Причините за настанување на Договорот со Грција се од внатрешен, а не од надворешен карактер. Тоа не го гледаат опонентите на Договорот, иако е видливо дека судирот со Грција започнува уште од самиот почеток на формирањето на македонската држава – со Манифестот на АСНОМ од 1944 година. Во тој документ недвосмислено се изразува ,,неостапно сакање“ за обединување на Македонија. Доблесно е што владите на двете држави одлучиле судирот да го отстранат по 74 години негово опстојување и што односите меѓу Грците и Македонците сакаат да ги направат пријателски како во времето на ЕЛАС (Грчка народноослободителна војска) и ДАГ (Демократска армија на Грција). Таков потег можат да преземат само левичарски влади, со европска ориентација и космополитски поглед.
Договорот како целина е добар за двете страни, независно што има асиметрична форма. И едната и другата страна го добиваат тоа што најмногу го сакаат и што им припаѓа, според принципот на правдата и поседувањето. Ниту една од нив нема причина да се чувствува понижена пред сопствениот народ, ниту да се смета за поразена страна. А најмалку дека капитулирала пред посилната страна и меѓународниот фактор.
Договорот е конечен и заблиндиран за двете страни. Нема веќе нови преговори, ниту е допуштено негово „либерално толкување“. Ако се појави спор, тогаш го решаваат двете страни. Ако тие тоа не можат да го направат совесно и чесно, тогаш на сцена настапуваат Обединетите Нации или Меѓународниот суд на правдата.
Што добиваат, а што губат двете страни
Грција ја зацврстува геополитичката положба на северната граница. Добива пријателска држава со трајно име и со уставен поредок што нема да содржи сомнеж за иредентизам кон нејзиниот дел од географска Македонија. А добива и согласност од македонската страна дека постои разлика помеѓу словенската култура и цивилизација, од една, и хеленската цивилизација и култура, од друга страна. Тоа не е ,,бизарен потфат“ или ,,параноја“, туку мудрост на македонската страна да не ја плетка политиката во историјата.
За Грците, името „Република Северна Македонија“ значи територијално разграничување на географскиот поим Македонија. Новото име алудира само на еден дел од географска Македонија, што не е случај со името „Република Македонија“. Придобивка за нив е и општата примена на новото име (erga omnes). Разграничувањето, пак, на двете култури во ментална смисла за Грците се наметнува како неопходност, по грубото посегање на претходната македонска влада врз наследството на античка Македонија и неговото грандиозно прикажување во центарот на Скопје.
За возврат, грчката страна мораше да отстапи од некои свои ставови кои претходните грчки влади ги сметале за црвени линии. Грчката влада се согласи во новото име на македонската држава да се задржи името ,,Македонија“. Тоа е крупна и најзначајна придобивка за македонската страна. Со името Македонија продолжува континуитетот на македонската држава, од АСНОМ до денешно време, од Федерална Македонија (1944-1946), па до Република Македонија (1991-2018) и Република Северна Македонија.
Грчката страна направи и други отстапки од пресудно значење за македонската национална самобитност. Првата е потврда на македонскиот јазик како официјален јазик, а втората е признавањето на македонското државјанство. Станува збор за вредности кои, заедно со името ,,Македонија“, претставуваат три столба на македонскиот идентитет, признати овојпат и од грчката страна, што досега не беше случај. А тоа за Македонија има огромно значење, бидејќи Грција е нашиот најзначаен сосед.
Неспорно е дека македонскиот јазик е меѓународно признат јазик уште на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња одржана во Атина во 1977 година. Но, од особено значење за нас е тоа што Грција покажува подготвеност јазикот да го признае како „македонски јазик“. Тоа е крупен чекор напред во однос на Бугарија, која македонскиот јазик не го признава како изворен, туку како „македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“. Така е запишано во документот потпишан од страна на Владата на Љубчо Георгиевски и Владата на Иван Костов од 1999 година.
Договорот оди уште подалеку кога е во прашање македонското државјанство. Тој содржи подобро решение и од сегашниот устав. Имено, Уставот од 1991 година зборува дека, граѓаните на Реублика Македонија имаат државјанство на Република Македонија“ (чл. 4). А Договорот со Грција дека ,националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Република Северна Македонија“ (чл. 1, точ. 3). Тоа значи дека Македонецот станува синоним за државјанството на сите граѓани на македонската држава, независно од нивната етничка припадност. Решение што досега не можевме ни да го замислиме, а камоли да го досегнеме.
Наведената новина претставува коперникански пресврт во однос на сегашната состојба. Наместо безлично, Договорот воведува македонско државјанство, како политички поим (демос). Таа новина, ако стане уставна категорија и ако ја прифатат сите наши етноси, особено Албанците, тогаш ќе делува кохезивно врз македонското општетство. Ќе се случи тоа што сега не се случува – Република Македонија ќе прерасне од „заедница на заедници“ во граѓанска држава, а мултикултурализмот во интеркултурализам.
