Прекуграничниот енергетски пазар на Европа мора и понатаму да остане отворен, а Европската Унија треба да ја искористи својата пазарна моќ кога ќе набавува гас од трети земји. Меѓутоа, ако не постојат координирани национални стратегии за управување со кризи, реакцијата на регионот кон енергетската криза набрзо може да стане самоуништувачка.
Енергетската криза, а особено недостигот на гас поради прекинот на испораките од Русија, ја втурнува Европа во рецесија и предизвикува социјални тензии и конфликти во однос на дистрибуцијата. Владите на европските земји забрзано се во потрага по начини да ја смират ситуацијата, но во тоа ќе успеат само ако соработуваат меѓусебно. Прекуграничниот енергетски пазар мора и понатаму да остане отворен, а Европската унија треба да ја искористи својата пазарна моќ кога ќе набавува гас од трети земји.
Меѓутоа, ако не постојат координирани национални стратегии за управување со кризи, реакцијата на Европа е можно да се претвори во самоуништувачка трка во субвенции.
Наглото зголемување на цените на енергијата ги намалија и производството и потрошувачката, а домаќинствата реагираат на зголемените трошоци преку намалување на своите други трошоци. Некои веќе ги повлекуваат заштедите, но повеќето други не сакаат да ги чепкаат своите резерви затоа што мислат дека можеби ќе им затребаат. А други, пак, немаат никакви заштеди.
Зголемените цени на бензинот имаат централно место во оваа криза, бидејќи тие влијаат не само на сметките за греење, туку и на индустриското и производството на електрична енергија. Во услови кога електричната енергија е многу баран ресурс, обновливите извори на енергија, јагленот и нуклеарната енергија едноставно не се доволни за задоволување на таквата побарувачка. Со оглед на тоа дека најскапата активна централа за производство на енергија ја определува цената на електричната енергија, повисоките цени на бензинот исто така влијаеја на нагло зголемување на електричната енергија – овие два ресурси се зголемија приближно за десет пати во периодот помеѓу јануари 2021 и септември 2022 година.
Длабочината на економските и социјални превирања многу ќе зависи од тоа на кој начин ќе реагираат државите. Тука се можни два пристапи. Првиот е директно да се интервенира во енергетските пазари во обид да се намали цената на електрична енергија, гасот и нафтата преку намалувања на даноците или со субвенции. Пример за оваа опција е субвенционирањето на гасот кој се купува од нејзиниот електроенергетски систем.
Другиот пристап е да се воздржиме од интервенирање во цените, и наместо тоа да се фокусираме на давање помош на оние домаќинства кои имаат ниски приходи или на најзасегнатите фирми преку овозможување на паушални трансфери. На прв поглед, првиот пристап се чини дека е поефективен, а исто така е и привлечен за политичарите кои сакаат да создадат впечаток дека директно се занимаваат со ова прашање. Но, тука имаме два недостатоци.
Прво, пониските цени на гасот, електричната енергија или нафтата се корисни за оние кои трошат најмногу енергија, што значи домаќинства со повисоки приходи, поголеми домови и поголеми автомобили. Не само што оваа група може да ги поднесе повисоките цени без да добива помош туку исто така ќе биде онаа која секако ќе плати за субвенциите, и тоа преку даноците кои државата ќе треба да ги воведе за да ги сервисира дополнителните долгови што ги има преземено.
Вториот и поважен проблем е тоа што субвенциите или даночните намалувања ќе ја поддржат побарувачката така што ќе ги ослабат стимулансите за намалување на потрошувачката на енергија. Притоа, бидејќи енергијата реално стана ретка, ваквата зголемена побарувачка ќе се соочи со непроменета понудувачка, а цените ќе мора да се зголемуваат сè додека не се поклопат понудата и побарувачката. Како резултат на тоа, значителен дел од субвенциите или од намалувањето на даноците ќе „тече“ во насока на овозможувачите на енергија, наместо во насока на потрошувачите.
Оваа неусогласеност е особено проблематична кога станува збор за пазарот на гас, а уште повеќе кога се осмислуваат и имплементираат субвенции на национално ниво. На крајот на краиштата, поради капацитетите кои ги имаат терминалите за течен природен гас, снабдувањето со гас во Европа не е особено флексибилно.
Ако една земја-членка ги намали домашните цени на гасот со употреба на субвенции, а другите држави не направат ништо, цената на гасот ширум Европа малку ќе се зголеми, но значително повеќе гас ќе „тече“ кон државата што ја плаќа субвенцијата, лишувајќи го така остатокот од Европа од таквата понуда.
Згора на тоа, ако сите земји постапат на овој начин, тие ќе се најдат во трка за субвенции од која никој нема да има полза. Ако количината на гас што е достапна во Европа оваа зима не може да се зголеми со понуди кои имаат повисоки цени (затоа што едноставно повеќе нема понуда), воведувањето субвенции ќе ја зголеми цената соодветно на износот на субвенцијата. Тоа ќе биде исто како самите влади да им префрлиле државни финансии директно на производителите на гас, како подарок, и притоа потрошувачите нема да добијат никакво олеснување.
Постоењето на политика што се ограничува само на субвенционирање на посиромашните домаќинства и на фирмите кои се најзасегнати би ги избегнала овие два проблеми, и притоа ќе им овозможи помош на оние на кои истата навистина им е потребна. За жал, поради шокот предизвикан од зголемените цени на енергијата, државите се соочуваат со зголемен политички притисок да интервенираат директно со цел да ги намалат цените. Повеќето од овие дебати на национално ниво не ги земаат предвид пошироките импликации на таквите политики.
За да бидат работите уште полоши, ефектите од субвенциите кои ќе се прелеат преку границите ќе се измешаат со други мерки кои се итно потребни. На пример, еден ефикасен начин за стабилизирање на пазарите на гас и електрична енергија е повторното активирање на електраните на јаглен и нафта кои во моментов не се во функција и продолжување на животниот век на нуклеарните централи. Тоа би ја намалило количината на гас која е потребна за производство на електрична енергија, од што корист би имала цела Европа а не само земјата која би дејствувала во таков случај.
Ефективното управување со енергетската криза бара координација на европско ниво. Ако секоја земја дејствува самостојно и со земање предвид само на своите интереси, Европа ќе помине многу полошо, без вистинска причина за тоа.
Авторски права: Project Syndicate, 2022. www.project-syndicate.org
*Клеменс Фуест е претседател на Институтот IFO, и професор по економија на Универзитетот во Минхен.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.