[Став] Една изборна единица – манипулација со избирачкото тело или реална шанса за малите партии

Димитар Христов

Резултатот на најавените промени во изборниот законик (една изборна единица и примена на Донтовиот модел), би довел до формирање на нестабилна коалициска Влада, а ние како држава, ни малку не сме спремни за таков кошмар во политиката.

Во последниве неколку години често се споменува воведувањето на една изборна единица на целата територија на државава, наместо постоечките шест што сега ги имаме. Во месец март, конечно, во собраниска процедура влезе предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, каде што се предвидува целата територија на Македонија да биде една изборна единица без изборен праг, а за распределба на мандатите да се користи Донтовиот модел.

Но, што всушност ова би значело?

Прво, целата територија на нашата држава ќе се смета за една изборна единица, наспроти постоечките шест. Второ, во тој случај поголеми шанси за освојување на пратенички места би имале поголемите наспроти помалите политички партии, но нив им дава можност самостојно да настапуваат на изборите без да се приклучуваат во предизборна коалиција и да станат „привезок“ на некоја голема партија. Во прилог кон ова е и фактот што неколку од помалите политички партии во нашата држава јавно се изјаснија дека би прифатиле Македонија да биде една изборна единица.

Малите партии, со право се загрижени за нивниот опстанок и шанса за натпревар во политичкиот спектар и сметаат дека тоа е врзано со изборните единици. Наспроти тврдења дека пропорционалноста на бројот на партиите преставува двигател на демократијата во Собранието, па и во општеството, може да се каже дека Донтовиот модел, а не бројот на изборни единици е ПРОБЛЕМОТ кај нас. Проблемот можеме многу лесно да го воочиме доколку минатиот изборен циклус за претставници во Собранието, изборните резултати ги распределиме на начин, таков што, целата територија на Македонија би била една изборна единица.

Доколку ги земеме резултатите од минатите парламентарни избори во 2020 година и истите тие би биле спроведени во една изборна единица, тогаш би ги добиле следниве резултати:

Za obedinuvanjeto okolu nasata zaednicka istorija car Samoil erga omnes2

Од наведениот табеларен приказ, можеме да дојдеме до заклучок дека поголемиот дел од партиите губат по еден пратеник (Коалицијата ,,Можеме“, Обнова на Македонија, ДУИ и АА и А), ДПА останува на еден, Левица ,,расте“ за 3 пратеника, а Интегра, која во моментов не е дел од пратеничкиот состав, би влегла со еден пратеник.

Каде е тука проблемот?!

Според добиените резултати, можеме да видиме дека сликата на распределени пратенички места се менува, но минимално и незначително. Поради овој факт, помалите партии НЕ ТРЕБА да бараат воведување на една изборна единица, туку менување на формулата за прераспределба на мандати, а тоа значи да се напушти Донтовиот модел и да се воведе Харе квотата.

Харе квотата е математичка формула која се користи за претворање на бројот на освоени гласови во мандати од една политичка партија или предизборна коалиција. Бидејќи оваа квота се фаворизира како најдобра квота која би им помогнала на малите партии, тогаш оваа е идеална за нашите услови за кои партиите се залагаат. Кога би ја применувале ХАРЕ КВОТАТА и тоа со 6 изборни единици на последниот изборен циклус тогаш ги имаме следниве резултати:

Edna izborna edinica manipulacija so izbirackoto telo ili realna sansa za malite partii 2

Од овој табеларен приказ, можеме да дојдеме до друг заклучок што ни кажува дека водечките коалиции можат да изгубат и повеќе од еден пратеник (Коалицијата ,,Можеме“, Обнова на Македонија, ДУИ и АА и А), додека ДПА и Левица да се искачат за 1, односно 4 пратеника. Случајот со Интегра е ист како од претходниот пример, која исто така би влегла со еден пратеник.

Според овие резултати, може да се согледа пад на пратеничките места кај водечките партии за сметка на помалите. Навидум разликата не е голема, но сепак ова може доста сметки да помати при составање на Владина коалиција.

Отворени наспроти затворени листи

Паралелно со предлагањето на една изборна единица, предложено е и воведување на отворени листи за бирање на пратеници во Собранието, наместо моменталните затворени, каде што гласаме за партиски листи, а според математичка формула во Собранието, најчесто влегуваат оние што се ставени во врвот. Отворена листа значи дека гласачите можат да гласаат за оној кандидат за пратеник за кого тие сметаат дека е најдобар, без разлика на кое место на гласачкото ливче се наоѓа таквиот кандидат. Во постојниот систем имаме затворени листи кадешто гласачите гласаат за една партија или коалиција и со тоа немаат можност да преферираат одреден кандидат од истата партија.

Со сегашниот изборен модел, на крајот на изборниот процес, пратеници стануваат само оние кандидати кои се највисоко на листата и во зависност од освоените гласови на партијата. Од друга страна, во моделот со отворени листи, пратеници стануваат оние кандидати кои добиле најмногу поединечни гласови од гласачите. Накратко, отворените листи значат поддршка за личност, а затворените генерална поддршка за партија. Со вовеувањето на оваа промена, демократијата би добила еден голем плус, бидејќи секој избирач ќе може точно да гласа за кандидатот што најмногу му се допаѓа без разлика на тоа под кој реден број е на избирачката листа.

Министерот Маричиќ, отворените кандидатски листи ги најави како чекор напред кон промена на Изборниот модел и воведување една изборна единица. Политичкиот аналитичар Сефер Селими и Универзитетскиот професор Никола Дујовски, иако се залагаат за отворени кандидатски листи, сепак сметаат дека предлогот за една изборна единица заедно со отворени листи е невозможен, бидејќи, во тој случај, секоја партија ќе поднесе листа со 120 кандидати и на тој начин гласачот ќе се соочи со огромен број кандидати. Тие сугерираат да има една изборна единица, но за да има отворени листи би требало да се направи некаков хибриден модел со преференцијално гласање.

Каде е и тука проблемот?!

Сето ова изгледа премногу демократски и убаво за читање, но и тука има голем проблем. Знаејќи ја политичката култура во нашата држава и начинот на гласање на избори, како и брзината на пребројување гласови и објавување резултати, ваквиот начин на гласање би довел до уште помала излезност на граѓаните на избори поради комплицираност на начинот на гласање.

Зголемениот број на пратеници од помалите партии во Собранието за сметка на поголемите, во секој случај, би бил позитивен двигател на политичката состјба во Македонија. Но, доколку е неизбежно менувањето на изборниот законик, во моментов идеално би било во сценарио со 6 изборни единици, да се користи Харе квотата како математичка формула за пресметување на бројот на пратеници и затворени листи.

Од друга страна, резултатот на најавените промени во изборниот законик (една изборна единица и примена на Донтовиот модел), би довел до формирање на крајно нестабилна коалициска Влада (како на пример во Италија пред неколку години), а ние како држава, ни малку не сме спремни за таков кошмар во политиката.

 

*Димитар Христов е дипломиран политиколог, и студент на постдипломски студии на насоката ,,Применета политика и политички систем“ при Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.