Во уредување кое буквално значи владеење на народот, а од друга страна народот разочаран од ситуацијата станува летаргичен, доаѓа време да се постави прашањето: „Што се случува кога демократијата ќе падне во егзистенцијална криза?“.
„Нешто е гнило во државата Данска.“
Неодамна, цитатот ме потсети на системот кој се опишува во Шекспировата трагедија и начинот како тој скапува се додека кралското семејство не заврши трагично како и самата држава. Анализирајќи ја глобалната ситуација во последните години, а особено изминативе месеци, се поизвесно е дека и ние се движиме во тој правец, односно се доближуваме кон една од најсериозните крстосници во нашата историја, на која ќе бидеме принудени да донесеме клучни одлуки за нашиот опстанок.
Егзистенцијалната криза е феноменална појава која ги поттикнува луѓето да допрат до своите корени и да ги истражат најдлабоките желби и чувства за да стигнат до разбирање за и со самите себе. Човекот низ својот живот минува низ бројни фази и кризни ситуации кои го доведуваат до самоуништување, или пак до спроведување неопходни суштински промени со кои успешно би продолжил понатаму. Истата појава се случува и во општеството, кое, нели, сепак е само рефлексија на индивидуата.
Секој општествен систем е скроен поради одреден интерес, а потоа е модифициран или уништен заради неговата дотраеност, односно неодржливост. Досега, демократијата се смета за најдобриот систем кој е креиран поради долготрајниот мир во западниот дел од светот, но во нејзино име се прават се поголем број преседани и неправди со кои им се нанесува непроценлива штета на многу општества и култури, притоа нарушувајќи ја нивната благосостојба и начин на живеење. Од друга страна, воочлива е разочараноста на гласачите во поголемиот дел од демократските општества, особено кај младите, кои се повеќе ги избегнуваат општествените процеси и стануваат апатични. Во уредување кое буквално значи владеење на народот, а од друга страна народот разочаран од ситуацијата станува летаргичен, доаѓа време да се постави прашањето: „Што се случува кога демократијата ќе падне во егзистенцијална криза?“.
Демократијата е вештина што треба да се учи
Најдобро е да се започне од нејзиниот корен, кој е познато дека се наоѓа во античката грчка култура, кога таа служела во полисот Атина и била во облик на директна демократија каде секој се претставувал самиот себе. Иако ова се смета за темелот на денешниот демократски систем, сепак сите жители немале право на глас по природен пат со стареење, туку таа привилегија ја имале само мажите, кои претставувале околу 20 отсто од целосното население. Интересен факт претставува и тоа што јавните позиции ги преземале луѓе избрани по случаен избор, односно лотарија, за разлика од денешните листи и/или личности на кои свесно им се предава сопствениот легитимитет да носат одлуки.
Иако моменталниот систем претставува голем напредок во поглед на еднаквоста, сепак не се земени во предвид грешките и критиките кои се легитимно поставени уште од времето кога демократијата за првпат се појавила. Еден од најпознатите нејзини критичари претставува и еден од најмудрите личности од тој период, а тоа е таткото на филозофијата – Сократ. Тој гледал песимистички на демократијата поради тоа што сметал дека таа треба да биде вештина која треба да се изучува наместо некакво чувство на интуиција. Сократ го споредил давањето право на глас без претходна едукација како неодговорно овластување на целосниот екипаж на еден брод да носи одлуки за неговото водење додека патува низ невреме. Иронијата била во тоа што самиот Сократ бил жртва на системот кога жителите на градот демократски изгласале да го осудат на смрт во случај наместен против него. Но, наместо критиките и смртта на еден од најмудрите антички филозофи да бидат темел на градење современа демократија каде тоа не би било возможно да се повтори, се чини дека ништо не е научено.
Како што Атина го доживува својот крај како независна држава, така исчезнува и демократијата која се враќа како уредување на најразвиените земји дури во 19 и 20 век, за што мора да се констатира дека е позитивен исчекор од владеењето на тирани. Сепак, станува очигледно дека западната култура го прецени своето знаење и влијание со тоа што почна да создава модифицирани демократии низ светот, кои најчесто завршуваат како хибридни режими кои обработуваат за нечиј интерес. Вештачко и насилно вметнување демократија во општество кое не е подготвено за неа се покажува како екстремно штетно за популацијата и се почесто завршува во урнатини. Тоа би било идентично на ставање инјекција во организам кој е алергичен на неа и дури потоа да се направи алерголошки тест. Затоа, мора да се разграничи помеѓу демократија која настапува природно како потреба на народот, наспроти демократија која е присилно наметната.
Хибриден режим
Иако низ светот има голем број неуспешни експерименти со лош епилог, би го земал за пример македонското општество, кое направи огромен скок од социјализам со политички затвори и партиско едноумие до декларативна демократија во која сите се еднакви, но некои се поеднакви од другите. Приватизацијата направи непоимлива штета врз економијата и доведе до зголемување на невработеноста што придонесе за одземање на финансиската слобода на граѓаните, но и рушење на довербата во институциите. Од друга страна, слабата надворешна политика беше кочница за било каков напредок на меѓународно ниво, како и за креирање стабилна безбедносна состојба. Сето ова, заедно со уште еден куп непромислени одлуки, некомпетентни кадри и политички капитулации чинеше три децении и голем број на скапоцени ресурси. Кој е крајниот резултат?
