Искуството на Тајван упатува на тоа дека обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп би можел да му обезбеди доволно гласови за повторно да се врати во Белата куќа. Доколку не дојде до некаква драматична промена, како на пример претседателот Џо Бајден да биде заменет со некој подинамичен кандидат, слаби се изгледите за победа на демократите на претстојните претседателски избори.
Може ли обидот за атентат да ги подобри шансите на еден кандидат да победи на избори? Искуството на Тајван упатува на тоа дека може. За време на претседателските избори во 2004 година, анкетите покажаа дека тогашниот претседател Чен Шуи-Биан заостануваше зад неговиот противкандидат од редовите на Националистичката партија (Куоминтанг) Лиен Чан. Но, ваквата слика нагло се промени само еден ден пред гласањето, кога Чен и потпретседателката Анет Лу беа застрелани за време на изборен митинг.
Од двата испукани истрели, едниот го „допре“ стомакот на Чен, додека другиот го погодил гипсот на коленото на Лу. Овие релативно мали повреди доведоа до широко распространети шпекулации дека нападот бил организиран со цел за да се соберат симпатии за Чен, а тој жестоко негираше каков било заговор.
Следниот ден, Чен победи на изборите со разлика од 0,25%. Со оглед на оваа неочекувана и тесна победа, широко распространето е верувањето дека обидот за атентат доведе до пресвртница на изборите во корист на Чен.
Иако лицето кое пукало не било уапсено на местото на настанот, ниту, пак, било видено од другите учесници на митингот, и тоа поради гласните петарди што оневозможиле да се слушнат звуците на истрелите, тоа сепак подоцна било идентификуван како Чен Ји-Хсиунг, пензиониран градежен работник кој, наводно, извршил самоубиство со давење пред да биде уапсен од полицијата. Наводниот атентатор оставил, повторно наводно, белешка пред да се самоубие во која, се претпоставува, ги наведува своите мотиви, но неговото семејство ја запалило белешката пред да може да ја прочитаат други.
Околностите околу смртта на атентаторот ги засилија сомнежите дека обидот за атентат бил исцениран. Иако последователната истрага спроведена од кинеско-американскиот форензички експерт Хенри Ли потврди дека абдоминалната повреда на Чен била предизвикана од истрел од пиштол, испитувањето на куршумот кој бил пронајден во облеката на Чен укажувал на тоа дека пиштолот бил преправан, поточно овозможил куршумот да има слаба ударна моќ. Следствено на тоа, Ли заклучи дека атентаторот немал намера да го убие Чен.
Тајванските власти се повикаа на истрагата на Ли како доказ дека Чен и Лу биле погодени со вистински истрели, но истовремено го игнорирале фактот дека куршумот бил намерно ослабен. Во меѓувреме, оние кои верувале дека обидот за атентат бил наместен, го сметаа заклучокот на Ли како потврда за тоа. Интересно е што пиштолот никогаш не бил пронајден.
Неочекуваната победа на Чен упатува на тоа дека обидот за атентат врз Доналд Трамп може да ги зголеми шансите за негова победа на претстојните претседателски избори во ноември. Не треба да се биде политички инсајдер за да се предвиди дека Републиканската партија ќе се обиде да го искористи пукањето за да ја зајакне поддршката за Трамп.
Иако некои од деталите сè уште не се доволно јасни, атентаторот е идентификуван како 20-годишен републиканец кој, вооружен со пушка од стилот АР-15, уби еден случаен минувач и сериозно повреди двајца други пред самиот да биде убиен од снајперист на Тајната служба. Трамп, и покрај тоа што лицето и десното уво му беа раскрвавени, изгледаше дека не претрпел сериозни повреди.
Веднаш по пукањето социјалните мрежи беа преплавени со теории на заговор кои тврдат дека атентаторот одработувал за Демократската партија, за Кина, Хамас или за илегалните имигранти. Републиканскиот претставник Мајк Колинс тврдеше дека зад обидот за атентат стои американскиот претседател Џо Бајден, објавувајќи на X дека „Џо Бајден ги дал наредбите.“ Во меѓувреме, други лица инсистираат на тоа дека пукањето било наместено. Поројот од гласини и дезинформации веројатно нема да стивне пред ноември.
Големото прашање е дали пукањето ќе доведе до победа на Трамп. Како што покажува искуството на Чен, обидот за атентат може да биде политички поволен момент. Но, имајќи предвид дека до изборите има уште четири месеци, влијанието може да биде помалку значајно отколку што многумина очекуваат дека би било. Сеќавањето за овој инцидент може да биде засенето од други настани, или може да има спротивен ефект, при што американските гласачи би го обвинувале Трамп за разгорување на политичко насилство.
Во целава оваа приказна, поверојатно е дека пукањето ќе биде од корист за Трамп. Тенденцијата кај многу гласачи да гласаат со сочувство сугерира на тоа дека тие би можеле да им дадат приоритет на прашањата кои им е полесно да ги разберат, наспроти оние кои се сложени и кои можат да доведат до поголеми последици на долг рок. Аргументот „Бајден е премногу стар“ е едноставен и јасен, а „пукаа во Трамп наместо во нас“ е лесно разбирливо, аргументот „давачките на Трамп и Бајден се лоши за американските домаќинства и фирми“ има една друга нијанса која бара одредено разбирање на економската политика.
Со оглед на ваквата реалност, демократите се соочуваат со огромен предизвик. Тешко е да се замисли дека примерот од Чен Шуи-биан нема да се оствари во случајот со Трамп, особено затоа што Трамп веќе водеше пред Бајден во повеќето анкети, како на сојузно ниво така и во рамките на голем број сојузни држави.
Доколку не се случат драматични промени, како што е отворената Национална конвенција на демократите во август на која би бил предложен подинамичен претседателски кандидат наместо Бајден, изгледите на оваа партија да ги добие изборите се мошне неповолни.
*Шанг-Јин Веи, поранешен директор на Секторот за економија во Азиската банка за развој, е професор по финансии и економија на Бизнис школата на Колумбија и на Факултетот за меѓународни и јавни прашања на Универзитетот Колумбија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.