
Сара Јованова, државна победничка по јавно говорење на „Образовно рандеву 2025“ на МАССУМ
Стојам овде пред вас, млада, полна со амбиции, соништа и надеж. Животот е пред мене, но честопати се прашувам — дали навистина е така, или така е сѐ додека не застане нечиј автомобил, сѐ додека не се судрат брзината и алкохолот со младешките соништа. И јас сум една од нив и една од тие кои учат надвор од дома. Далеку од дома, далеку од моите најмили, кои секој ден носат надеж во своите срца дека ќе се вратам безбедно. Тие не знаат што правам овде и колку сум сама во оваа битка што ја водам секој ден за себе, за нив, за нашата жртва, за нашата љубов, за сè што вложија во мене.
Замислете… да сте родители. Да чекате, да се надевате дека ќе го слушнете гласот на вашето дете. Но наместо тоа да добиете повик, не повик на радост, туку повик што носи солзи, многу солзи. Повик што носи една единствена реченица: „Примете сочувство“. Зошто? Заради алкохол? Заради дрога? Заради брзина? Заради систем кој го жртвува човекот поради хаосот и безредието кои ги оставаат животите без вредност.
На „Партизанска“ истата трагедија трипати повторена – Фросина, Викторија, Фросина, три млади животи згаснаа под тркала на несовесни возачи. Пет години затвор, платена слобода и уште еден криминалец пуштен низ пукнатините на институциите, а системот? Глув.
Дали е ова правдата за која зборуваме? Дали ова е општеството кое што сакате да ни го оставите нам? Колку Фросини треба да изгубиме за конечно да разбереме дека законот во оваа држава мора да се почитува?
Правдата е парализирана, судовите се корумпирани, политичарите си играат со животите на народот како да се фигури на шаховска табла а ги заштитуваат своите луѓе. Каде е правдата за овие девојки? Каде е правдата за нивните родители кои одгледале деца и се оставени да ги погребат без да добијат одговор на прашањето — зошто?
Ова „зошто” не е само политичко прашање. Ова е прашање на општествена одговорност. Зошто законите не се строги и ефективни? Зошто судските процеси, и покрај транспарентноста, не успеваат да донесат вистинска правда за жртвите? Одговорот е јасен: затоа што системот е дизајниран да ги заштити привилегираните.
Дали знаете дека оние кои ги пишуваат законите за сообраќајната безбедност, честопати и самите ги кршат? Дали знаете дека истиот систем кој проповеда правда е истиот кој ја продава на највисокиот понудувач? Ова не е правда. Ова е театар, каде што ние, граѓаните, сме и публиката и жртвите.
Дали некогаш сте ја почувствувале тежината на вашите одлуки, како судии, како обвинители, како политичари? Ние, младите, ги гледаме вашите грешки, ја чувствуваме неправдата. Знаете ли вие колку тежи еден човечки живот? Колку тежи загубата на вашето дете? Нема закон што ќе врати нечиј живот, но има правда што ќе спречи нови трагедии.
Додека го пишував овој говор, во Кочани изгореа уште 59 млади животи. Пламенот што ги проголта нив, ја запали и оваа моја болка. Болката што ја чувствувам сега не е само за нив, туку и за сите нас кои гледаме како истата корупција не’ уништува секој ден.
До кога?
До кога животот на обичниот народ ќе биде помалку важен од удобноста на еден судија или функционер? До кога ќе продолжи да важи девизата „ГАЗИ СИНЕ, ТАТО ЌЕ СРЕДИ“. Свеќите ќе догорат, но мајчината љубов и гнев никогаш, бидејќи кога парите зборуваат, правдата молчи. Ние мора да смениме нешто.
Можеби ќе кажете дека промена не е возможна. Можеби ќе помислите дека е премногу тешко да се спротивставиме на корумпираниот систем. Но, дозволете ми да ве потсетам — секоја голема промена започнала со малку. Со една личност која одбила да молчи. Со еден глас кој одекнал погласно од молкот на толпата.
Ова е нашата борба. Борба за подобра иднина, за праведно општество, за Македонија во која животот е светост, а не статистика. Дали ќе ја прифатиме борбата или ќе продолжиме да тонеме во молкот на неправдата? Одговорот е во вашите раце. А јас, јас нема да застанам додека не го видам тој одговор во акција. За нив, за нас, за иднината на Македонија, за правдата што сите ја заслужуваме!
Сара Јованова III – година
СЕПУГС ,,Васил Антевски – Дрен”
*Текстот е од говорот на Јованова, која победи во категоријата јавно говорење на овогодинешниот државен натпревар „Образовно рандеву 2025“ на МАССУМ.
Целиот говор може да се погледне и тука:
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