драконски закон кој ѝ овозможува да ги прогонува невладините организации во име на „одбрана на националниот суверенитет“.
Не само што изнудувањето од страна на Орбан даваше резултати, туку и она што беше пофалено како вешто решение ќе заврши така што ќе биде извонредно скапо решение за Европа во целина. За тоа, Европејците можат да му се заблагодарат на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој дошол на идеја да го испрати својот унгарски колега на кафе додека гласаат преостанатите 26 влади на земји-членки.
Покрај тоа, иако отворањето на пристапните преговори е од големо симболично значење, тоа нема да им помогне на Украинците да ја пребродат зимата. Украина сè уште се бори за својот опстанок против рускиот воен злосторник кој ја потврди својата цел да ја збрише Украина од картата. Орбан добро знае дека 50 милијарди евра (55 милијарди долари) кои ѝ се ветени на Украина од страна на ЕУ се особено критични сега кога републиканците во американскиот Конгрес ги ставаат под сомнеж обврските на Америка за снабдување со оружје и давање помош. Сепак, тој се погрижи да го испие кафето, кога се укажа шансата за тоа, за да ја негира оваа поддршка со која се спасува живот.
Европските лидери сè уште не дефинираа стратегија за справување со сојузникот на Путин кој е меѓу нив и кој има можност да стави вето. Очекувањето дека на релативно малата земја секогаш може да ѝ се даде поттик да го понуди она што политиколозите го нарекуваат „согласност на губитникот“ можеби беше разумно во време кога ЕУ функционираше соодветно, како механизам за градење консензус во врска со материјалните прашања. Но, времињата се сменија.
Еден можен пристап би бил Европа да ги направи трајни паузите за кафе на Орбан. Веќе постои преседан за изнаоѓање заобиколни решенија во врска со ветото за да се постигнат договори за прашања како што е здружувањето на ресурсите. Во почетокот на 2010-тите години, британскиот премиер Дејвид Камерон научи, на потешкиот начин, дека британското противење на одговорите на ЕУ во однос на еврокризата навистина може да биде заобиколено.
Европската комисија очигледно не успева да ја исполни својата улога како „чувар на договорите“. Како критичарите посочуваат со години, сите разговори за нови „инструменти“ и „механизми“ (забележете само каков е овој технократски вокабулар) го замаглуваат вистинскиот проблем. Она што ѝ недостига на ЕУ не се правни алатки, туку подготвеност да им се спротивстави на владите на земјите-членки кои настојуваат да го поткопаат темелот на европската интеграција: владеењето на правото.
Секако дека преправањето за тоа дека проблемот е од техничка наместо од политичка природа понекогаш е паметен пристап со кој ќе може да им се помогне на конфликтните страни да го спасат образот. Но, Орбан не сака да си го спаси образот. Напротив, тој се позиционира како primus inter pares меѓу новата група на европски екстремно десничарски популисти. За разлика од претходните тврдокорни евроскептици, целта не е излегување од ЕУ, туку нејзино максимално искористување.
Како што рече Орбан во својот говор минатиот месец, идејата е да го третираме претседателот на Европската комисија како „наш вработен“ и да извлечеме максимум за нашите национални интереси. Тоа ја сумира десничарската популистичка платформа која ќе биде присутна на изборите за Европскиот парламент кои се предвидени за 2024 година.
Можеби порано ЕУ била доволно силна да се справи со влада која ги користи придобивките од своето членство без притоа да ги почитува правилата. Во сегашен контекст, некои видоа надеж во неодамнешната победа на полските либерални опозициски партии во однос на претходната популистичка влада. Може ли самиот народ да го реши проблемот така што ќе се ослободи од антиевропските екстремно десничарски популисти и тоа со гласање?
За жал, таквиот оптимизам го занемарува фактот дека автократијата на Орбан сега е длабоко вкоренета и дека континуираното „гниење“ во самите институции е нешто што не може лесно да се ограничи. Европа можеби ќе стане уште поголема; но таа ќе станува сè пофрагментирана и неспособна за решителна заедничка акција.
Ќе постои една голема периферија во која секој ќе знае дека работите навистина не функционираат како што треба – и дека никој нема политичка волја да ја поправи таквата состојба.
*Јан-Вернер Милер е професор по политички науки на Универзитетот Принстон. Неговата најнова книга е What is Populism?
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.