Иако помина толку време од прогласувањето на долгоочекуваната независност, нашиот систем моментално се класифицира како хибриден режим со надреално секојдневие во кое владее непоимлива корупција и партизирано судство. Младата популација го напушта својот дом во се поголем број поради дистописко секојдневие во кое владее негативната селекција, а преку постојана деструкција на едукативниот систем згаснува и последната надеж за било каква светла иднина. Идеалите за стабилна македонска република преку која требаше да се оствари вековниот стремеж на илјадници борци се сведоа на една обезличена и ограбена апсурдна држава која се одржува на респиратори.
Нефункционална демократија
Природно, сите ние сме политички суштества, односно зоон политикон како што го нарече тоа Аристотел, поради поврзаноста на политиката со сите останати гранки и влијанието кое го има во животот на секој граѓанин. Но, мора да се постави клучна дистинкција помеѓу заслужување на правото на глас преку соодветно образование поткрепено со темелно познавање на општествените проблеми и потреби во споредба со доделување право на глас на секого преку биолошки процес на стареење. Ова е важно за да се одржи висок квалитет на демократија, со оглед на тоа што за да се заклучи дека постои функционална демократија во едно општество, треба да се претпостави дека сите граѓани со право на глас се запознаени со правилата на играта, како и тоа дека се создадени услови за секој да има елементарно познавање на клучните национални приоритети. Но тоа не е вистинската слика било каде во светот, нели?
Сведоци сме на тоа дека демократијата станува нефункционална доколку луѓето се ограничат и поларизираат поради тоа што резултира со уништување на меѓусебната почит и со тоа целосно губење на смислата на демократскиот систем. Се повеќе луѓе се демотивирани да го користат своето право на глас, а доколку одберат да учествуваат на избори тогаш одбираат да гласаат за „помалото зло“, односно да се гласа против одредени личности/партија, отколку за тоа во што веруваат. Од друга страна, пропагандното мотивирање да се учествува на избори или пак закон со кој тоа ќе стане задолжително без претходна едукација, може да служи само како алатка за манипулација затоа што на крајот на денот просечниот гласач сепак нема да знае што и зошто го прави тоа.
Постојат неколку алтернативни системи како технократија која предвидува поставување на исполнети професионалци во секое поле, или пак епистократија која всушност предвидува задолжително тестирање со кое ќе се заслужи право на глас, со цел да се докаже знаењето и способноста да се донесе правилна одлука. И двата система претставуваат поместување од фокусот од квантитетот кон важноста на квалитетот. Доколку се стремиме кон вклучување на најдобрите професионалци во секоја општествена сфера, тогаш нема ниедна причина зошто тоа да не биде случај кога се работи за најважната – политиката. Ако политичката ситуација во една држава е стабилна и напредува, тогаш сите останати сектори ќе имаат придобивки и истовремено ќе напредуваат. Во спротивно, ако власта е авторитативна и корумпирана тогаш сите ќе ги почувствуваат последиците, од уметници до земјоделци и од програмери до доктори. Сепак, јас верувам во важноста од инклузија на целата заедница при носење одлуки и затоа би се согласил со ставот на Сократ дека најдобро решение би било воведување на соодветно образование каде ќе се стекнат знаења и вештини кои би служеле како компас при носењето на одлуки.
Реформирано граѓанско образование
Доволно позната е мислата на Винстон Черчил, која гласи „најдобриот аргумент против демократијата е петминутен разговор со просечниот гласач“, како и досегашната вистина позади поговорката „прост народ, силна држава“. Но, станува повеќе од јасно дека стариот систем е неодржлив затоа што вродува со богатење на поединци наместо на општеството и граѓаните и затоа пред нас се наоѓа период во кој ќе треба да се направат системски промени. Првиот неопходен чекор во овој момент би било воведување на сериозно и реформирано задолжително граѓанско образование.
Оваа едукација би требало да опфати клучни теми како граѓанските права и должности, процесот на носење одлуки, функцијата на институциите, европските и светските приоритети, важноста од учество во изборните процеси, заштитата на животната средина, граѓанскиот сектор, како и медиумската и дигиталната писменост. Истовремено, сето теоретско знаење треба да се дополни со практични вештини преку посети на релевантни институции и граѓански организации, но и преку волонтирање, со што младите ќе можат да дадат сопствен придонес во општеството.
Воведување на четиригодишно граѓанско образование од ваков размер во програмата на средните училишта, притоа опфаќајќи период во кој младите луѓе се стекнуваат со сите граѓански права и одговорности, ќе создаде нов начин на размислување и ќе креира генерации кои ќе ја заслужат титулата граѓани во вистинска смисла на зборот.
Александар Каратошо е студент на додипломски студии на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моментално, тој е стипендист на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и член на новоформираната European Democracy Youth Network (EDYN) и Евро-атлантски совет на Македонија. Александар има долгогодишно искуство во голем број на национални и интернационални граѓански организации, преку кои земал учество на повеќе од 35 интернационални програми и организирал многубројни настани, работилници и проекти.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.