Пишува: Станиша Станковиќ, ученик во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола
Мислам и истовремено се чудам зошто токму денеска за ова пишувам. Никогаш не ни помислив дека такво нешто ни приближно ќе се случува во светот, па и кај нас. Зборот и терминот „карантин“ ми беше добро и убаво познат, бидејќи сум четврта година од моето средно медицинско образование – на пат да станат врвен здравствен работник. Ни најмалку не ни замислував дека еден ден тие карантински мерки, прописи и протоколи ќе ги примениме во целост и лично ќе ги искусиме. Па затоа ајде заедно и јас и Вие драг читателу да се навратиме, токму од сега, една година наназад. Да започнеме. Колку не сме ги ценеле работите коишто сме ги имале. Зар не? Да се присетиме на училишните, факултетските и работните денови, дружбите со нашите пријатели, кафе муабетите, семејните прослави и собиранки. Понатаму службените и приватните патувања во познати и непознати градови, држави и континенти. Со неколку збора сме имале огромна слобода во пријатното и непријатното. Планирањето и непланирањето на нашата иднина биле сегменти во нашите животи, но и незамислувањето на она што сме во ова време, во оваа година, во овој месец, во овој ден, во овој час, во оваа минута и во оваа секунда. Да бидам сурово искрен и директен. Ја живееме позната доба на новото НОРМАЛНО. Дали е ова нормално?
Веќе 8 месеци ние водиме битка и борба со непознатиот непријател, кој е непредвидлив и безмилосно не гони. Уморни сме, не можеме да издржиме и сакаме што побрзо да се спасиме од ова ново нормално. Живееме и се чувствуваме како во хорор филм и некој постојано како да не уништува. Но, Зошто? Зошто баш ние, зошто баш нашата генерација. Дали сме свесни што се случува околу нас – НЕ! Ова ново нормално ни носи нови, брзи, помалку расположени и тажни промени. Драги мои, ве молам да застанеме, размислиме и одлучиме што и како понатаму. Ајде сега и веднаш да се собереме и да почнеме да менуваме околу нас. И Вие драг читателу и Вие. Што имаме денеска сервирано или донесено од овој вирус. Јас би навел четири ексклузивни теми на кои сите ние мораме да ставиме акцент и нашето внимание да го насочиме кон нив, а тоа се: стравот, здравството, економијата и образованието. Откако ќе ги анализираме овие области, би ви препорачал детално и критично да учествувате во граѓанските организации сè со цел ревизија на работата на надлежните институции како сопствена и општествена одговорност. Па да започнеме!
Стравот: Пандемијата со Коронавирусот или Ковид – 19, покрај неиспитаниот вирус ни донесе и големи дози на страв. Ние се плашиме од непознатото, тоа е карактеристика речиси на секоја зрела личност. Се прашувате од каде доаѓа стравот? Доаѓа и настанува заради нашата стигматизација да излеземе од нашата комфорна зона, во која се чувствуваме засолнати и не сакаме да излеземе од неа сè со цел да не си наштетиме себеси, а потоа и на другите околу нас. Но, ние сме тука и вирусот е тука и поради тоа ние мораме да функционираме. Треба заеднички да се „одбраниме“ најпрво од вирусот, којшто коси се пред себе, а потоа и од донесениот уплав од негова страна. Доколку сега и веднаш не направиме нешто, повторувам – заеднички, ние сè повеќе и повеќе ќе настрадуваме, ќе тонеме. Вие ја имате моќта во ваши рацe, вирусот ви го донесе тоа и истовремено ви го покажа. Ваша задача е да се спротивставите на идеален начин и „однесените“ вредности да ги вратите по одредено време, а до тогаш неуморно и со самодоверба да ги прифатите работите и околности околу вас и инклузивно да ги реформирате, притоа ненанесувајќи штета никому!
