[Став] Дали во моментов постои доверба во политиката на проширување на ЕУ?

Jovana Marovic 200x250

Јована Маровиќ

Земјите од Западен Балкан не се запознаени со конкретните елементи и рамки што треба да го обликуваат новиот пристап за проширување на ЕУ во пракса, додека сегашниот примат на политичкото во однос на одлучувањето (засновано на принципот на заслуга) го зголемува евроскептицизмот во регионот.

Политиката на Европската унија кон Западен Балкан само во последните три години имаше многу подеми и падови. Позитивните работи во нивниот пристап главно се сведуваат на презентирање на нови документи и рамки кои се добри на ниво на принципи, но без конкретни резултати во пракса, или барем не во смисла на значително забрзување на реформите и зајакнување на демократијата. Да се ​​потсетиме на стратегијата за кредибилна перспектива на проширување и засилен ангажман на ЕУ со Западен Балкан од 2018 година, што досега им служеше повеќе на аналитичарите на процесите отколку на ЕУ за дизајнирање на специфични инструменти за зајакнување на владеењето на правото.

Друга таква рамка е новата методологија на политиката за проширување презентирана во февруари, којашто би требало да обезбеди „покредибилен, подинамичен и попредвидлив“ процес на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската унија. Новата методологија, меѓу другото, предвидува уште посилен фокус на основните реформи и заострени услови за пристап, со дефинирање на т.н. „Патоказ“ за владеење на правото, функционирање на демократските институции и реформа на јавната администрација, наместо досегашните акциски планови, со поголема улога за земјите членки на ЕУ во процесот. Новина е и групирањето на претходните поглавја за преговори во шест т.н. кластери и воведување награди и санкции во согласност со резултатите во зајакнувањето на владеењето на правото или нивното отсуство.

Новата методологија би требало да се примени во преговорите со Албанија и Македонија, но исто така е прифатена и од Црна Гора и од Србија, без оглед на тоа што процесот на преговори за полноправно членство започна според старата методологија. Во пракса, сепак, ниту една година подоцна, се уште не се објавени преговарачките рамки за земјите кои чекаат започнување на пристапни преговори, а нема ни навестување на кој начин новата методологија ќе биде прилагодена кон земјите кои веќе преговараат.

Владеењето на правото на Западен Балкан: Стари инструменти – нови правила

Со оглед на сосотојбата на владеењето на правото и демократијата на Западен Балкан, може да се каже дека сегашната рамка за условувања не дава задоволителна основа за нивна демократска консолидација. ЕУ треба постојано да ја надградува оваа рамка со поврзување и подобрување на достапните инструменти. Покрај осмислувањето нови, ЕУ веќе користи одредени инструменти во некои земји од Западен Балкан, кои, паралелно со научените лекции, треба да се применуваат ширум целиот регион.

Dali vo momentov postoi doverba vo politikata na prosiruvanje na EU

Имајќи го ова предвид, мрежата Политикон организираше фокус групи со претставници од граѓански организации во септември во рамките на проектот „Зајакнување на владеењето на правото на Западен Балкан: Стари инструменти – нови правила“, имплементиран со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија и во партнерство со Центарот за современа политика во Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија со цел да се разгледа можноста за примена на извештајот на Прибе, т.н. нон-пејпер и ветинг процесите во сите земји од Западен Балкан. Овде ќе ги изнесеме клучните заклучоци и упатства во врска со извештајот на Прибе и ,,нон-пејперот”.

Моќен инструмент што треба да се користи како „механизам за предупредување“

Европската комисија, одговарајќи на скандалот со прислушкување во Македонија во 2015 година, формираше група независни експерти за владеење на правото за да извршат брза анализа на состојбата и да дадат препораки за решавање на проблемите кои што постоеле или се појавиле како резултат на пресретнувањето на бројни комуникации. Групата беше предводена од германскиот адвокат д-р Рајнхард Прибе, кој веќе беше запознаен со ситуацијата во земјата, како и со регионалната динамика од неговиот претходен петгодишен мандат во Директоратот на ЕК за Западен Балкан. Успехот на извештајот подготвен од оваа група се заснова на:

Подигање на свеста за проблемите

Извештајот на Прибе ја подигна јавната свест за димензиите и длабочината на проблемите со кои се соочуваше Македонија. Пристапот за пренесување на одговорноста од Европската комисија на независна група експерти, со цел групата да има слобода да известува за сè без вообичаеното техничко и политичко полирање на јазикот, беше успешен.