Од отстапките на Грција јасно се гледа дека Договорот не е „капитулантски“, ниту е договор што „ќе предизвика несогледиви и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија“, како што тоа го тврди претседателот на РМ, без да понуди аргументи. Отстапките на Грција на најдобар начин го демантираат неговото тврдење дека „Грчкиот договор“ ја „редифинира“ македонската држава и дека „правно го укинува македонскиот народ“. Па македонскиот народ се Македонците.
За возврат, и македонската страна прави отстапки. Освен што ја прифаќа географската одредница ,,Северна“ (,,Република Северна Македонија“), прифаќа новото име да се користи и на внатрешен план, кога се во прашање називите на централните државни органи и на официјалните тела и институции што се финансираат од државниот буџет. Новото име ќе фигурира и во патните исправи и во другата службена документација и кореспонденција, но не и во приватната сфера. Граѓаните се слободни во користењето на термините, топонимите и симболите, како и во изборот на ората и песните и веењето на знамето од Кутлеш.
Македонската страна прифати да изврши и уставни промени, веднаш по референдумот, најдоцна до крајот на 2018 година. Опсегот на промените е утврден во Договорот, слично на Рамковниот договор од 2001 година. Точно се определува новото уставно име, како и толкувањето на термините „Македонија“ и „македонски“ кои имаат надуставен карактер (смислократија). Се бара бришење на зборот „Македонија“ од уставниот текст, бидејќи со тој збор се опфаќа целата географска Македонија. Се бара и промена на Преамбулата на Уставот, како и промена на два члена од нормативниот текст што се однесуваат на државните граници и на положбата на македонското малцинство во соседните земји (чл. 3 и чл. 49).
Договорот содржи императивни одредби и за Грција. Таа е должна да го ратификува Договорот по неговата ратификација во Македонија и извршените измени во македонскиот устав. Должна е да го поддржи и зачленувањето на РМ во ЕУ и НАТО, како и да го развива стратешкото пријателство со македонската држава. Должна е и да го отстрани сомнежот од Македонците.
Договорот со Грција е пример како меѓународното договорно право навлегува во националното уставно право, како го менува и како ги игнорира неговите тесни норми кога се во судир со фактичкиот устав. Станува збор за „Договор – над устав“, како што се Привремената согодба од 1995 година и Рамковниот договор од 2001 година. Тоа не го сфаќаат опонентите на Договорот, ниту бранителите на „уставниот суверенитет на Република Македонија“.
Уставните промени
Договорот изречно бара донесување на најмалку четири уставни амандмани. А може да се донесат и повеќе, зависи од волјата на македонскиот уставотворец, од неговата визија за промена и на другите одредби што не се наведени како обврска. На пример, одредбите за државјанството.
Договорот започнува со обврската уставното име „Република Македонија“ да се замени со името „Република Северна Македонија“. Таа промена нема да биде тешко изводлива, бидејќи веќе постои искуство. Може да се постапи на истиот начин како во 1991 година, кога називот „Социјалистичка Република Македонија“ е заменет со називот „Република Македонија“. Тогаш, придавката „Социјалистичка“ е избришана од Уставот на СРМ и во него е вграден потесниот назив „Република Македонија“. Овојпат нема да се брише ништо, туку ќе се вметне само географската одредница „Северна“ меѓу зборовите „Република“ и „Македонија“. Тоа нема да ја наруши естетиката на Уставот, како што не ја наруши ни во 1991 година.
Но, убавината на уставниот текст може да се повреди со бришењето на зборот „Македонија“ од Преамбулата на Уставот и од неколку членови на нормативниот текст. Во овој случај, зафатот треба да се изведе внимателно, со стручна рака што „трепери“.
Вториот амандман ќе биде потежок за пишување, бидејќи се однесува на Преамбулата. Во Договорот не се кажува што треба да се менува. Но, посредно може да се заклучи дека треба да се менуваат Манифестот на Крушевската Република и Манифестот на АСНОМ. Во првиот документ се зборува за „автономна Македонија“, а во вториот за „Обединета Македонија“.
Барањето за промена на Преамбулата датира уште од 1992 година. Тоа се гледа од Писмото на министерот за надворешни работи на Грција, Андонис Самарас, испратено до Европската заедница во јануари 1992 година, пред самитот во Лисабон. Во писмото Самарас го напиша следното: ,,Настаните од 1903 и 1944 го истакнаа обидот на Словените од Македонија да воспоставаат соодветно автономна или независна македонска држава. Држава која би ја апсорбирала цела Македонија, вклучувајќи ги и македонските провинции на Грција, Бугарија и Албанија“ (Документи за Република Македонија 1990-2005).