Здравството: Гледаме дека пред наши очи короната однесе доста човечки животи заради здравствен аспект. Невниманието и недисциплината од страна на народот и ниската свест зајавното здравје се само дел од наводите за било какви фатални последици. Толку! Дали од стравот или не знаењето на народот во врска со вирусот се причини за ова, оставам иднината да ни ги покаже. Маска, физичка дистанца и дезинфекција. Овие три компоненти односно три клучни фактори се двигатели денеска во ова норо нормално време. Често слушам дека ние младите сме криви за брзото ширење на вирусот. И јас сум млад човек, но вината би ја префрлил прво на семејствата на младите, а понатаму на малата здравствена едукација и воспитување на населението. Семејството игра битна улога во животот на поединецот, не велам целосна, но има голема позиција во развојот на личноста. Колку повеќе се даваат примери и се промовираат луѓе кои го преживеале тоа или пак, за жал завршиле со смртна последица, толку свеста ќе се зголемува. Никој не сака да заврши прерано и животот да го остави на пола пат. Од нас зависи дали и понатаму ќе дозволиме штети од различни области. Што се однесува до нашите здравствени институции, короната ни ги покажа сите недостатоци, ни донесе значајни информации за тоа дека речиси сосем малку или ништо не се вложувало во болничките капацитети и во превентивните дејности коишто ни се и од голема важност во овие мигови. Но, морам да напоменам дека короната ни донесе верба и надеж дека сепак нашиот здравствен систем има одлични медицински сестри и лекари, доктори со долгогодишно работно искуство и висока експертиза во својата професионална кариера и дека такви поединци мора да се почитуваат и да се наградуваат! Новото нормално ни објасни колку ни се потребни медицинските работници, не само сега, туку и во иднина за било што, единствено преостанува тие да добијат општествена солидна улога и нивните трудови и дела да бидат признаени онака како што им доликува.
Економија: Можам да речам дека сум благодарен на пандемијата што ги „отвори“ очите на многу луѓе во врска со нашата економија и колку таа е на раб на егзистенција. Се прашувате, нели, зошто реков на раб на егзистенција. Самиот почеток и тек на пандемијата и нејзиното непредвидливо ширење ни ги покажа слабите страни на нашите лидери и претприемачи. Колку тие се изгубија и не покажаа вештина во справувањето со ова глобалната криза. Колку ќе нè чини ова, дали знаеме од прилика? Скоро сите ние пред да го дадеме нашето CV, пишуваме флексибилност, тимска работа и адаптирање на дадените услови. Сето тоа „пропадна“ во вода и со текот на болеста, истовремено се докажа. Фирмите не умеа да пронајдат начин како да дојдат до близок контакт со своите клиенти, работниците не ја дадоја целата способност и искуство за справување и работење во кризи. Се чини дека сите семинари и конференции поврзани со таа област биле напразно и немале никакви позитивни резултати. Тоа ни го докажува и огромното пропаѓање на микро, малите, дел од средните, па и дел од големите бизниси. Останува да се надеваме на добар исход од сето ова и дека економистите научија битна лекција. Денеска многу семејства за жал, огромна жал, не можат да си дозволат ги купат основните потребни и намирници. Не смееме да дозволиме вакви лоши моменти да не докрајчат и да не уништат. Во секој момент ние мора да покажеме професионалност и доследност на она што го правиме, посебно ако знаеме дека од нас зависат животи и семејства. Ништо не се остава за утре или некогаш, секој ден е нова шанса за подобрување на себеси, па и на останатите. Истрајноста, храброста и самодовербата се потребни за секаде, без оглед на работната позиција. Сите ние зависиме едни од други, но некои луѓе не можат да го разберат тоа.
