[Став] Економската криза ќе не’ направи еколози

Пишува: Бранко Прља

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто. Пред се, како да бидеме поскромни, да размислуваме за ресурсите, нивното распределување, за алтернативни начини на транспорт, производство, одржување на домаќинствата и благосостојбата на семејството.

Во целиот овој процес, стануваме поодговорни жители, поеколошки индивидуи и помалку водени од материјализмот и консумеризмот во еден свет кој предолго не учел да размислуваме водени од овие две премиси. Светот се менува, а и ние со него.

Економската криза е секако лоша, но може да биде и добра за вашето здравје

Економската криза не е добра работа, напротив, таа може да доведе до многу негативни последици во едно општество. Но, конкретно, гледано од аспект на екологијата, таа може и позитивно да се одрази. За тоа има многу примери.

Кога настапи големото покачување на цената на горивата на улиците на нашиот град веднаш се забележа промена. На улиците, крстосниците и патиштата одеднаш се движеа помалку возила. Се разбира, ова е повеќе „муабет“ по социјалните медиуми, отколку некоја статистика или истражување. Сепак, ние не сме исклучок од светот. Според анкетите и според реалната состојба – едно од решенијата, најочигледното, за заштеда на горивото е – помалку возење!

Решенијата се различни: повеќе пешачење, повеќе возење велосипед, електрични скутери или возила, користење јавен сообраќај, планирање на обврските (на пример, кога одите во супермаркет кој е подалеку – купувате повеќе работи) итн.

Идеи можат да се добијат и од социјалните медиуми, на пример од групата „И јас одам со велосипед на работа“ но, освен граѓански иницијативи како извонредните „На точак“ и индивидуални заложби, потребно е и државата да се вклучи активно во поттикнувањето на алтернативните начини на транспорт. Заложбите околу Скопје Велоград вродија со плод, но уште треба да се работи.

На пример, ако сте велосипедист од Драчево, вие сте отсечени од другите населби, и не само тоа. Во Драчево поради тесните коловози, тротоари со паркирани автомобили и непостоење (ниту 1 метар!) велосипедски патеки, возењето велосипед е не само непрепорачливо, туку и опасно!

Помалку консумеризам, повеќе екологија

Како што е забележано на почетокот на претходната светска криза – здравствената, откако настапи пандемијата на многу места кои биле сметани за најзагадени, загадувањето се намалило.

Живееме во ера на претеран консумеризам. Океанитеземјатаводитевоздухот се загадени. Не постои дел од земјината топка каде што човекот нема оставено свој печат на уништување и загадување. Парадоксално, најголемите производители на отпад се најбогатите земји, оние кои најмногу се залагаат за екологијата, а сето тоа завршува во најсиромашните земји.

Се разбира економската криза нема да им помогне на овие земји, но можеби барем помалку отпад ќе завршува во нивната природа. Кај нас состојбата е слична. Нашата земја е помеѓу најсиромашните во Европа (според БДП), ние сме увезувачи на странски отпад и сомнителни суровини, нашата природа се уништува на секој чекор (понекогаш и во името на обновливата енергија), од депонии, преку загадување на реките, до неселектирање и немање ефикасен систем за рециклирање. Примери има уште многу, а сето тоа оди паралелно со безумниот и непромислен консумеризам.

Реакциите на законот за забрана на пластични кеси по социјалните медиуми беа едни од најголемите и најбучните. Додека во групите како „Кеса не благодарам, торба си носам“ членовите се бореа за забрана на пластичните кеси, повеќето од воините по социјални медиуми се бунеа за „правата на кесите“. Каков парадокс. Потоа, како дополнување на парадоксот, настапи сечењето на дршките на кесите и на крај само големите супермаркети се придржуваа до законот, додека пазарите и помалите продавници се уште масовно ги употребуваат пластичните кеси.

Сепак, една од првите работи кои ги видовме по воведувањето на овој закон е намалувањето на пластичните кеси во „слободен лет“ по улиците (што е, повторно, само „муабет“). Со целосната забрана на пластиката за еднократна употреба многу помал дел од неа ќе завршува во природата и на депониите (да не заборавиме дека таму не исчезнува, туку се гори или претвора во микропластика).