Третиот амандман треба да обезбеди поцврста гаранција за непроменливоста на државните граници од Амандманот I од 1992 година и од чл. 2 од Привремената спогодба од 1995 година. Кон ова прашање Грците покажуваат поголема чувствителност отколку кон името ,„Македонија“.
Четвртиот амандман, исто така, треба да содржи подобро решение за македонското малцинство во Грција од Амандманот II од 1992 година и чл. 6 од Привремената спогодба. Решението се бара со напуштање на терминот „национално малцинство“ и прифаќање на терминологијата на Уставот на Грција од 1975 година. Со таков приод се согласи и Владата на Бранко Црвенковски во 1992 година, за време на разговорите со британскиот дипломат Робин Онил во Скопје во декември 1992 година.
Во извештајот на Онил до самитот на ЕЗ одржан во Единбург се наведува и формулацијата на чл. 49 предложена од Владата на РМ која во тоа време била убедена дека може лесно да го протурка во Собранието: „Републиката се интересира за состојбата и за правата на Македонците што живеат во странство, го потпомага нивниот културен развој и ги зацврстува врските со нив“. Владата во тоа време сфати дека е поприфатлив терминот „Македонци“ отколку терминот ,,македонско национално малцинство“.
Промената е на линија на Уставот на Грција: „Државата ќе се грижи за Грците кои живеат во странство и за одржувањето на нивните врски со матичната татковина. Државата ќе се грижи, исто така, за образовниот и професионалниот напредок на Грците кои работат надвор од државата. Со закон ќе се определи надлежноста, организацијата и функционирањето на Советот на Грците чија задача е одржување на врските со сите заедници на Грците ширум светот“.
Уставните амандмани ќе бидат прогласени со одлука на Собранието. Ќе биде донесен и уставен закон за нивно спроведување, но, со клаузула дека ќе почнат да се применуваат веднаш по ратификацијата на Договорот од страна на Грција. Ако, пак, Грција не го ратификува Договорот, тогаш амандманите нема да произведуваат правни последици. Ќе бидат депонирани во архивата на Собранието како сведоштво за добрата волја на македонскиот уставотворец да реши еден значаен спор со Грција. Тоа ќе биде плус, а не минус за Собранието на РМ.
Правичноста на Договорот со Грција
Договорот со Грција се засновува врз принципот на римската правда, опишана од Вилијам Шекспир во неговата трагедија „Тит Андроник“: „Секому своето“ (Suum cuique). Овој принцип, под влијание на Цицерон, на етичко рамниште го подига Барух Спиноза: „Секој да го поседува само она што навистина му припаѓа“. Поседувањето (possessio) е најзначајниот белег на географската правда.
Договорот со Грција извира од долу, од интересите на македонскиот и грчкиот народ, а не од надвор, како што тврдат неговите опоненти. Договорот има подлабоки корени отколку што изгледа на прв поглед. Неговиот дух е компатибилен со „Проект Уставот“ на Велестинлис Ригас од 1797 година, со неговите одредби за братството на балканските народи. Договорот е компатибилен и со „Воената песна“ на Ригас со која ги повикува „храбрите Македонци“ да се здружат со Грците во борбата за слобода.
Премиерите Алексас Ципрас и Зоран Заев го отелотворуваат духот на Ригас, исто како што тоа го правеле и партизаните на ЕЛАС и ДАГ во песните за време на борбите против окупаторот и монархо-фашистите. Тие го симболизираат и пријателството меѓу Вафијадис Маркос, командант на ДАГ и Паскал Митревски, претседател на НОФ во Егејскиот дел на Македонија. Како нивни наследници, тие личат на црвените каранфили за кои пишува Оскар Давичо, кога во март 1947 година престојувал на ослободената територија на Грамос за време на Граѓанската војна. Давичо пишува и за партизанката – Македонка, Андромахи (Махи), од Нестром – „најубавото село во цела Грција“, кое на ЕЛАС му даде 350, а на ДАГ 109 партизани, од вкупно 800 куќи. Пишува и за оценката на Маркос дека „Славомакедонците отсекогаш крвареле и страдале повеќе од Грците“.
Договорот има врска и со Македонскиот корпус на ЕЛАС, кој на чело со Маркос влегува во Солун на 16 октомври 1944 година. Од една височинка, ослободувањето на градот непосредно го набљудувале и Михајло Апостолски, Светозар Вукмановиќ Темпо и Методија Андонов Ченто, кој во тоа време е претседател на Президиумот на АСНОМ. Убава глетка која не потсетува на едно време на соработка и доверба меѓу Грците и Македонците.
Таквото време треба пак да се случи – овојпат на 30 септември 2018 година кога на Референдумот ќе одлучуваме за судбината на Договорот со Грција!
Светомир Шкариќ
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.