Сеопфатност

Извештајот на групата е сеопфатен и ги вклучува сите релевантни чинители како што се државните институции, независните агенции и други државни и недржавни субјекти, кои на крајот ќе станат адреса за обврзувачките препораки што се формулирани.

Концизност

Јазикот што се користи во извештајот е едноставен и не остава простор за погрешно толкување на донесувачите на одлуки.

Приоритизација

Извештајот јасно ги идентификуваше приоритетите во клучните области на кои им е потребна реформа, а кои произлегуваат од големиот број незаконски пресретнати разговори и комуникации.

Влијанија

Извештајот на групата покрена дискусија во општеството во која земаа учество сите релевантни чинители, државни и недржавни, и воедно ги охрабри да преземат одредени активности.

Со оглед на горенаведеното, претставниците на граѓанските организации се согласуваат дека овој инструмент е исклучително корисен, но дека не треба да го заменува или да стане редовен извештај за напредок, со цел да се избегне дуализам и преклопување при известувањето. Таквите извештаи треба да се користат доколку државата заостанува во реформите и тоа во одредена и специфична област или доколку се детектираат одредени елементи на заробена држава, т.е. институција. Во тој случај треба да се подготви извештај и да се организира група / мисија како онаа која беше предводена од Рајнхард Прибе. На овој начин, и со специфични препораки, би било лесно да се поврзе со најавената политика на наградување и санкционирање.

Од друга страна, полугодишните извештаи за состојбата во поглавјата 23 (Правосудство и основните и темелни права) и 24 (Правда, слобода и безбедност), кои Европската комисија во моментов ги подготвува само за Црна Гора и Србија, треба да послужат како еден вид периодично предупредување во однос на застои при исполнувањето на приоритетите и препораките. Во таа смисла, тонот на самиот извештај не треба да биде остар, туку поучен.

Проширувањето во застој

Доколку перспективата за полноправно членство се темели на заслуги, дали ЕУ има кредибилитет ако постигнатите резултати во интеграцијата не се придружени со премин од една во друга фаза на интеграција? Ако ЕУ не го исполни ветувањето ниту еднаш (или повеќе пати), дали е тоа охрабрувачки за другите земји од Западен Балкан? Одговорот е очигледен и секако не е добар за проширувањето, но исто така ни за реформите во земјите каде недемократските власти го користат статус квото за понатамошна консолидација на нивната моќ.

Исто така, треба да се има предвид дека процесот трае веќе подолго време, особено во Црна Гора, која преговара за членство од 2012 година, и дека нема јасна слика за тоа каде води и дали перспективата за членство е сигурна. Во моментов, дури ни ситуацијата предизвикана од коронавирусот не помага во причините за забрзување на интеграцијата, бидејќи треба да се очекува дека ЕУ ќе се фокусира повеќе на економското закрепнување и на Унијата и на регионот.

Како да се подобри политиката на ЕУ кон Западен Балкан?

Земајќи го предвид сето она што е кажано досега, ЕУ треба:

  • Да го спречи приматот на политичкото во однос на одлучувањето засновано врз принципот на заслуги во ЕУ;
  • Да го темели процесот врз заснова на прецизни и специфични годишни приоритети во областа на владеењето на правото, а нивното исполнување треба да биде основа за политиката на наградување и санкционирање. Земјите од Западен Балкан не се вклопуваат во истата рамка, што потенцијално би требало да и остави повеќе простор на ЕУ да дефинира појасни приоритети и барања и строго да го контролира нивното исполнување. Разновидноста на предизвиците за владеење на правото бара различни ефективни одговори. Оттука, барањата за секоја од земјите треба да бидат ,,померливи“. Со поконкретни барања, државите би можеле попрецизно да одговорат и да ги ажурираат своите мерки на годишно ниво за да ги исполнат тие барања;
  • Да ги користи инструментите што веќе ги има применето во некои земји и да ги прилагодува на другите земји во регионот заедно со научените лекции, што ќе помогне соодветно да се спроведуваат новите принципи на проширување и да се забрза самиот процес на реформи.

*Јована Маровиќ е извршен директор на мрежата „Политикон, независен истражувачки центар од Подгорица, член на BiEPAG и работната група за Поглавје 23 во преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската Унија. Докторирала на Факултетот за политички науки во Белград. Областите на нејзинитеистражувачки интереси го вклучуваат владеењето на правото, демократијата, федерализмот, Балканот, политичкиот систем на ЕУ и политиката на проширување.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.