Пишува: Џастина Никсон-Сентил
Климатските промени несомнено се главниот предизвик на денешницава, но нивните последици не се распределени рамномерно.
Како во развиените земји, така и во земјите во развој, деградацијата на животната средина повеќе ги погодува заедниците кои се маргинализирани поради нивната раса, етничка припадност, религија и сиромаштија. Во повеќето земји, овие заедници веќе се соочени со нееднаквости наметнати од системот, како што се недостигот на вода и поголема изложеност на загадување и екстремни временски настани – а сето ова е влошено со климатската криза.
Многу добро ми е позната таа реалност. Кога бев дете, моето семејство имаше фарма на Доминика, мала карипска островска држава која секоја година се соочува со закана од урагани. Само една тропска бура беше доволна за да се уништат електричните мрежи и да се уништи целата жетва, уништувајќи го и изворот за егзистенција на мештаните.
Според Светската банка, климатските катастрофи носат сиромаштија за 26 милиони луѓе годишно. Со оглед на тоа што најсиромашните луѓе во светот често зависат од земјоделството – сектор кој многу зависи од поволни временски услови – за да заработат за живеачка, итно им е потребен пристап до технички, финансиски и институционални ресурси за да се подготват и да одговорат на сѐ почестите и поинтензивни екстремни временски настани.
Технолошкиот сектор има капацитет да изнајде нови климатски решенија и би можел да ги обезбеди потребните алатки за да ги разбереме, ублажиме, па дури и да ги отстраниме штетните ефекти од глобалното затоплување. Всушност, справувањето со долготрајните еколошки неправди бара од овие компании да ги стават најновите и најефективните технологии во рацете на оние кои се во првите борбени редови во климатската криза.
Особено алатките што ја користат моќта на вештачката интелигенција би можеле да понудат досега невиден пристап до точни информации и предвидувања, овозможувајќи им на заедниците да извлечат поуки од климатските предизвици и паралелно со тоа да се приспособат на предизвиците. IBM Sustainability Accelerator, кој го промовиравме во 2022 година, е водечка алатка во оваа област и го поддржува развојот и проширувањето на капацитетите на проекти како што е апликацијата Deltares Aquality, алатка што користи вештачка интелигенција и им помага на земјоделците да го проценат и подобрат квалитетот на водата.
Како резултат на тоа, земјоделците можат поодржливо да одгледуваат култури, да го спречат загадувањето од истекување и да ја заштитат биолошката разновидност.
Треба да ги земеме предвид и предизвиците со кои се соочуваат малите земјоделци, како што се зголемените трошоци, тешкотијата да им конкурираат на поголемите производители кои имаат подобри алатки и технологија, и, се разбира, разорните последици од климатските промени врз биодиверзитетот и долгите периоди на неменливи временски услови. Точните информации, особено за условите на почвата и достапноста на вода, можат да им помогнат да ги решат овие проблеми, но во минатото било тешко да се добијат.
Може да замислиме ситуација во којашто регионални јавни службеници во некоја земја во развој користат алгоритам за машинско учење за да го предвидат идниот раст на населението и соодветната промена во побарувачката на енергија, користејќи временски и просторни податоци. Со овој прогнозирачки модел, креаторите на политики би можеле да ја оптимизираат енергетската мрежа на земјата, пренасочувајќи ја енергијата таму каде што ќе биде најпотребна. Тоа е нешто што ние денес го поддржуваме.
Со развивањето мобилни апликации и виртуелни асистенти кои користат вештачка интелигенција и со овозможување нивна широка примена се промовира правичен пристап до податоци и технички информации. Со многу прецизни временски прогнози, напредни агрономски техники и пресметки за јаглеродниот отпечаток, како и други предвидувања генерирани од вештачката интелигенција, малите земјоделци можат да стекнат поголема климатска отпорност и да го зголемат производството и приходот, со побрзо приспособување на променливите услови и поодржливо управување со посевите.
Меѓутоа, нема да се реши проблемот ако само им се предадат овие алатки на обесправените заедници – апликациите сами по себе не се лек за климатската неправда. За успешно да се имплементира технологијата заснована на вештачка интелигенција, технолошките компании мора да бидат подготвени да споделат знаење со корисниците, вклучително и инструкции за тоа како да се направат мерења од кои ќе произлезат податоци.
Тие мора да го опфатат и градењето вештини за корисниците да можат да соработуваат независно меѓу себе и да бараат повратни информации од земјоделците и другите корисници. За таа цел, чет-бот со вештачка интелигенција што ја автоматизира размената на прашања и одговори може да помогне да се сведат на минимум предизвиците при обучување на корисниците, додека се демократизира пристапот до информации.
Како што компаниите развиваат решенија кои користат вештачка интелигенција, исто така треба да ги поддржуваме локалните технолошки фирми и развивачите на апликации, бидејќи тие се во најдобра позиција да обезбедат исползување на овие алатки.
Освен полесен пристап до новите алатки кои користат вештачка интелигенција, технолошката заедница, заедно со невладините организации, владите и меѓународните агенции, може да помогне во изградбата на правична иднина и поголема отпорност на обесправените заедници преку обезбедување обука за техничките вештини и знаења потребни за еколошки работни места. Како што се забрзува преодот кон глобална економија со ниски јаглеродни емисии, се предвидува дека побарувачката за таканаречените „зелени вештини“ ќе ја надмине понудата.
Подготовката на работниците за работните места во иднината, во комбинација со широкото усвојување нови технологии, ќе ја зајакне отпорноста на климатски промени, особено во економиите во развој.
Сите ние – поединци, корпорации, организации и влади – заедно ја носиме одговорноста да се справиме со сè посериозните закани за животната средина. Технолошките фирми, особено, мора да насочат повеќе ресурси за борба против глобалното затоплување. Тоа значи да се инвестира во развој и имплементација на алатки со вештачка интелигенција и да се обезбеди пристап до нив за оние на кои најмногу им треба.
Изнаоѓањето климатски решенија – и постигнувањето еколошка правда – зависи од мобилизацијата на експертизата од приватниот сектор за општото добро.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.