Како најголемата криза од 21 век влијаеше врз политиката и економијата на Турција.
Република Турција беше меѓу последните европски земји што го регистрираа првиот случај на КОВИД-19. Додека Европската унија и соседите на Турција се бореа со најголемата здравствена криза на овој век, турското Министерство за здравство го објави откривањето на првиот случај на 11 март.
Првиот смртен случај предизвикан од епидемијата беше регистриран на 15 март. Но и покрај тоа што коронавирусот подоцна пристигна во земјата, тој се рашири брзо, особено во големите градови. Дневните бројки на лица што биле тестирани и потврдени како позитивни го достигнаа својот врв (5 138) во средината на април, со вкупно 82 329 случаи, што беше највисоката бројка на Блискиот исток, надминувајќи го Иран.
Турција се вбројува во првите 10 места (гледано одзади)
Искачувајќи се до групата на 10-те земји со најмногу случаи во светот, Турција воведе повеќе ограничувања, како забраната за воздушен сообраќај, полициски час за време на викендите, обврска лицата над 65 години и под 20 години да не излегуваат од домовите што важеше за секој ден, онлајн образование, привремена забрана за влез во 30-те метрополи, затворање на рестораните, кафулињата, баровите, како и просториите за кино и театар заедно со одложување и откажување спортски настани. Претседателот Ердоган објави дека две нови болници (едната е поранешниот аеродром „Ататурк“) се градат во Истанбул наменети за епидемијата, и повика целата земја да дејствува како едно тело против КОВИД-19.
Додека министерот за здравство Фахретин Коџа добиваше пофалби од медиумите и јавноста во почетокот на епидемијата поради редовното објавување на дневните информации и нагласувањето на напорите на здравствените работници во оваа битка, опозициските партии предводени од Републиканската народна партија (CHP) изрази незадоволство поради задоцнетото воведување на ограничувањата и хаотичната дистрибуција на бесплатни маски, барајќи полициски час што ќе се однесува на сите и што ќе биде добро испланиран, заедно со долгорочна економска грижа за граѓаните.
11 општини на едни од најголемите градови во земјата што се под контрола на опозицијата, меѓу кои се и Истанбул, Анкара, и Измир, создадоа свои платформи за солидарност, за поддршка на семејствата кои страдаат поради ниски примања. Меѓутоа, овие активности за поддршка беа блокирани со ненадејна директива од Министерството за внатрешни работи, во која се вели дека општините не смеат да собираат донации. Претседателот Ердоган упати критика 11-те градоначалници, и започна национална кампања за поддршка наречена “Biz Bize Yeteriz Türkiyem” (Доволно сме сами за себе, Турцијо) за трошењето на владата во борбата против епидемијата.
На 4 мај, турската влада изјави дека дневните бројки на новозаразени започнале да опаѓаат и соопшти дека со кампањата се собрани 1,9 милијарди турски лири. Понатаму, претседателот Ердоган истакна колку добро Турција се соочува со предизвикот на епидемијата во време кога дури и најразвиените земји имаат тешкотии при контролирање на ширењето на Ковид-19. Следуваше постепено попуштање на мерките и се започна со „новата нормализација“, односно на лицата на возраст над 65 години и помеѓу 15-20 години им беше дозволено да излегуваат еднаш неделно, трговските центри и други простори за дружење повторно се отворија, со намалено работно време.
Но ниедна од новите мерки не предизвика реакција како веста за новиот датум за приемни испити во средните училишта LGS (20 јуни) и датумите за испити за високообразовни институции YKS (27-28 јуни). Семејствата го кренаа својот глас, велејќи дека се загрижени за децата кои треба да ги полагаат тие испити во тешки и небезбедни услови на епидемија на утврдените датуми.
Незадоволството на студентите кон владата предизвикано со објавувањето на новите датуми го достигна врвот за време на видео конференцијата на Ердоган на YouTube во живо, два дена пред YKS. Многу студенти се бунеа против одлуката, пишувајќи „Гласам против“ во коментарите под видеото, што предизвика веднаш да се забрани опцијата за пишување коментари. Во моментов, околу 420 000 пати е притиснато копчето „Не ми се допаѓа“ под видеото од конференцијата и се смета дека тоа е јасен доказ за генерално негативната реакција на „Генерацијата З“ кон Ердоган.
На почетокот на јуни, земајќи предвид дека дневните бројки на новозаразени лица паднаа под 1000, а дневните бројки на смртни случаи беа околу 20, повторно почнаа домашните летови и се донесе одлука да се отворат повеќето јавни места, вклучувајќи ресторани, кафулиња, паркови, плажи и музеи. Исто така, продолжија и натпреварите од Турската фудбалска лига. И покрај овој процес на нормализација, министерот за здравство Коџа продолжи да апелира луѓето да седат дома што е можно повеќе.
Меѓутоа, туристичкиот сектор во Турција ги отвори вратите за домашните и странските туристи, со цел да се обезбедат ресурси за економијата, што предизвика бројките на новозаразени да бидат нестабилни во летниот период. На датумот кога е создаден овој напис (1 септември), во земјата има 18 837 активни пациенти. 961 од нив се во критична состојба. Вкупниот број смртни случаи е 6 370. Во последните 24 часа се евидентирани 1 587 нови позитивни случаи според дневната табела за состојбата со коронавирусот на Министерството за здравство.
Празникот Курбан Бајрам предизвика пораст на случаите на зараза
Невоведувањето ограничувања за празникот Курбан Бајрам (Празникот на жртвата) минатиот месец исто така е една од причините за ова зголемување на бројките поврзани со КОВИД-19. Министерот Коџа изјави дека не планираат ограничувања за празникот, но по Курбан Бајрам, тој посочи дека големиот раст на дневните случаи е загрижувачки. Од друга страна, Здружението на здравствени работници на Турција обвини дека бројките во Турција не се веродостојни. Според изјавата на Здружението од 8 април, имало неизвесности во извештаите за смртни случаи во болниците и во графиконите на Министерството.