Како да живееме попаметно и поскромно, а да добиеме повеќе?

Кризата треба да не научи дека не можеме да зависиме од необновливите извори на енергија, дека мораме да бидеме независни, самоодржливи и како држава и како индивидуи, зашто првата посериозна криза ќе не столчи економски. Белким, не е предоцна!

На пример, едно домаќинство може да се снабдува со електрична енергија од фотоволтаични панели во текот на целата година, преку користење на кредити кои се заработени во летниот период. До неодамна кај нас ова беше невозможно, но по последните вести, иако со се уште несигурни чекори како на штотуку родена срна, работите почнуваат да се подобруваат.

Се размислува, исто така, и за енергетски ефикасни домови, што е светски тренд и секако би било добро да го следиме. Се чини дека ни е уште рано да размислуваме за живеење во согласност со природата и таканаречен концепт за пасивни живеалишта, но на добар пат сме.

Во светот се оди и неколку чекори понатаму со таканаречени пасивни куќи. Замислете, постои куќа на Алпите која се грее само и исклучиво од енергијата на сонцето. Без панели, само со помош на големи прозорци. Или куќа во Шпанија која е изолирана со природен материјал (плута) и нема потреба од климатизер! Исто така е интересен и концептот Earthship кој подразбира живеење надвор од мрежата“.

Генијално, нели? Но, природата го прави истото веќе долго време. Се што треба е да погледнеме таму за инспирација. Мравките живеат на планетава околу 150 милиони години и во нивните мравјалници користат природен систем на вентилација.

Што можеме да направиме лично за справување со кризата?

Кризата не зависи од обичниот граѓанин, всушност тој може да стори многу малку за да влијае на неа. Но, може да стори многу за да си помогне себеси.

Некои од работите кои веќе ги напоменавме се заштеда на транспорт и градење (или инвестиција во реновирање) одржливи домови. Со ова придонесуваме за помала потрошувачка на енергијата не само во сопствениот дом, туку и во сопствената држава. Државата помалку ќе произведува енергија (а кај нас знаеме дека најголем процент од енергијата доаѓа од валкани извори), и помалку ќе увезува и троши.

Кој има можност може да одгледува растителни култури, пилиња или друга живина. На тој начин помалку ќе зависи од индустриското производство. Веганите одамна ги имаат изнесено аргументите против јадењето месо и тоа колку прехранбената индустрија за месо загадува.

Аргументот секако е валиден, но честопати се заборава и тоа дека и индустриското земјоделство загадува во иста, ако не и во поголема мерка. Умните луѓе (а ги има и кај нас), знаат дека органското производство, не само што може да биде исплатливо, да ги задоволи потребите на населението, туку е добро и за нас самите и за околината.

Правењето зимници е заборавена „уметност“ на претходните генерации, но време е да се врати! Не само што заштедувате средства, туку е и поздраво (знаете што ставате во тоа што го јадете), а готвењето дома е многу поевтино, отколку да купувате или нарачувате храна.

Постојат уште многу совети за еден поскромен, посвесен, посовесен начин на живот и тие можат да се најдат на интернет и во разговорите со одговорните произведувачифирми и поединци. Но, тоа е веројатно тема за некоја друга прилика.

Шанса за природата да здивне

Економската криза е секако лоша, но може да биде и добра за екологијата. Преку помала побарувачка и помало индустриско производство, до користење на еколошки варијанти за превоз (да не ги заборавиме и електричните возила) природата се обновува. Се намалува загадувањето на воздухот, водата, почвите и океаните. Со инвестирање во обновливи извори на енергија се намалува зависноста од државата и се намалува теретот врз неа, а со енергетски ефикасни домови се заштедуваат енергенсите.

Секој од нас може лично да инвестира и да работи на самоодржливоста, да одгледува храна ако има можност, да готви дома и да подготвува зимници. Сето тоа вклучува помалку пакувана храна, помалку правење отпад и поздрав живот. Придобивките на еден внимателен и одговорен живот се многукратни, како за индивидуата, така и за државата, особено во време на економска криза.

*Бранко Прља е член на ДПМ (Друштво на писатели на Македонија) и на ЗНМ (Здружение на новинарите на Македонија). Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на порталот arno.mk, како и на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“ преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.