Образование: Тука не би можел да знам што попрво да наведам за приоритет. Најпрво целосна дигитализација на образованието и тоа ургентно, под итно, без одложувања. Видовме колку тоа одлагање донесе штети врз образовниот тек и колку образовниот процес беше заглавен во лавиринт. За среќа, можеби се покажа и треба да се докаже способноста и брзата реакција на нашите просветари, односно наставници и професори, кои за многу краток период, преку интернет алатките, воспоставија конекција со своите ученици. Пандемијата ни покажа дека образованието не смее да трпи и дека нон-стоп треба негово вложување, подобрување, работење, доедукација и надоградба! Следно медиумска писменост. Ух, колку фали, колку само ни недостига. Се боревме, се бориме и ќе се бориме со лажните вести. Младите не знаат да препознаат лажни вести – fake news, дезинформации и неточни извештаи. Зошто досега не се воведе ова, останува мистерија. 30 години дефектно образование ни се враќа како бумеранг. Едноставно пропаст. Од тоа дека вирусот се лечи со дезинфекционо средство, преку вирус кој содржел сида, повторувам – СИДА, до вирус кој никогаш нема да исчезне. Како и секој вирус, така и овој, ќе заврши. Дали со масовна вакцинација или колективен имунитет ни останува да дознаеме. Но ни останува да бидеме и погласни во промените во образованието. За еден народ, особено како нашиот, е многу лесно да се уништи и се уништува преку едуцирањето. Ковид -19 донесе уште поголем приказ за тоа дека работа, работа и само работа се од позитивна корист за сите. Од нас за нас. Од личноста зависи дали ќе ги освојува врвовите или ќе талка и кука во место!
Читателу, не верувам дека сè опфатив, дека сè спомнав. Но, мислам дека Ви оставив теми за кои треба сериозно да размислите, да размислиме. Видовме дека никој не е недопирлив и дека секој од нас може во било кој момент да биде затегнат со вирусот. Видовме дека стравот не ни донесува ништо пријатно туку уште само поголема паника и трепет дека нешто лошо ќе се случи. Човекот има енергија, како магнет. Доколку има позитивни мисли, тој ќе живее позитивно, доколку има негативни мисли, тој ќе живее негативно. Мораме да се научиме да живееме со вирусот и да направиме јасна перцепција дека ако ги почитуваме мерките и протоколите шансите за контагиозност се сосем мали, речиси и да ги нема. Новото нормално нè научи дека здравјето е пред сè! Дека секогаш е потребно да внимаваме на него, ако сакаме долг живот, ние мораме да водиме здрав живот. Здравата исхрана и редовната физичка активност се најдобриот лек за сите вируси и бактерии, вклучително и болести. Со коронавирусот се потврди и тезата дека „тркалото се врти“, па така ова ново време ни донесе ново чувство дека сите ние сме исти, никој не е незаменлив и дека денес може да имаме се убаво, скапо, брендирано, а утре речиси од тоа ништо да нема. Животот не е само во материјалните работи, има нешто и во малите, ситните и семејните вредности. Парите „идат“ и си „одат“. Не ги ценете дотолку.
Следно нешто на кое сите ние треба да имаме чиста слика е во тоа дека во образованието постојано треба да се вложува и да се трудиме што е можно да имаме инклузивна едукација во повеќе сегменти, не знаеме која диплома, семинар или работилница еден ден ќе ни биде од огромно значење и полза за нашиот живот. „Човекот учи додека е жив“, докажа, а и вирусот појасни дека ова теза има силни аргументи и дека нашиот став мора да го градиме од сите сфери и активности. Образованието секогаш ќе ни донесе повеќе за нас, па повеќе и за општеството.
За крај, сакам да ве убедам дека овој вирус ќе го победиме. Сигурен сум, нема што да дискутираме на таа тема. Но, би сакал да завршам дека секоја генерација како нашава си има своја борба, а секоја борба свои херои! За жал, некои херои прерано заминаа, нам ни преостанува да се вратиме во нормала, да го минимализираме стравот, да не дозволиме да изгубиме повеќе работи и секогаш сè повеќе и повеќе да се надоградуваме. Младите како и повеќето луѓе, како и секоја епидемија и пандемија, така и оваа ќе ја поминат. Возрасните и хроничните болни „патуваат“, нам ни преостанува да ги почитуваме новите донесени правила за живеење и заеднички да ја подигнеме свеста кај народот за да ги заштитиме луѓето во ризична категорија за да не ги однесе ова ново нормално. Бидете поздравени и чувајте се до следното видување!
*Станиша Станковиќ е ученик во четврта година во Општинско Средно Медицинско Училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола. Вели дека за овој текст бил инспириран од патрониот ден Училиштето.