За некои смртни случаи, како причина не биле евидентиран КОВИД-19, туку стоеле други причини, како што се вирусна пневмонија, природна смрт или инфективно заболување. „Министерството ги знае вистинските бројки, но не ги споделува“, изјави проф. Филиз Онат од Медицинскиот факултет при Универзитетот на Мармара на една телевизиска програма. Исто така, се тврди дека Министерството не ги користело кодовите препорачани од СЗО за извештаите за смртни случаи, но министерот Коџа ги негираше овие обвинувања.
Шефицата на бирото за Турција на „Њујорк тајмс“, Карлота Гал, во својата статија од 20 април напиша: „Претседателската палата спровела внимателно осмислена пропагандна кампања, водејќи сметка извештаите од болниците, гробиштата и ожалостените роднини речиси никаде да не се појават“, нагласувајќи ги повисоките бројки на смртни случаи во Истанбул помеѓу 9 март и 12 април, врз основа на податоците собрани од весникот.
„Би-би-си њуз“ го стави претседателот Ердоган на списокот на европски лидери кои ја искористиле епидемијата за да го зголемат својот авторитет, заедно со претседателот на Русија Владимир Путин и премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Во написот на Орла Герин има тврдење дека Ердоган бара поголема контрола над социјалните мрежи и дека стотици лица се уапсени поради провокативни објави за КОВИД-19.
Брзиот пад на лирата
Другите проблеми со кои Турција се соочува, како последици од коронавирусот, се економијата и девалвацијата. Туристичкиот сектор отсекогаш бил клучна точка за турската економија, земјата секоја година е домаќин на милиони туристи. Меѓутоа, ограничувањата за патување од многу земји, вклучително и ЕУ, поради нестабилниот број на случаи поврзани со епидемијата во земјата, ја лишија економијата од овој приход. Иако немаше целосно затворање на земјата, за разлика од Италија и Шпанија, и други бизнис сектори страдаа од ограничувањата. Познато е дека турската лира губи вредност споредено со странски валути уште од минатата деценија, но загубата неодамна остро порасна, кога доларот достигна 7,35 лири, а еврото скокна на 8,72 лири, поставувајќи нов рекорд што предизвика гласни реакции кај јавноста.
Економијата во земјата игра важна улога во однесувањето на јавноста при гласањето. Ова јасно се покажа за време на кризата во 2001 година, што влијаеше на парламентарните избори во 2002 година на кои дојде на власт Партијата за правда и развој (АКР) на Ердоган. Владата е сосема свесна за тоа и креира силна пропаганда во медиумските канали за да покаже дека економијата е во добри раце и да укаже на надворешните ефекти од девалвацијата. Исто така, 34% од населението прима социјална помош секој месец, што има силно влијание врз гласовите.
Според директорот за комуникации на претседателскиот кабинет Фахретин Алтун, валканите игри на глобалните колонијални барони се причината за загубата на вредноста на турската валута. Исто така министерот за финансии и трезор Берат Албајрак, кој му е зет на Ердоган, во една ТВ емисија даде одговори за прашањата што ги загрижуваат луѓето, прашувајќи „Дали ја заработувате платата во долари? Дали должите пари во долари? Дали имате каква било врска со долари?“ што предизвика голема реакција кај опозицијата. Тој истакна и дека валутите може да растат и да паѓаат, но турската економија е поконкурентна од кога било порано и е помалку погодена од глобалните ефекти. Претседателот Ердоган даде изјава на 7 август, во која кажа дека турската економија е во пораст, но и дека има луѓе што не сакаат да го видат тоа.
Според една неодамнешна анкета на MetroPoll (јули 2020 година) за можни предвремени избори, партијата на Ердоган АКР има 33,2% од гласовите. Процентот на нејзината сојузничка партија МНР (Партија на националистичко движење) е 6%. Со оглед на фактот дека нивниот сојуз доби 53% од гласовите на последните парламентарни избори во 2018 година, може да се каже дека има намалување на нивните сегашни вкупни гласови. Затоа, ненадејната одлука, донесена во јули, Света Софија да се претвори од музеј во џамија по 80 години, може да му биде корисна на Ердоган да придобие повеќе гласови од конзервативните гласачи.
Претседателот Ердоган исто така изјави дека изворот на енергија од природен гас што го откриле неодамна во Црното Море ќе ги отвори вратите за турската економија да влезе во нова ера и земјата ќе види придобивки од него почнувајќи од 2023 година, што е 100-тата годишнина од основањето на републиката, иако опозицијата тврди дека ова е уште една пропаганда за можни предвремени избори, истакнувајќи дека и порано се откривале енергетски извори во Црното Море, но не ѝ помогнале на економијата како што се очекувало.
Предвремени избори?
Да резимираме, следните редовни парламентарни и претседателски избори во Турција треба да се одржат во 2023 година. Меѓутоа, се очекува кревката економија и напнатите политички односи во Турција дополнително да се влошат поради последиците од КОВИД-19, па затоа и постои голема веројатност да се одржат предвремени избори следната година.
*Каан Бајракошан е студент на магистерските студии по политички науки на Универзитетот во Варшава во Полска. Завршил додипломски студии по новинарство на Универзитетот Еге во Турција. Тој исто така студирал на Универзитетот Вилнус во Литванија во оваа област како дел од програмата за размена на студенти. Тој има новинарско искуство во локалните медиуми за време на неговите студии во Измир, Турција.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.