[Став] Дали Интерпол стана алатка за угнетување?

Апсењата на новинари во Шпанија и во Украина врз основа на барања за лоцирање или апсење издадени од Интерпол, покренаа сериозни прашања за методите на оваа меѓународна полициска агенција. Tрендовите се навистина загрижувачки oсобено за медиумските професионалци.

Случаите во Шпанија и Украина не се изолирани инциденти. Државите во кои не се дозволуваат слободните медиуми сè повеќе ги користат известувањата за „личности по кои се трага“ за да ги таргетираат и да ги замолчат новинарите кои избегале. Од јули 2017, Праведни судења (Fair Trials) и Репортери без граници (РБГ/RSF) реагираа на повеќе случаи во кои репортери се предмет на апсење и притвор, по основ на информации од Интерпол. Меѓу земјите во кои циркулираат таквите наредби се Азербејџан, Турција, Узбекистан и Казахстан.

Циркулирањето на известувањата за лица по кои се трага, кои вклучуваат „меѓународни барања за соработка или алармирање за апсење или лоцирање” и „помалку формални барања за апсење или лоцирање на поединци (дифузии),” е една од клучните функции на Интерпол. Ваквите алармирања, пренесени во полициските бази на податоци во целиот свет, го посочуваат субјектот како криминалец по кој се трага. Тие барања имаат далекусежни последици, и како што дознавме, можат лесно да се злоупотребат. На пример, во последниве неколку месеци, новинарите како Амза Јалчин, Фикрет Хусеинли, Нарзуло Акунжонов и Кан Диндар, таргетирани од нивните влади само затоа што си ја вршеле својата работа, сите се означени од Интерпол.

Кога се користи како што треба, известувањето од Интерпол е клучна алатка за борба против глобалниот криминал. Субјектот на известување од Интерпол може да се соочи со долги периоди во притвор додека се спротивствавува на екстрадиција. Да го обелите вашето име може да биде тешка задача. Дури и кога ваквото известување или алармирање ќе биде отстрането од базите на податоци на Интерпол, за вас може и натаму да постои опасност од апсење при патување или да не ви биде дадена виза во тој бесконечен циклус на кривично гонење.

Известувањата за лица по кои се трага не се единствениот начин на кој се злоупотребуваат механизмите на Интерпол. Во септември 2016 година, на новинарката од Сирија Заина Ерхаим ѝ бил одземен пасошот од граничните власти на Британија на аеродромот „Хитроу“ во Лондон, откако било лажно пријавено дека тој е украден во системот на Интерпол. Слични напори за користење на Интерпол за ограничување на патувањата на новинари кои не се пријателски настроени се пријавени и во други ситуации.

Интерпол е создаден во 1923 година за да им помогне на земјите да се борат против прекуграничниот криминал и тероризам. Неговата мисија е едноставна: „да го направи светот побезбеден.” Сепак, и покрај тоа што целта е благородна, не се придржуваат сите негови 192 членки до правилата. Меѓу членовите на Интерпол се и некои од најугнетувачките влади на светот, чии водачи редовно ги злоупотребуваат нивните сопствени кривични правосудни системи за да го замолчат слободниот говор и политичката опозиција. Таквите авторитарни режими ни најмалку не се двоумат кога го користат Интерпол како средство за таргетирање на новинари кои се во бегство.

Кога известувањата на Интерпол се злоупотребуваат на ваков начин, угнетувањето добива меѓународно одобрение. Токму затоа, спречувањето на таквото злоупотребување на системот на Интерпол е од суштинска важност. И покрај тоа што е навистина тажно што земји како што се Турција, Кина и Египет кривично ги гонат новинарите во своите земји, не смееме да дозволиме Интерпол да стане соучесник во таквото однесување. Меѓународната заедница мора да покаже дека се заложува за слободата на говор со тоа што јасно ќе стави до знаење дека новинарите кои се присилени да избегаат од своите родни земји ќе бидат заштитени и ќе може да продолжат да ја вршат својата работа.

Интерпол ги има алатките за зајакнување на своите системи за известување. Агенцијата покажа импресивна посветеност кон промени, воведувајќи нови правила за заштита на бегалци, на пример, и со создавање на постабилен механизам за поднесување жалби. Дополнително на тоа, уставот на агенцијата, кој секоја земја членка мора да го потпише, налага Интерпол да не се вмешува во политички случаи и неговите постапки да бидат во согласност со Универзалната декларација за човекови права на Обединетите Нации, што го опфаќа и правото на слобода на изразување.

И покрај ова, земјите и натаму го користат Интерпол како средство за замолчување на новинари, а луѓето на чело на агенцијата не успеваат да ги спречат во тоа.

Дел од проблемот е процедурален. Секоја година, Интерпол објавува повеќе од 11 илјади „црвени барања“ – алармирања со кои се бара од земјите членки да лоцираат и да уапсат луѓе кои чекаат на екстрадиција. Интерпол почна да ги разгледува овие барања пред тие да бидат испратени. Сепак, земјите можат да го заобиколат ова со тоа што ќе издејствуваат Интерпол да објави „дифузии“ – барања за полициска соработка кои не се толку формални како барањата, но честопати даваат сличен резултат. Тие се испраќаат до полициските сили ширум светот пред да се изврши нивна формална ревизија. И покрај тоа што Интерпол на крај врши ревизија пред да ја стави дифузијата во својата база на податоци, дотогаш сета штета е веќе сторена.

Јасно е дека постои потреба да се најде рамнотежа помеѓу брзата полициска работа со механизми кои не дозволуваат злоупотреба. Но, освен зголемено внимание од самата агенција при нејзиното работење, што друго може да стори меѓународната заедница?

Како прво, земјите членки треба да бараат Интерпол да посвети ресурси и финансирање на итна ревизија на илјадниците барања кои веќе се во неговиот систем. Интерпол исто така треба да го измени системот за дифузии. Ако не може да се повлечат злонамерните дифузии од базите на податоци на земјите членки, тогаш мора да ги ревидира истите пред тие првично да се испратат. Земјите кои ја вршат или кои се обидуваат да извршат злоупотреба на системите на Интерпол исто така мора да одговараат за тоа. Полициските сили ширум светот треба да работат повнимателно кога дејствуваат по основ на барање за апсење или лоцирање што го добиле преку Интерпол.

Веродостојноста на Интерпол е во прашање. Како што знае ској уредник на медиум, публиката на крај ќе престане да обрнува внимание ако постојано ја бомбардираат со неточни содржини или информации што наведуваат на погрешни заклучоци. Истото важи и за информациите од Интерпол.

Во свет кој станува сè повеќе глобализиран, меѓународните механизми како што е Интерпол се од суштинска важност за нашата безбедност. Но ако овие организации ги преземат оние кои се посветени на замолчување на слободниот говор, тие се под ризик да станат дел од проблемите за кои се создадени да ги решат.

Јаго Расел е главен извршен директор на Fair Trials.

Кристоф Делоар е генерален секретар на Репортери без граници, меѓународно познати како Reporters sans frontières (RSF).

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.